Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Прилеп, со отворањето на изложбата „111 години Аче“, вечерва, во 19 часот, во музејските простории на т.н. Бабанеделино училиште, ќе ја одбележа 111-годишнината од раѓањето на уметникот, самоук сликар Ѓорѓи Ачески-Аче. На изложбата ќе биде презентирана музејската збирка на цртежи, како и пишан материјал во ракопис и дела во сопственост на неговото семејство. Станува збор за 27 дела, цртежи што се билет за пропатување низ времето. Некои ќе се потсетат, а други за првпат преку овие уметнички дела ќе се запознаат со ликот на старата профана архитектура.
– Во делата на Ачески се „слуша“ мелодијата на уметниковиот порив и се гледа „танцот“ на неговата рака што со клечка натопена во туш, со леснотија на талентот, мајсторски со грациозност создава дело, нечија куќа, нечиј дом, нечиј дуќан. И оттука на белиот лист хартија започнува со цртање испишана приказна за некогаш и некаде, во нечиј двор, на некој прозорец, на една улица, овековечени сведоштвата за едно минато време со сосема поинакво лице. Ачески живеел за уметноста. Сите негови дела се резултат на неговиот нескротлив дух и талент од невидени размери, препознаен и високооценет и од тогашната критика. Талент чии двигатели биле трудољубивоста, упорноста, вербата и надежта, а пред сите нив неговата вљубеност во уметноста. И точно, во секоја повлечена линија се препознаваат жедта на Ачески и жарот со кој создавал и цртал, во едно време кога севкупните состојби и социјално-економските услови биле различни и малку потешки за афирмација на уметноста и уметникот. Тој живеел за да слика. Благодарение на неговата непоколеблива природа и упорност, по секое „не“ да продолжи како да не го чул, денес сме побогати со над 4.000 цртежи во кои се гледа документирано нашето минато и токму поради тоа истите тие од денешен аспект претставуваат историско сведоштво со културно и уметничко значење – вели кустоската Елизабета Д. Иваноска, историчарка на уметност.
Со отворањето на оваа изложба прилепскиот Завод и музеј ги започнува активностите за одбележување 70 години од постоењето на институцијата, во чии рамки во текот на годинава ќе следуваат и други настани.

Ка.М.