Тој шарен свет

Редовните посети на продавниците за обувки и за облека, која многу брзо станува претесна и прекратка, се вообичаени случувања во текот на пубертетот.
Во тинејџерскиот период децата многу брзо ја достигнуваат својата висина што ќе ја имаат како возрасни. Во периодот на најбрзото растење, момчињата можат да се извишат до девет, а девојчињата до осум сантиметри годишно. Затоа, не е чудно што тинејџерите понекогаш изгледаат по малку несмасно. Нивното тело расте во височина со брзина што нивниот мозок едноставно не може да ја следи.

Однадвор кон внатре

Нема да верувате, ама лекарите велат дека растењето почнува однадвор кон внатре. Дланките и стапалата се првите што растат и се шират. Потребата за нови чевли е прв знак на „проблемот“. Следни се рацете и нозете, кои стануваат подолги, па така, и во овој случај важи правилото „однадвор кон внатре“. Коската на листот на ногата се продолжува пред бутната, а и делот на подлактицата на раката расте побрзо од надлактицата. Најпосле расте ’рбетот. Последната експанзија е ширење на градниот кош и на рамената кај момчињата и проширување на колковите и на карлицата кај девојчињата.

Експлозија на хромони

Забрзаното зголемување на висината е знак дека тинејџерот доживува пубертет. Растењето и кај момчињата и кај девојчињата поттикнува зголемено ниво на сексуалниот хромон тестостерон, а тој, пак, го поттикнува развојот на сексуалните органи.
Всушност, односот меѓу развојот на скелетот и пубертетот се толку јаки, што развојот на тинејџерите може да се мери со набљудување на комплетниот развој на коските на дланката и на зглобовите.

Вистински момент

Ниеден тинејџер не сака да се развие пребрзо или да заостане зад другите. Всушност, голем број од нив растат порано или подоцна од просекот и тоа е сосема нормално.
Едно просечно момче расте најбрзо меѓу 15 и 17 години, а девојчињата почнуваат да растат порано. Нивниот раст е најинтензивен меѓу 12 и 13 години. Девојките исто така и порано го завршуваат своето растење – на 18 години. На момчињата им се потребни уште две години пред да завршат со растењето, околу 20-та година.


Скалила од зборови и мечти

Клинците од мојата улица

Детството го
прелетуваат
на крилати ати.
Чиниш, сказна
од сребрени
ѕвончиња ѕвони…
А, секој од нив
во улица има
своја принцеза.
Соњче, Љупка
или Тереза…

По некое
непишано правило,
катадневно
тука, на скверот
наминуваат.
Со тротинет
ролерки
или сличен
некој хит.

И само за миг,
мисли
несетен од некој,
ќе фрли поглед скрит
на својата принцеза,
па,
книжулче едно
ќе ѝ тутне в рака,
стопати препишувано,
чкртано,
одново пишувано…

Ах,
Колкава мака!

А,

Тајната
и врапците веќе ја знаат:
Некој некого сака….
Некој некого сака…

Има едно време

Има едно време
на чудни збунувања,
на скриени погледи
и детски љубувања.

Има едно време
на тивки шепотења,
на таинствени
сонувања
и роденденски
бакнувања…

Ќе подадеш рака,
на дланката цвет,
во очите љубов,
во градите трепет.

Ќе уловиш поглед
и насмевка скрита,
и љубов
и немир
во очите
читаш…

Има едно време
на бегање
од часови….
Миженки
и криенки
по ходници скрити.

Има едно време
на детски љубувања
и влечење
за плетенки вити…

Соња Драгољуб
Гиздавиќ
(Од збирката
„Љубовта
од седмо – три“)