Наместо да се остави простор за поширока, стручна, непристрасна дебата внатре во македонското општество за прифатливоста или неприфатливоста на овој предлог, странските политички емисари повторно почнаа да ја облетуваат земјава и директно да се мешаат во нејзините внатрешни работи, вршејќи силен притисок да се прифати понуденото од Париз. Истите методи се користеа и пред прифаќањето на Преспанската спогодба, кога пораките се сведуваа на фразата – само прифатете и сè ќе биде во ред. За жал, оттогаш, ништо веќе не е во ред
Странските емисари со отворен притисок врз Македонија во однос на францускиот предлог
Македонија деновиве повторно е исправена пред нов историски предизвик да одлучи по кој пат ќе продолжи понатаму, дали по оној во кој се негуваат европските вредности и принципи, или, пак, по оној што ќе значи вазалски и понизен однос кон Бугарија, завиткан во европски целофан со француска панделка.
Токму тоа е изборот со кој деновиве се соочуваат македонските граѓани преку контроверзниот таканаречен француски предлог, со чие прифаќање би требало да се одблокира процесот на евроинтеграција на земјава, кој неколку години е блокиран поради бугарското вето.
Но наместо да се остави простор за стручна и непристрасна дебата внатре во македонското општество за прифатливоста или неприфатливоста на овој предлог, странските политички емисари повторно почнаа директно да се мешаат во внатрешните работи на земјава и да вршат силен притисок да се прифати понуденото од Париз, со образложение дека тоа е последната шанса за земјава.
А не толку одамна слична епизода доживеавме и со Преспанската спогодба, кога пред референдумот за промена на името на државата, највисоките европски политичари секојдневно ги убедуваа македонските граѓани дека по промената на името сите грижи за Македонија завршуваат. Се покажа дека сите тие ветувања биле една огромна лага и уште поголемо лицемерство.
Странските емисари во „спасувачка мисија“
Кога по многуте перипетии од типот „го има-го нема“, конечно, францускиот предлог пристигна во земјава, овдешните власти најавија дека тој ќе биде предмет на една широка општествена дебата, во која ќе бидат консултирани буквално сите чинители, од медиумите, невладиниот сектор, политичките партии, интелектуалците, академиците, па дури и граѓаните да можат да го дадат своето мислење за францускиот предлог, сето тоа без брзање и во мирна и конструктивна атмосфера. Таквата најава наиде на позитивен одглас во земјава, бидејќи се отвори можност барем за едно клучно прашање да се постигне некаков внатрешен договор и да се излезе сплотено.
Но, како по обичај, ваквите најави уште во стартот се изјаловија. Наместо широка општествена расправа, дискусијата за предлогот се сведе во кратко, штуро презентирање на предлогот од страна на владините претставници, и тоа за време на викенд, кога фокусот на јавноста е помал. Обидот да се протне предлогот на мала врата не помина кај јавноста и стручната фела и побараа доволно простор за сериозна расправа за предлогот наместо да се брза и да се прифаќа нешто што подоцна може целосно да ја редефинира државата и да биде погубно за македонскиот идентитет и јазик.
Кога стана јасно дека целата работа нема да оди според предвиденото забрзано сценарио, повторно се активира странскиот политички фактор, кој преку суптилен притисок врз македонските граѓани се обидува да наметне свое решение.
Прв што се „самопокани“ да дојде во земјава беше претседавачот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој иако пред многу кратко време беше во земјава, во рамките на турнејата што ја имаше низ балканските земји, кога го објаснуваше предлогот за „Европска геополитичка унија“, сега одново почувствувал потреба да дојде. Симптоматично е зошто баш сега, кога зовреа страстите во земјава поради францускиот предлог, Мишел повторно „се сети“ на Македонија, кога претходно веројатно не му била ниту на крајот на паметот.
– Македонија има историска шанса да каже „да“ за францускиот предлог и процесот на пристапување кон Унијата да започне во идните денови – истакна Мишел.
Откако си замина, по него дојде Мануел Сарацен, германскиот претставник за земјите од Западен Балкан.
– Имам чувство дека вратата за да се напредува во процесот на ЕУ за Македонија е сега толку широко отворена како што не беше долго време и знам дека за да се помине низ оваа врата не е толку лесно и дека тоа е одлука на вашата политика и на вашата земја, но посакувам заедно да можеме да одиме по овој пат, бидејќи се наоѓаме во едно време коешто претставува пресврт – порача Сарацен.
Шлагот на тортата пристигна пред некој ден во најновата порака од францускиот претседател Емануел Макрон, според кого Македонија не смее да ја пропушти оваа шанса.
– Сега останува на вас, Македонците, да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата отсега е во ваши раце. Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат – порача Макрон.
Ако на ова се придодадат идентичните пораки што пристигнуваат преку социјалните мрежи од евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, од американската амбасадорка Брнз, како и од други европски политичари, тогаш повеќе од јасно е дека врз македонските граѓани се врши директен надворешен притисок во однос на предлогот, иако се наведува дека изборот е само нивен.
