Интелектуална понизност, што беше тоа?

Многумина, особено ако имаат некоја висока функција, сметаат дека нивните мислења се безгрешни, единствено правилни, дека сите треба да ги прифатат… Но дали е токму така? Дали тоа нѐ води до погрешни постапки, па и можни катастрофи? Сведоци сме колку од ваквите наметнати мислења на авторитети биле реализирани и предизвикале вистински хаос или неубави продукти

Поттикната од актуелните случувања и во интерес на пошироката јавност, академик Нада Поп-Јорданова специјално за читателите на „Нова Македонија“ ни испрати исклучително интересен материјал за психологијата на личноста, расудувањето и одлучувањето,
образованието, културата и меѓугрупните и меѓучовечките односи… Академик Поп Јорданова пишува за феноменот интелектуална понизност, во странската научна јавност познат и како Intellectual humility, феномен со чие прифаќање човештвото побргу ќе стигне до сеопштиот просперитет и човечка благосостојба

Во време на нагласен општествен анимозитет и деструктивност, психолозите се свртеа кон можен „противотров“ – интелектуална понизност. Интересот за интелектуална понизност доаѓа од различни истражувачки области, вклучувајќи истражувачи што ги проучуваат лидерството и организациското однесување, науката за личноста, позитивната психологија, расудувањето и одлучувањето, образованието, културата и меѓугрупните и меѓучовечките односи.

Доблеста во интелектуалното функционирање

Терминот „интелектуална понизност“ подразбира прифаќање дека нашите сопствени уверувања и мислења може да бидат погрешни или прифаќање дека не сме интелектуално безгрешни и може да имаме сопствени ограничувања. Иако називот не е симпатичен, тој всушност опишува една посебна доблест во интелектуалното функционирање.
Живеејќи во современиот бескраен транзициски период на нашава земја, мислам дека на многумина од нас ни недостига токму оваа карактеристика во интелектуалното функционирање. Многумина, особено ако имаат некоја висока функција, сметаат дека нивните мислења се безгрешни, единствено правилни, дека сите треба да ги прифатат. Но дали е токму така? Дали ова нѐ води до погрешни постапки, па и можни катастрофи? Сведоци сме колку од ваквите наметнати мислења на авторитети биле реализирани и предизвикале вистински хаос или неубави продукти.
Сите ние сме доживеале ситуации во кои ни била потребна голема самодоверба – во училницата, на атлетско поле, на работа, на сцена или во нашите општествени животи. На овој развоен пат, нашите родители, наставници, тренери, пријатели и партнери (се надеваме) генерално се обидувале да ни помогнат да се чувствуваме посигурно во себе. Сепак, ваквата силно изразена самодоверба понекогаш може да пречи…

Луѓето редовно ги преценуваат своите способности

Истражувањето за пристрасноста во прекумерната самодоверба покажува дека луѓето редовно ги преценуваат своите способности, знаење и верувања. Психологот Скот Плоус забележал дека прекумерната самодоверба не е само најраспространетата пристрасност што го мачи човечкото размислување и донесување одлуки, туку е и најкатастрофална по тоа што води до лоши одлуки и други негативни исходи.
Се разбира, ретко ни се чини дека нашите верувања се погрешни и обично се однесуваме како нашите верувања да се вистинити или во спротивна ситуација ќе бидеме парализирани од несигурност и неодлучност. Но, луѓето што имаат висока интелектуална понизност имаат на ум дека што и да веруваат дека е вистина може да биде погрешно и, на тој начин, можеби ќе треба да ги ревидираат своите ставови во некое време.
Сите ние се разликуваме во тоа колку сме интелектуално скромни/понизни во различни ситуации. Понекогаш препознаваме (и можеби дури и признаваме) дека можеби грешиме, а понекогаш жестоко ги браниме нашите позиции дури и кога доказите на кои се потпираме се несигурни. Но, иако сите ние одвреме-навреме покажуваме знаци на ниска или висока интелектуална понизност, сепак, некои луѓе имаат тенденција да бидат интелектуално поскромни од другите луѓе.
Една од студиите на оваа тема покажа дека луѓето со висока интелектуална понизност биле повнимателни на квалитетот на доказите, појасно разликувајќи ги добрите од лошите причини за одредена процедура. Бидејќи сфаќаат дека нивните верувања можеби се погрешни, интелектуално скромните луѓе му посветуваат поголемо внимание на квалитетот на доказите на кои се засноваат нивните верувања.
Во друга студија во која учесниците читале реченици за контроверзни теми, интелектуално скромните учесници посветувале повеќе време читајќи реченици што изразувале гледишта спротивни на нивните мислења отколку учесниците со ниска интелектуална понизност, што укажува на тоа дека токму тие размислуваат подлабоко за идеите со кои не се согласуваат. Во исто време, во слична студија се покажало дека луѓето со повисока интелектуална понизност биле позаинтересирани за разбирање на причините поради кои луѓето не се согласуваат со нив, значи поседувале поголема аналитичност.
Овие и други наоди сугерираат дека луѓето со висока интелектуална понизност им посветуваат поголемо внимание на доказите за и против нивните верувања и поминуваат повеќе време размислувајќи за верувањата со кои другите не се согласуваат. Не е изненадувачки, луѓето што се свесни дека нивните гледишта може да бидат погрешни се повеќе склони да размислуваат за точноста на нивните верувања отколку луѓето што претпоставуваат дека се во право за повеќето работи.

