Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот рекордер на 10 август ќе се натпреварува на годинашните Летни олимписки игри, во маратон, на кој треба да настапат осумдесетина атлетичари

АТЛЕТИКА

Повеќекратниот македонски рекордер, атлетичарот Дарио Ивановски (26), обезбеди настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз (Франција) годинава, објави Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Ивановски на 10 август ќе се натпреварува во маратонската трка на годинашните Игри, на која треба да настапат осумдесетина атлетичари.
Ивановски е македонски рекордер во маратон, со време од два часа, осум минути и 26 секунди. Тој го постави рекордот на трката во Севилја (Шпанија), одржана на 18 февруари годинава. Ивановски е државен рекордер (во сала или на отворено) и на 1.500 метри, 3.000 м, 5.000 м, 10.000 м, полумаратон…
Македонскиот атлетичар пред настапот на Летните олимписки игри во Париз ќе се натпреварува и во трката во полумаратон на 26-то Европско првенство, кое треба да се одржи од 7 до 12 јуни, на „Олимпискиот стадион“ во Рим (Италија третпат ќе организира европско првенство, по инаугуративното издание во 1934 година, во Торино, и континенталниот шампионат во 1974 година, во Рим). Рекордот на Ивановски во таа дисциплина е еден час, четири минути и 45 секунди, поставен на трката во Битола, на 3 септември 2023 година, пишува Светската атлетика. Тоа ќе биде негов трет настап на европските првенства. Н.М.