И овој пат младите таленти го имаа главниот збор, а сѐ беше зачинето со музички точки, но и со честитки од луѓето што, исто така, целото свое знаење и љубов ги испреплетоа во постоењето и растењето на „Ракатки“, а тоа се членовите на фестивалскиот одбор

Се одржа 18-от републички литературен детски фестивал „Ракатки“

Во дворот на основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје, во саботата се одржа осумнаесеттото издание на републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки 2022“.
Големиот ентузијазам на основачката на фестивалот, писателката Славка Арсова, која сега е почесна претседателка, но и на сегашната претседателка Јадранка Клисарова и на сите автори, наставници и љубители на убавиот пишан збор и пријатели на децата помогнаа тој да го доживее своето полнолетство. Оваа ретка манифестација сѐ уште постои на радост на децата и на оние што се грижат за нивното образовање и воспитување.

Младешката поетска мисла е предизвик

И овој пат младите таленти го имаа главниот збор, а сѐ беше зачинето со музички точки, но и со честитки од луѓето, кои исто така целото свое знаење и љубов ги испреплетоа во постоењето и растењето на „Ракатки“, а тоа се членовите на фестивалскиот одбор.
Најпрво сите присутни ги поздрави Јадранка Клисарова, одделенска наставничка и писателка, која од лани е на чело на оваа манифестација и ѝ даде свој печат.
– Горди сме, затоа што има голем број млади литерати, кои ја искажуваат нивната љубов кон пишаниот збор. Тие и овој пат потврдуваат дека младешката поетска мисла е предизвик и ништо не може да ја сопре, за да се претвори во извор и да се разлее во некоја поетска или прозна замисла. Таленти имало во минатото, ги има и сега, а ќе ги има и во идните генерации што ќе доаѓаат. И годинава се потрудивме поетската манифестација „Ракатки“ да се доближи до учесниците и тие да ја покажат својата бесконечна љубов кон родниот крај. Најтешката и најодговорна улога ја имаше жирито на фестивалот, кое мораше многу внимателно и темелно да ги издвои најдобрите поетски творби – посочи Клисарова.
Таа дополни дека за да се реализира еден ваков голем детски литературен фестивал е потребна поддршка и од институциите на државата. За жал, и оваа година таа изостана.
– Благодарение на хумани луѓе, кои се наши верни поддржувачи, без кои не би можеле да ја реализираме манифестацијата, таа и годинава се одржа. Во пресрет ни излегоа и раководството на ООУ „Блаже Конески“ и вработените како и првиот ден членовите на фестивалскиот одбор – посочи Јадранка Клисарова.
Професорот Васил Тоциновски, кој е дел од фестивалот од првиот ден, се потсети на почетоците.

– Како вчера да беше кога се конституира овој фестивал за деца, а тие се најблагородна составка од животот, ништо поубаво од децата и од манифестациите за нив. Ете, денеска тој порасна и има прекрасни 18 години, а бидејќи сум меѓу првите читатели на творбите имам причини да бидам горд и да се радувам зашто чистото детско срце нѐ потсетува оти животот е како капка утринска роса. Токму затоа треба да се почитуваме и сакаме себеси, за да нѐ почитуваат и другите. Читајќи ги творбите, во кои се опева бесконечната љубов на децата кон родниот крај, со негувањето на мајчиниот јазик, ме потсети на она што го пееше големиот Кочо Рацин, дека останува големото македонско срце цел свет да го збере во себе – рече Васил Тоциновски.

Само најупорните стигнуваат на врвот

Меѓу детските наградени творби и музичките точки во изведба на надарени ученици присутните ги поздрави и писателот Стојан Арсиќ.
– Кога идејниот творец на оваа манифестација што се одржува 18 години, Славка Арсова, го започна овој проект, некои мислеа дека ќе остане само цицалче, тој веќе има 18 години и е полнолетен. Сакам да испратам препорака до менторите секогаш да ги водат младите таленти, а вие деца не откажувајте се од ниеден стих, бидете упорни, бидејќи сте на почетокот, а само најупорните можат да стигнат до врвот – рече Стојан Арсиќ.
Тој ја прочита својата песна за Блаже Конески, чие им со гордост го носи училиштето каде што вторпат се одржа фестивалот „Ракатки“.
Омилениот детски писател Горјан Петревски, кој исто така од самите почетоци е член на фестивалскиот одбор, исто така се потсети на почетоците на „Ракатки“.
– Се сеќавам на почетоците кога оваа манифестација, која трае веќе 18 години, беше само никулец. Се собравме во Друштвото на писателите на Македонија и писателката Славка Арсова, со голема желба, но и упорност остана до последниот момент на ставот дека е неопходна една републичка манифестација што ќе го поттикнува литературното творештво кај децата основци. Во состав на првиот фестивалски одбор бевме и јас и универзитетскиот професор Васил Тоциновски, а во вториот состав ни се приклучи и писателот Стојан Арсиќ, а и наставничката Митра Цилевска исто така од првиот ден е со нас, како и многу други. Овој фестивал дојде сега во сигурните раце на Јадранка Клисарова – посочи Горјан Петревски, кој пред големиот број учесници и нивни ментори од цела Македонија кажа и две свои творби.

А наградените ученици ги читаа своите песни и состави посветени на родниот крај и напишани на мајчин јазик. Некои пишувале за местото каде што се родени, каде учат и живеат, а други, пак, за татковината, за Македонија. Нивната дарба, елковентност, но и голема љубов кон пишувањето, уште еднаш нѐ уверија дека сѐ додека има вакви таленти, кои ќе бидат препознаени од наставниците, ќе расте и македонската литература за деца, чиј дел некои од нив ќе станат кога ќе пораснат.
И низ убавите, искрени детски творби, средби на колеги, наставници по македонски јазик во цела Македонија, проткаени со многу желби, музички точки, подарени книги и добиени честитки, „Ракатки“ го насочи погледот кон 19-то издание.
„Колибри“ го следи фестивалот од самите почетоци, за што е добитник на голем број благодарници, а така беше и годинава.


Мојата бесконечна љубов кон родниот крај

Кога само би можела
грутка од твојата земја
црница,
во марама да завиткам:
во џебот да ја засолнам,
од сите да ја сочувам.

Кога само би можела
од сите билки и цвеќиња
да соберам по малку
семиња:
во свила да ги завиткам
и од светот да ги скријам.

Кога само би можела
неколку капки бистра вода
од твоите потоци
да позајмам:
во очиве мои да ги скријам,
никој да не ги најде.

Кога само би можела
со твојот мирисен воздух
јас градиве да ги наполнам
и така да го зачувам.
Така свеж, чист и недопрен.

Кога само би можела
од твоето сонце зрак да украдам:
во срцето да го заклучам
од темнината да го
одбранам.

И ако некогаш и некаде
по белиот свет јас залутам,
ако некогаш и некаде
по родниот крај тагувам,
на таа црна грутка земја
своите семиња ќе
ги посадам,
со бистра вода од очите
ќе ги залеам,
со свеж воздух од градиве
ќе ги напојам
и со светло сонце од срцето ќе ги огреам:
така рајот свој ќе го
создадам,
нашата мила татковина,
нашата мила Македонија!

Лаура Кајџаноска, 8-4 одделение,
ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп
Менторка: Јулијана Талеска