
Со години, а особено засилено во последните три децении, се одвиваше тивок процес на декапитација на ООН, ОБСЕ и на сличните меѓународни организации така што помоќните земји по потреба ги инструментализираа како свои алатки, во функција на свои потреби, игнорирајќи го меѓународното право. Се диктираа резолуции, одлуки, санкции и слични акти, но истовремено се игнорираше каква било одлука на овие организации ако не беше по волјата на големите сили. Сега, веќе е преочигледно дека меѓународните мултилатерални организации, скроени да креираат мир, стабилност и просперитет на нациите во светот, се во длабока неволја и им треба спас или здраво реструктурирање…
Мировните преговори за Украина исфрлија на површина колосален глобален проблем при воспоставување на светскиот мировен поредок
Вниманието на светската јавност деновиве целосно е насочено кон процесот за ставање крај на тригодишниот руско-украински конфликт, во кој во главна улога на посредник меѓу завојуваните страни и на конструктор на идното мировно решение се јавува исклучиво американскиот претседател Доналд Трамп.
Имено, Трамп најпрво го преговараше мировниот проект подготвен од неговиот тим со неговиот руски колега Владимир Путин на состанокот на Алјаска, а дури потоа тој им беше презентиран на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на водечките европски челници.
Она што особено паѓа во очи е дека се работи исклучиво за лична иницијатива на Трамп за прекин на еден голем конфликт на европско тло со потенцијал да се развие во светска војна, при што во целата приказна никаде ги нема Обединетите нации, ОБСЕ и другите меѓународни организации, кои на некој начин требаше да бидат гаранти на светскиот мир. Таквиот индивидуален пристап на американскиот претседател сега ја наметнува клучната дилема, која е улогата на ООН, ОБСЕ и на слични организации кога одлуките за мир или војна ги носат големите сили на средби лице в лице.
Постепена инструментализација на ООН и ОБСЕ
Со години, особено поинтензивно во последните три децении, се одвиваше тивок процес на инструментализација на ООН, ОБСЕ и на сличните меѓународни организации така што помоќните земји по потреба ги користеа како свои алатки. При таквиот пристап се диктираа резолуции, одлуки, санкции и слични акти, но истовремено се игнорираше каква било одлука на овие организации ако не беше по волјата на големите сили.
Многу војни беа започнати по нарачан диктат во Советот за безбедност на ОН, по вешто фингирани извештаи на ОБСЕ и слично само затоа што некои центри на моќ имаа одредени интереси во некои региони.
Големите сили целосно ги игнорираа ОН и при нападите врз поранешна СР Југославија, врз Авганистан, Ирак, Либија и други земји, водејќи се исклучиво од сопствени интереси и измислувајќи наводни светски безбедносни закани само колку да ја оправдаат нелегитимната инвазија. Таквите преседани станаа пракса и затоа денес никој не се осврнува сериозно на овие организации, туку одлуките за светските проблеми се носат далеку од очите на јавноста, на своја рака и во директен договор меѓу големите сили.
Од тие причини никој повеќе не се осврнува на ОН, ОБСЕ, Советот на Европа и не очекува тие да бидат дел од решението, иако не се исклучува тие на крајот да бидат само меѓународноправен параван за она што претходно било договорено од страна на светските моќници.
Враќањето кон меѓународното право ќе го врати загубениот кредибилитет
За познавачите на меѓународните состојби изоставувањето на ОН, ОБСЕ и на другите организации од мировните преговори за Украина е јасна порака дека ваквите и слични организации ако скоро не се реформираат, едноставно повеќе се губи смислата за нивото постоење.
– Ако пред десетина години барем се глумеше некаква вклученост на ОН во процесите, сега отворено никој воопшто и не ги зема за сериозно. Последните месеци не сме слушнале ништо од генералниот секретар на ОН, едноставно замолче. Ова е одраз на воспоставувањето нов светски поредок, а во таквиот мултиполарен свет вакви организации воспоставени кон крајот на Втората светска војна едноставно не можат да одговорат на новите предизвици. Русија изврши агресија врз Украина користејќи го преседанот кога Западот ја бомбардираше СР Југославија без одлука на СБ на ОН. И штом еднаш се направи преседан, враќање назад нема. Потоа веќе никој не се осврнуваше на резолуциите на ОН, на извештаите на ОБСЕ, на одлуките на меѓународните институции. Замислете, Македонија доби пресуда на Меѓународниот суд на правдата, а Грција целосно го игнорираше тоа и ја продолжи блокадата врз земјава. Бугарија има еден куп пресуди од Судот за човекови права, не ги имплементира. Сите овие примери говорат дека има целосен колапс на кредибилитетот на меѓународните организации и институции, па затоа Трамп води индивидуален проект за ставање крај на војната во Украина. Утре и некој друг лидер на голема држава ќе може да си земе за право тој да одлучува за војна и мир, така што прашањето е до каде ќе нѐ одведе сето ова – посочуваат експертите.
Според нив, новиот свет бара и нови организации што ќе бидат функционални и кои доследно ќе го почитуваат меѓународното право.
– Потребна е реформа на ООН, на ОБСЕ, на сите други организации и тела за да се приспособат на новите светски состојби. Примарно за сите треба да биде почитувањето на меѓународното право за да се избегне каква било инструментализација од страна на големите сили. Истовремено, само со почитување на меѓународното право помалите земји може да се чувствуваат заштитени. Ако профункционира меѓународното право, тогаш и ОН и ОБСЕ и сите други организации ќе бидат кредибилни, ќе се почитуваат нивните одлуки, а шансите за долготраен светски мир и просперитет на човештвото ќе бидат многу пореални – заклучуваат соговорниците.