
Од наш агол: Изјавата на британскиот амбасадор Метју Лосон: „Тиранијата започнува од мали нешта и ако не се спречи, расте експоненцијално“
- Лондон се обидува да го прошири своето политичко влијание во мултиполарниот свет, но притоа има свои идеолошки принципи во пристапот со сојузниците. Во тој контекст, навистина е интересна последната изјава на амбасадорот Метју Лосон дека „Британија отсекогаш имала инстинкт да му се спротивстави на насилникот“…
- Многу префинета и во исклучителен момент беше дадена последната изјава на амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Метју Лосон, кој истакна во јавноста дека „Британија отсекогаш имала инстинкт да му се спротивстави на насилникот“. Изјавата беше лиферувана по потпишувањето на колосалниот договор од стратешка важност меѓу Британија и Македонија, а од друга страна, пак, беа обелоденети спротивставувањето, опструкциите, заканите и клеветите од страна на бугарските европратеници и Софија, кои го оспоруваа извештајот на Вајц во комисијата во Европскиот парламент што се однесува на македонскиот јазик и идентитет. Британскиот дипломат како да сакаше да го разбуди нашиот инстинкт и ние конечно и решително „да му се спротивставиме на насилникот“…
Обединетото Кралство во еден добар дел ја преобликува својата надворешна политика по напуштањето на Европската Унија, а оттука произлезе и т.н. концепт за „глобална Британија“. Оваа нова визија е насочена кон потврдување на историските традиции на Лондон како влијателен актер на глобалната политичка мапа: на економски, на дипломатски и на воен план.
Концептот глобална Британија
Неколку влијателни светски медиуми и релевантни аналитичари укажаа дека суштината на надворешната политика на Обединетото Кралство по брегзит се состои од редефинирање на нејзината улога во предворјето на реалното воспоставување на мултиполарниот свет преку „балансирање на глобалниот дострел со регионалната соработка“. Оттука Лондон се стреми да ги продлабочи врските надвор од Европа, особено со Индопацифичкиот Регион, а истовремено ги потврдува своите обврски кон НАТО и трансатлантските сојузи.
Концептот глобална Британија сигнализира дека Обединетото Кралство не се притаи во изолација по напуштањето на Европската Унија, туку многу проактивно дејствуваше и го препозна падот на ЕУ. Лондон го искористи времето и, според аналитичарите, „прифати поотворена глобално ангажирана улога“.
Од друга страна, исто така, многу експерти сугерираа дека Лондон треба да обрати внимание и на тоа да биде прагматичен решавач на проблеми, притоа тесно да соработува со одбрани европски партнери за прашањата од безбедносен и економски карактер, дури и надвор од рамките на ЕУ.
Со други зборови, Лондон по излегувањето од ЕУ е насочен кон повторно потврдување на своето влијание на светската сцена преку дипломатијата, трговијата и безбедноста, како и проширување на партнерствата надвор од Европа, особено во Индопацификот, Африка и во Америка.
Стратешкото партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија
Според добро упатени во оваа проблематика, Лондон во овој момент е насочен кон создавање пријателства и сојузништва преку „продлабочување на соработката со други држави во областа на безбедноста или економијата“, а во овој контекст треба да се разбере и стратешкото партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија.
– Секако дека Лондон сака да го прошири своето политичко влијание во новиот мултиполарен свет, но притоа има јасни идеолошки принципи во пристапот со потенцијалните свои сојузници. Таквиот нивен пристап е вообличен во една универзално прифатлива рамка, која содржи принципи за „зачувувањето на демократските вредности, слободната трговија, меѓународниот поредок базиран на правила… итн.“.
Токму во еден таков контекст, многу префинета и во исклучителен момент беше дадена последната изјава на амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Метју Лосон, кој истакна во јавноста дека „Британија отсекогаш имала инстинкт да му се спротивстави на насилникот“, токму тогаш кога се потпиша стратегискиот договор меѓу Британија и Македонија, а од друга страна беа обелоденети спротивставувањето, опструкциите, заканите и клеветите од страна на бугарските европратеници и Софија, кои го оспоруваа извештајот на Вајц во комисијата во Европскиот парламент што се однесува на македонскиот јазик и идентитет.
Така, британскиот амбасадор Метју Лосон по повод роденденот на британскиот крал, истакна дека Обединетото Кралство и Македонија го зајакнуваат своето партнерство преку нов Договор за стратешки инвестиции, особено во инфраструктурата, како и дека ова партнерство ќе поттикне британски инвестиции, кои далеку ќе го надминат досегашниот износ од две милијарди фунти годишно во билатерална трговија и инвестиции.
Тој исто така не заборави да каже дека британските писатели и уметници отсекогаш нè потсетувале на нашиот инстинкт да му се спротивставиме на насилникот!
– Знаеме дека ситното малтретирање и тиранијата се две страни на иста паричка. Тоа почнува од мали нешта и, ако не се спречи, расте експоненцијално, а тоа е уште една причина зошто Обединетото Кралство го зајакнува партнерството со Македонија – рече амбасадорот Метју Лосон.
Извонреден ветер во едра!
Според добро упатени, искажувањето на амбасадор Метју Лосон е јасна поддршка за нас, но и осуда за ирационалната политика на ЕУ и Софија кон Македонија. Да потсетиме, по независноста, македонската држава се соочи со блокади и вето што дојдоа од Атина поради нашето уставно име. Република Грција од позиција на сила и уцени успеа да го испроблематизира вклучувањето на Македонија во НАТО и ЕУ и успеа да го наметне Преспанскиот договор.
– Неколку аналитичари предупредуваа дека Брисел не треба да биде пасивен набљудувач во овој проблем бидејќи Грција е нејзина членка и да не дозволи да се случи преседан, односно да се дозволи Европската Унија да се злоупотребува за наметнување апсурдни барања. Бидејќи Брисел дозволи преседан, сега Софија од позиција на сила го попречува напредокот на Македонија преку апсурдни барања за кои нема гаранција дека ќе престанат по нивното исполнување.
Во овој контекст треба и да ја разбереме изјавата на амбасадорот Метју Лосон дека ситното малтретирање и тиранијата се две страни на иста паричка. Тоа почнува од мали нешта и, ако не се спречи, расте експоненцијално – велат нашите соговорници.