Кои би биле придобивките од поседување интелектуална скромност/понизност?

– Подобрување на квалитетот на одлуките, бидејќи луѓето се отворени за поголема разновидност на информации и перспективи.
– Негување повеќе позитивни интеракции и односи, бидејќи луѓето се поотворени за туѓите ставови, помалку одбранбени и со поголема веројатност да признаат кога грешат.
– Промовирање напредок во организациите и општеството, бидејќи луѓето со повисока интелектуална понизност се посклони да земат предвид поширок круг идеи, да преговараат и да прават компромиси.
– Интелектуалната понизност е поврзана и со желбата за добивање нови информации. Луѓето што имаат висока интелектуална понизност постигнуваат повисоки резултати во епистемичката љубопитност, што е мотивација да се стремат кон нови знаења и идеи. Се чини дека нивната поголема љубопитност е мотивирана и од фактот дека уживаат во учење нови информации и од вознемиреноста што ја чувствуваат кога им недостигаат информации или не разбираат нешто.
– Високата интелектуална понизност е поврзана и со степенот до кој луѓето уживаат да размислуваат за прашања и да решаваат интелектуални проблеми.
Така, луѓето со висока интелектуална понизност повнимателно ги разгледуваат доказите на кои се засноваат нивните верувања, внимаваат на можноста тие да бидат неточни, ги земаат предвид перспективите на другите информирани луѓе (вклучувајќи ги и оние чии гледишта се разликуваат од нивните) и ги ревидираат сопствените ставови кога доказите го гарантираат тоа.
Еден можен недостиг од толку многу размислување за точноста на своите верувања може да биде помалата ефикасност при донесување одлуки. Луѓето што имаат повисок степен на интелектуална понизност може да се консултираат со повеќе извори на информации (вклучувајќи и други луѓе), да ги разгледаат информациите повнимателно и да гледаат повеќе алтернативи отколку луѓето со пониска интелектуална понизност. Бидејќи постои компромис помеѓу брзината и точноста при донесувањето заклучоци, на интелектуално скромните луѓе може да им треба подолго време за да донесат одлуки. Но, во исто време, тие може да бидат попрецизни.


