„Нова Македонија“ како одговорен весник кон своите читатели и граѓаните, направи статија чија цел е да превенира и предупреди за несаканите последици што може да се случат по најавата на голем број граѓани, преку социјалните мрежи, дека ќе бидат отсутни од своите домови за време на претстојните велигденски празници. Нашето истражување за претходните години регистрира дека за време на ваквите празници, а и за време на годишните одмори, граѓаните сѐ помасовно на социјалните мрежи најавуваат каде се, што прават, како ги минуваат празниците… Токму таквата појава ја следат криминалните групи и поединци, по што тие многу полесно реализираат провални кражби во празните куќи и станови.
Во текстот што следува, нашиот весник со соодветни и практични совети сака да им помогне на своите читатели на најдобар можен начин да се заштитат себеси и своите домови од несакани последици. Токму затоа и овој пат направивме анализа за тоа на што треба да внимавате за време на претстојните празнични денови

ПРЕД ПРЕТСТОЈНИТЕ ВЕЛИГДЕНСКИ ПРАЗНИЦИ, НА ШТРЕК ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА СВОЈОТ ИМОТ

На самиот праг на велигденските празници, кога многумина заминуваат на првото пролетно кратко патување во туристичките центри во земјава и во странство, се отвора шанса за криминалците што пустошат со кражби во куќи и станови токму во ваквите за нив згодни пригоди. Празните куќи и станови, како и објавите на социјалните мрежи за празничното заминување, претставуваат директна „покана“ за криминалците да влезат во празните објекти.

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ: СЛЕДУВА И ПРАЗНИЧНА КРИМИНАЛНА ТРЕСКА!

Споениот празничен викенд што ни претстои за време на велигденските празници и најавеното убаво време за време на продолжениот викенд ги натераа граѓаните по долгогодишната ковид-изолација да се размрдаат и да резервираат сместување во околните туристички локации во земјава и во странство.
Дополнително, објавувањето на социјалните мрежи е покана плус за крадците да дознаат кој каде и колку време заминува, па речиси и на „отворени“ врати да си влезат и слободно да крадат од многу приватни објекти.
Овој проблем е доста голем и сериозен за полициските власти во земјава, бидејќи постојано се повторува за време на поголемите празници. Слично беше и за новогодишните празници, кога дури и европските полициски власти објавуваа апели да се внимава и да не се споделуваат секакви информации на социјалните мрежи.

Светските криминолози, според долгогодишните анализи на криминалните дела реализирани при поголеми празници и споени неработни денови, велат дека криминалците се многу пософистицирани, па како што ние ги користиме социјалните мрежи, исто така ги користат и тие за да набават информации за на најлесен начин да го соберат својот плен. Бидејќи изминатите две-три години беа поминати од многумина во изолација поради коронавирусот, па дружбите и прошетките беа оставени за некои поубави времиња, кои, за среќа, полека пристигнуваат, факт е дека криминалците и за претстојните велигденски празници ќе имаат полни раце работа.
– Најважното нешто што за секој празник мора да го направите е да не објавувате каде ќе заминете, ниту со кого, ниту на колку време, бидејќи тоа важи директно како покана за несакани гости, односно крадци што ќе ви направат непоправлива штета на имотот и она што го поседувате. Социјалните мрежи се користат и од страна на криминалците, па можно е меѓу своите пријатели да имате и криминалци што ќе ја искористат пригодата да ве ограбат додека вие не сте дома – велат многубројните студии.

УШТЕ ЕДНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: НЕ ЗА АЛКОХОЛОТ ВО КОМБИНАЦИЈА СО УПРАВУВАЊЕ ВОЗИЛО!

Велигден е празник на кој по четириесетдневните пости, многумина се опуштаат и консумираат повеќе храна и пијалаци отколку што е потребно. Токму од таа причина, како и секоја година, така и оваа, очекувано е да се евидентираат поголем број случаи алкохолизирани лица, кои, секако, претставуваат опасност во сообраќајот поради неможноста рационално да се однесуваат.
Па, така, на овие денови, на излетничките места, каде што доколку е убаво времето, ќе се прават скари и разни собиранки, сосема е можно и очекувано да се случуваат тепачки и расправии.

Ништо подобро нема да биде ниту состојбата во сообраќајот, за која речиси секојдневно се пишува во полициските билтени. Ако во најобични денови полицијата успева да открие и санкционира околу 200 пијани возачи, при споениот и неработен викенд очекувано е оваа бројка да се дуплира. Колку само за пример, вечерта на 16 и 17 април, на територијата на целата држава се санкционирани дури 175 возачи што возеле автомобил под дејство на алкохол.

Токму затоа пред речиси секој празник, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува многубројни апели до сите учесници во сообраќајот, а особено до возачите, да бидат внимателни и одговорни.
– Пред нас се денови на празници, неработни денови и продолжен викенд, кој најчесто се користи за патување, излети во природа и дружење со семејството и пријателите. Искуствата од минатите години покажуваат дека за време на празници, особено за време на продолжен викенд, многу често се случуваат сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици.

Последиците и загубите од сообраќајните незгоди се премногу сериозни, фатални, трајни и ненадоместливи за да може кој било да си дозволи неодговорно учество во сообраќајот. Бидете одговорни учесници во сообраќајот и на тој начин ќе придонесете доброто празнично расположение да остане, да биде присутно и да продолжи и по празниците.

Во сообраќајот нема мали и големи грешки. Секое непочитување на сообраќајните правила и прописи може да заврши со сериозни и фатални последици, затоа возете одговорно и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, почитувајте ја поставената сообраќајна сигнализација, не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол, почитувајте ги правилата за ограничување на брзината и задолжително ставете појас – се препораките што секогаш, а особено пред празнични денови, ги упатуваат од РСБСП.