Фото: Игор Бансколиев

„Да живееш значи да се бориш: робот за слободата, а слободниот – за совршенството“, Јане Сандански

По повод 107-годишнината од смртта на великиот македонски водач

На 22 април се навршуваат 107 години од смртта на великиот македонски водач Јане Сандански, познат и како Пиринскиот Цар. Сандански останува запаметен во колективната меморија на македонскиот народ како еден од најголемите поборници на македонската државност, како и еден од најголемите заштитници на македонската национална самобитност. Поради своите идеолошки погледи, убиен е на 22 април 1915 година, а неговиот гроб се наоѓа до Роженскиот манастир во Бугарија. Секоја година на неговиот гроб се одржува традиционално семакедонско чествување. Остануваат запаметени неговите зборови: „Да живееш значи да се бориш: робот за слободата, а слободниот – за совршенството“.

Санданизам – кауза за остварување на македонските права

Јане Сандански се окружил со интелектуалци што ги согледале неговите лидерски способности и му помогнале во неговата ослободителна кауза. Меѓу најистакнатите негови приврзаници и соработници може да се набројат: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Стојо Хаџиев, Таската Серски, Димо Хаџи Димов, Павле Делирадев, Тодор Паница и многу други. Сите тие како верни поддржувачи на Јане остануваат запаметени како санданисти, а нивната идеологија како санданизам. Михаил Думбалков вели дека санданистите ја барале македонската слобода меѓу страниците на учените теоретичари на социјализмот, а Јане Сандански бил приврзаник на социјалфедеративно-републиканските погледи. Но ова искажување е само делумно точно. Санданизмот е трајно граден во свеста на македонскиот народ како кауза за остварување на елементарните македонски национални, културни и политички права.

Идеологијата на Јане Сандански

Христо Константинов вели дека историјата на Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода, историја на македонската борба по Гоце, на чии разбирања тој се јави „како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник.“ Константинов вели дека Сандански не е основач на главните идеолошки и политички линии на македонското движење – следење на внатрешниот карактер, самостојноста, државната обособеност на Македонија и борбата против завојувачката политика, но Сандански се пројавил како „најфанатичен приврзаник“ на македонската кауза.

Затоа не случајно, Хари де Винд вели дека Јане Сандански бил водач што се декларирал како легален претставник на Македонците, а неговата цел била создавање „независна држава“, која би влегла во една балканската федерација. Идеологијата на Сандански ја дознаваме и од неговото писмо од 1904 година, во кое се вели: „Не бугарска Македонија, туку ние сакаме Македонија за Македонците, Македонија ослободена од тиранијата.“

Сандански и неговите приврзаници имале јасен став за националната, политичката, културната и духовната посебност на Македонија. Ова го констатира и Тодор Александров во едно писмо од 1919 година, во кое се вели дека санданистите во минатото и сега, на бугарскиот народ му говорат и агитираат дека „треба да се бара автономија на Македонија, зошто таа е одделна економска и географска единица со одделен македонски народ, со своја историја низ вековите и за да не ги плаќа долговите на Бугарија, а некои од нив се закануваат и вака: ако по некое чудо биде дадена цела Македонија на Бугарија, ние ќе се бориме со оружје во рака, за да не го дозволиме тоа обединување.“


В недела Семакедонски собор во Мелник

На 17 април 2022 година, во Мелник, ќе се одржи Семакедонски собор во спомен на убиството на еден од великите македонски водачи Јане Сандански. На Семакедонскиот собор се поканети сите Македонци, пријатели на македонскиот народ и сите почитувачи на споменот на Сандански. Организатори на свеченоста се македонските организации во Бугарија, а предвидена е богата програма со македонски ора и песни. Семакедонскиот собор годинава се организира пет дена пред 107-годишнината од убиството на македонскиот војвода и водач на македонското револуционерно движење.