При истражување минатата година, Тикток утврди дека секој петти тинејџер што учествува во онлајн предизвици е вклучен во опасни активности, кои честопати се и животозагрозувачки, и дека бројот на пребарувања на интернет за вакви предизвици од страна на децата е всушност последица на медиумската покриеност и потенцијалната популарност кон која се стремат. Примерот од блиското опкружување во регионов претставува еден вид предупредувања за животозагрозувачките опасности на децата и младите, кои е неопходно да бидат препознаени од страна на родителите, наставниците, воспитувачите, професорите…
Една од најпопуларните интернет-апликации во светот повторно поврзана со тежок инцидент на самоповредување
Осум ученици од осмо одделение од Станари, Босна и Херцеговина, се повредени во еден од предизвиците на социјалната мрежа Тикток, наречен „Крвави пари“, во кој се вклучени деца што со сета сила стискаат метални монети додека не искрвават. Една од најпопуларните апликации во светот повторно е поврзана со инцидент со самоповредување, а експертите предупредуваат дека е клучно децата да разберат што не е во ред и да потсетат на механизмите што им се достапни на родителите.
Пандемиска дисперзија на опасностите
За среќа, учениците од Станари се полесно повредени, но директорот на училиштето во кое учеле учениците Александар Ристиќ истакна дека децата биле испратени на советувалиште со педагози и дека целта не е само да бидат казнети туку да разберат што е правилно за нив, а што не.
Тој исто така предупреди дека физичкото насилство, таканаречено сајбер-насилство, се преселило на интернет и социјалните мрежи и дека мултисекторскиот тим на ова училиште направил истражување и открил дека 76 отсто од учениците од предметната паралелка имаат профил на Тикток и учествувале во некој од ризичните предизвици.
Затоа овој последен случај повторно го отвори ова прашање и го привлече вниманието на јавноста за тоа што се случува на социјалните мрежи, кој контролира колку време поминуваат децата на нив и дали некој воопшто проверува што објавуваат. Предизвиците што се поставени на оваа платформа и поради кои некои деца беа подготвени да ја загрозат сопствената безбедност, како и безбедноста на другите, а некои за жал ги загубија животите, го отворија прашањето за ограничувањата во однесувањето, а експертите дури предупредуваат дека Тикток може да предизвика огромна зависност.
Еден од пет тинејџери учествувал во предизвик
Минатата година беше актуелен случајот на самоповредување на децата, предизвик насловен „Крвава трага“, а кај децата можеа да се видат повреди на зглобовите на рацете.
Пред неколку години на интернет беше познат и таканаречениот предизвик „Затемнување“, кој беше актуелен насекаде низ светот. Како последица на овој предизвик, неколку млади луѓе ги загубија своите животи, бидејќи си стегаа јаже или ремен околу вратот додека да ја изгубат свеста.
При истражување минатата година, Тикток утврди дека еден од секои пет тинејџери што учествуваат во онлајн предизвици е вклучен во такви опасни активности и дека бројот на пребарувања за предизвици од страна на децата е всушност последица на медиумското покривање такви случаи.
На прашањето што ги мотивира децата да се вклучат во вакви игри, Катарина Јонев Ќираковиќ, едукаторка за безбедност на децата на интернет, истакна дека децата пред сѐ немаат развиено критичко размислување, туку само желба да бидат забележани и прифатени.
– Децата ги сакаат овие предизвици, бидејќи во сите акробации што ги прават, ги гледаат своите примери, но во исто време сакаат да ги прекршат своите граници и да видат до каде можат да стигнат. Тие навистина не се свесни за опасноста што ги демне. Исто така мислат дека ќе бидат попопуларни во општеството доколку се забележи дека направиле некој екстремен предизвик, но не се свесни дека кога ќе одговорат на несоодветен предизвик, може да го загрозат своето здравје или здравјето на некој со нив – вели таа.
Според мнозинството светски и домашни психолози, социјалните мрежи станаа реалност и целиот живот на младите е префрлен таму.
Сите се согласни дека децата не треба да бидат казнувани поради реализација на некој тикток-предизвик, напротив, треба да се разговара со нив, за да сфатат дека тоа што го прават може да ги доведе во животозагрозувачка состојба.
– Децата не треба да кријат од родителите, напротив, треба да се пријатели со нив и сѐ да кажуваат. Со доверба, секој предизвик може да се надмине. Во оваа ситуација децата не треба да имаат страв од возрасните туку треба да им кажуваат што се случува во нивниот живот. Тоа може да се постигне само ако помеѓу родителите и децата има пред сѐ доверба и пријателство, а не систем на казни – сметаат повеќето психолози.
Како можат да помогнат возрасните?
Инаку, поради сето ова Тикток неодамна ги промени правилата за користење и им овозможи на родителите во рамките на таканаречениот „Семеен безбедносен режим“ повеќе да контролираат што прават нивните деца на оваа мрежа. Меѓу другото може да се контролира колку време поминуваат децата дневно, да се ограничи користењето на пораките на Тикток или целосно да се исклучат таквите размени, како и да се ограничат содржините што родителите ги сметаат за несоодветни.
Според експертите, голем проблем е и технолошкиот јаз помеѓу генерациите. Денешните генерации растат во технолошки бум, додека нивните родители имаат отпор кон ваквите социјални мрежи бидејќи не им се толку блиски.
Проблем за психолозите, педагозите и родителите е доколку на децата им ги оневозможат социјалните мрежи, како да им помогнат да најдат нешто друго како замена. Тоа е системски проблем и бара решавање и вклучување различни експерти од различни области.
– Мислам дека е важно да се вратат психолозите во училиштата, но на вистински начин. Да се разговара повеќе со нив. Оваа грижа за менталното здравје кај младите мора да биде приоритет, за да се види зошто некои деца толку многу го сакаат тоа внимание или популарност. Проблемот е што ако вие како родител гледате дека вашето дете има проблем во овој контекст, дури и ако страда од дигитално насилство или е насилник, не знаете кому да му се обратите затоа што сакате да го решите тој проблем – велат психолозите.