Во атмосфера кога во државата секојдневно се случуваат протести и блокади поради францускиот предлог, кога се води отворена дебата меѓу домашните политички субјекти, „суфлирањето“ однадвор не оди во прилог на една отворена и независна расправа во која македонските граѓани ќе можат сами да одлучуваат за својата судбина, туку одлуката што да изберат суптилно им ја наметнува некој друг, истовремено креирајќи дополнителни внатрешни поделби. Во една ваква ситуација, пораките од типот „изборот е ваш“ губат секаква смисла, па многу подоблесно би било сите тие европски политичари да кажат дека тие веќе избрале и нема зошто да се глуми некаква дебата во земјава, чиј исход веќе однапред некој го изрежирал и предвидел. Иако има една поговорка која вели дека никогаш не треба да се прави однапред есап без крчмарот. Зашто за македонската судбина и иднина може да одлучат само и единствено македонските граѓани и македонските органи.
Дежа ви како со Преспа
Политичките аналитичари со кои се консултира весникот се согласуваат дека станува збор за притисок што се врши однадвор и дека на македонските граѓани само им се создава лажна слика дека тие прават некаков избор, а всушност одлуката е веќе донесена.
– Ова што ни се случува сега и овие зачестени посети во последниот период се затоа што ние тука имаме меки политичари, кои прифаќаат сè и на странците им проаѓа лесно тоа што го замислиле тие. Нив ги интересираат само решенија, тие не навлегуваат во тоа дали еден народ ќе го изгуби својот идентитет, јазик или историја. Сакаат во нивното си-ви да стои дека решиле некој проблем. Тие доаѓаат тука и опцијата што ни ја даваат гласи „прифати или прифати“ – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според него, сè додека имаме понизни политичари во земјава, странците ќе ни протнат буквално сè што ќе посакаат.
– Доаѓаат во земјава затоа што знаат со какви политичари ќе се сретнат тука. Добро знаат дека сè што ќе им кажат, нашиве ќе спроведат. Ние буквално сме ставени пред свршен чин, бидејќи сигурен сум дека веќе е сè потпишано, само чекаме да ни се соопшти тоа – истакнува Пекевски.
За него пораките што ги испраќаат и Макрон и Мишел, всушност, се само потврда на она што Европа веќе го одлучила за Македонија.
– Тоа е затоа што имаме толку корумпирани политичари што немаат никакво чувство за идентитет, јазик или државни интереси. Тие само слепо слушаат што ќе им се каже однадвор, па затоа пред секоја одлука што треба да се донесе во земјава ни доаѓаат вакви емисари и ни раскажуваат приказни за Европа и колку ќе ни биде убаво кога ќе влеземе таму – заклучува Пекевски.
Првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, препознава задоволување на интересите на ЕУ и тука ја лоцира мисијата на сите овие европски политичари што доаѓаат тука или испраќаат пораки со убедување колку е добар францускиот предлог, исто како што беше ситуацијата пред потпишувањето на Преспанската спогодба.
– По толку ЕУ-разочарувања, јасно ми е дека и во ЕУ сепак се примарни интересите (а потоа доаѓаат принципите). И тоа веќе неброено пати се покажа и кај нас, па така и ова сега го гледам како обид да се задоволи партнерот во Унијата (Бугарија) или „посилниот“ во споров, а сите други земји да симнат едно гајле од своите агенди. И јасно ми е дека, полека но сигурно, почнува уште едно повторување на Преспа-процесот, во кој Владата (или дел од неа) ќе нè убедува дека е ова најдобро нешто што сме можеле да го добиеме и дека мора да се прифати (со логиката ќе нема ново или ќе биде полошо). И повторно високи функционери (како и за референдумот за Преспа) од ЕУ (покрај нашите) ќе нè убедуваат дека сега е моментот и дека ова е последно нешто (како што, нели, во 2018 година беше тоа „последната пречка за членство во НАТО и ЕУ“, дека „идентитетот е зачуван, јазикот бетониран“ итн.) – вели Кржаловски.
Професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски преку кратка објава на својот фејсбук-профил кратко ја прокоментира „опседнатоста“ на европските политичари со Македонија во последните неколку дена.
– Нагло откажана љубов ич не чини. Меѓутоа, уште повеќе не чини нагло појавена љубов, како онаа што денес се појави и која ќе следува наредните неколку дена од страна на ЕУ-бирократите – заклучува Цуцуловски.
Сугестии и од европските портпароли
И не само политичарите, свои сугестии за тоа како да пристапи Македонија кон францускиот предлог даваат и портпаролите на европските институции, пренесувајќи го ставот на нивните шефови.
– Европската комисија го следи процесот во Македонија за преговарачката предлог-рамка на француското претседателство – изјави портпаролката Ана Писонеро на редовниот брифинг за медиуми во Европската комисија.
И таа не заборави да повтори дека одлуката за овој предлог е суверена одлука што треба да ја донесе земјава.
– По испраќањето на ревидираниот француски предлог, видовте дека премиерот Ковачевски најави широк процес на консултации со сите релевантни чинители, овој процес е во тек и, се разбира, одлуката за овој ревидиран предлог е суверена одлука на Македонија, одблиску ги следиме настаните и дебатите што се одвиваат – изјави Писонеро.
Од друга страна, таа одби да го прокоментира внесувањето билатерални прашања во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ.