Во галеријата „Метаноја“ е отворена изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски-Цветин. На настанот учествуваше Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, а музичко-поетски перформанс имаа музичарот Никола Стојковски и актерката Арна Шијак.
За изложбата Коста Милков вели: „Низ долгите години на неговите заложби за мир, Живко Поповски-Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025, под име ’Цвеќе на мирот‘ по повод ’Денови на уметноста‘ во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“.
Живко Поповски-Цветин (р. 1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. По професија е агроном, но неговиот животен пат го обележуваат новинарството, јавната служба и уметноста во име на мирот. Поповски-Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и во светот и има подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе низ светот.