Мисли на луѓето за нивните мисли

Интелектуалната понизност во основа е метакогнитивен конструкт – односно вклучува „мисли на луѓето за нивните мисли“ – но често се манифестира преку емоциите и однесувањето на луѓето. Најзначајно, во несогласувањата со другите луѓе, луѓето со висока интелектуална понизност се поотворени за туѓите гледишта и помалку догматични во однос на сопствените верувања и мислења. Луѓето што препознаваат дека нивните верувања се погрешни, посериозно ги сфаќаат туѓите перспективи и ја препознаваат вредноста на различните мислења.
Неколку студии покажуваат дека ваквите луѓе се помалку склони да ги омаловажуваат луѓето што имаат различни гледишта од нив. Спротивно на тоа, луѓето што имаат пониска интелектуална понизност имаат посилни емоционални реакции кога луѓето не се согласуваат со нив и ги игнорираат или омаловажуваат луѓето што имаат различни ставови.
Со оглед на тоа што се поотворени за туѓите идеи и помалку спорат кога другите не се согласуваат со нив, луѓето со интелектуална понизност повеќе им се допаѓаат од оние со пониска интелектуална понизност. Дури и по само 30 минути интеракција, луѓето попозитивно ги оценуваат оние што се со висока интелектуална понизност од оние со ниска.
Тоа не значи дека на луѓето со висока интелектуална понизност не им пречи кога грешат. Тие го прават тоа, но од причини што се различни од луѓето со ниска интелектуална понизност. Луѓето со висока интелектуална понизност понекогаш сметаат дека нивното незнаење и интелектуалните ограничувања се вознемирувачки – не затоа што имаат несогласувања со другите луѓе, туку затоа што сакаат вистински да го разберат светот.
Покрај тоа што го поттикнува конфликтот и предизвикува тешки чувства, ниската интелектуална понизност може да создаде практични проблеми. На пример, ниската интелектуална понизност ја поткопува подготвеноста на луѓето да преговараат или да прават компромис. Несогласувањата стануваат нерешливи кога луѓето не се подготвени да ја разгледаат можноста нивните лични ставови да бидат, ако не неточни, барем воопшто не подобри од перспективите на другите луѓе.
Ако сум сигурен дека сум целосно во право, зошто треба да ги земам предвид погрешните перспективи на другите луѓе? Интелектуалната понизност треба да го отвори патот кон повеќе преговори и компромиси, кои се тешки кога сите страни се цврсто убедени дека само нивните сопствени ставови се точни.
Луѓето што се нетолерантни на ставови што се разликуваат од нивните исто така можат да ги задушат отворените и искрени дискусии. На пример, лидерите што не се отворени за дивергентни идеи ги спречуваат членовите на групата да ги понудат своите ставови, потенцијално креативни и со вредни идеи. Спротивно на тоа, интелектуално скромните лидери што се отворени за алтернативни ставови може да ги мотивираат другите да придонесат со повеќе идеи во дискусиите.
Имајќи предвид дека интелектуалната понизност е поврзана со тоа како луѓето се справуваат со несогласувањата, не е изненадувачки што тоа е поврзано со квалитетот на блиските односи на луѓето. Во една студија се покажа дека мажите што имаат повисока интелектуална понизност се позадоволни од нивните партнерки и емотивни врски отколку мажите со ниска интелектуална понизност. Можеби уште поважно, партнерките на мажите со висока интелектуална понизност биле исто така позадоволни од заемната врска. Интересно, нивото на интелектуална понизност кај мажите било посилно поврзано со оцената на нивните партнерки за врската отколку ваквото ниво кај жените. Се сомневам дека ниските интелектуално скромни мажи имаат тенденција да покажуваат потоксичен стил на справување со несогласувањата отколку ниските интелектуално скромни жени.
Првиот чекор во справувањето со прекумерната самодоверба е луѓето да сфатат дека голем дел од она што тие веруваат дека е вистина, всушност, може да биде неточно. Токму оваа свест за нечија погрешност психолозите ја нарекуваат „интелектуална понизност“.
Луѓето што се интелектуално скромни знаат дека нивните верувања, мислења и гледишта се погрешни затоа што сфаќаат дека доказите на кои се засноваат нивните верувања би можеле да бидат ограничени или погрешни или дека можеби немаат доволно стручност или способност да ги разберат и оценат доказите. Интелектуалната понизност вклучува разбирање дека не можеме целосно да се потпираме на нашите верувања и мислења затоа што можеби се потпираме на погрешни или нецелосни информации или не сме способни да ги разбереме деталите.


Лични, практични и социјални придобивки од интелектуалната понизност

Интелектуалната понизност очигледно има лични, практични и социјални придобивки. Но што ги наведува некои луѓе да бидат интелектуално поскромни од другите? Имајќи предвид дека интелектуалната понизност е многу нова истражувачка тема, нема многу истражувања по ова прашање, но можеме да шпекулираме врз основа на истражувања во сродни области.
Прво, имајќи предвид дека практично секоја лична карактеристика има барем слаба генетска основа, би било изненадувачки доколку интелектуалната понизност не е делумно наследна. Индиректната поддршка за оваа идеја доаѓа од фактот дека интелектуалната понизност е во корелација со прекумерната самодоверба и со отвореноста, за кои постојат докази за генетски влијанија. Значи, најверојатно постои генетска подлога.

Учењето игра улога во стекнувањето интелектуална понизност

Децата набљудуваат како родителите, наставниците и другите изразуваат сигурност или несигурност за нивните верувања, управуваат со несогласувањата со другите луѓе и го менуваат – или не го менуваат – својот став кога доказите го налагаат тоа. Некои родители исто така може да ги охрабрат своите деца да ги објаснат и оправдуваат своите верувања, ставови и одлуки, а со тоа да поучат за важноста гледиштата да се засноваат на докази и разум. Родителите се разликуваат и по степенот до кој ги поттикнуваат своите деца да бидат отворени за нови идеи и искуства, што може да придонесе за развој на интелектуална понизност.
Образованието, особено високото образование, може да влијае и на интелектуалната понизност – но на два спротивни начина. Од една страна, колку повеќе луѓето учат, толку повеќе гледаат колку не знаат и сфаќаат дека знаењето е исклучително комплицирано, нијансирано и бескрајно. Од друга страна, колку повеќе луѓето учат, толку пооправдано стануваат посигурни во областите во кои развиваат експертиза. Експертот очигледно треба да биде посигурен во своите верувања во тој домен отколку неекспертот. Иако не постојат директни докази, образованието може да ја зголеми интелектуалната понизност во целина, но и (оправдано) да ја зголеми сигурноста – и да ја намали интелектуалната понизност – особено во областите во кои лицето е експерт.

Културите и интелектуалната понизност

Разните култури се разликуваат во степенот до кој тие ја ценат отвореноста и толерираат несигурност. Некои култури ги наведуваат луѓето да искусат анксиозност во ситуации што се двосмислени или непредвидливи и се структурирани на начини што го прават светот да изгледа постабилно и попредвидливо преку строги правила и закони, заеднички верувања и ограничени начини на однесување. Таквите култури веројатно ја обесхрабруваат интелектуалната понизност бидејќи ја сметаат несигурноста како заканувачка и ги охрабруваат луѓето да усвојат заеднички збир на верувања. (Доколку се прашувате, Соединетите Американски Држави се рангирани релативно високо – во првите 20 отсто од сите земји – во прифаќањето на отвореноста и несигурноста, слично како и другите земји, како Данска, Сингапур, Британија и Индија.)

Религијата и интелектуалната понизност

Одредени системи на верување исто така може да ја обесхрабрат интелектуалната понизност. На пример, повеќето религии учат дека само тие ја знаат вистината и силно ги обесхрабруваат луѓето да размислуваат дека нивните верувања можеби се погрешни. Се разбира, нерелигиозните луѓе исто така може да имаат ниска интелектуална понизност; атеистите често се убедени дека нивните ставови се точни, исто како и религиозните фундаменталисти.
Сепак, интересно е што ниту религиозноста (степенот до кој луѓето веруваат и практикуваат религија) ниту политичката ориентација или припадност не се поврзани со интелектуалната понизност. Она што е важно е екстремизмот на нивните верувања: како што религиозните и политичките погледи стануваат поекстремни – во која било насока – интелектуалната понизност опаѓа.
Кај голем број верувања, интелектуалната понизност е во негативна поврзаност со крајноста на верувањата на луѓето, така што луѓето со умерени верувања имаат тенденција да бидат повисоки во интелектуална понизност од луѓето што имаат екстремни верувања. Или, да се каже поинаку, луѓето со поекстремни ставови – на пример, луѓе чии политички ставови се екстремно кон лево или десно – имаат тенденција да бидат пониски во интелектуална понизност и, на тој начин, помалку подготвени да сметаат дека нивните гледишта може да се неточни одошто луѓето што имаат умерени верувања. Овој модел може да се појави затоа што умерените гледишта често ги признаваат сложеноста и двосмислената природа на комплицираните прашања.

Луѓето мора да видат дека пристапот кон светот на интелектуално поскромно ниво е и рационален и корисен

Во идеален свет, процените на луѓето за точноста на нивните верувања, мислења и гледишта би биле совршено калибрирани според нивната вистинска валидност. За жал, повеќето од нас ја преценуваат точноста на нашите верувања и мислења, често лошо, со малку разгледување на можноста дека не сме во право. За среќа, луѓето можат да ја зголемат интелектуалната понизност и преку лична одлука да бидат интелектуално поскромни и преку интервенции што им помагаат да се соочат со нивната интелектуална прекумерна самодоверба и да преземат чекори за да ја намалат.
Се разбира, луѓето веројатно нема да ги променат своите ставови или однесување освен ако не забележат некаква корист од тоа. Значи, луѓето мора да видат дека пристапот кон светот на интелектуално поскромно ниво е и рационален и корисен.
Интелектуалната понизност е рационална во смисла дека не можеме сите да бидеме во право во повеќето наши несогласувања, често сме ирационално премногу самоуверени, а доказите на кои се засноваат нашите верувања и гледишта често се доста слаби. Па, зошто рационалните луѓе би биле посигурни во себе отколку повеќето од нас?


Резиме

Интелектуалната понизност, која се карактеризира со свесност за нечии когнитивни ограничувања и отвореност за ревидирање на верувањата, игра клучна улога во различни аспекти од човечкиот живот.
Овој квалитет опфаќа да се биде слободоумен, љубопитен, реален и поучен, олеснувајќи ги напредокот и личниот раст. Тој негува толеранција за различни гледишта и ги зајакнува односите преку промовирање дијалог со почит.
Покрај тоа, интелектуалната понизност им обезбедува на поединците попрецизна самоперцепција и капацитет да се приспособат на промените, што на крајот води кон поавтентично и побогато постоење.
1. Интелектуалната понизност вклучува свесност за ограничувањата, отвореност кон нови идеи и подготвеност да се ревидираат верувањата.
2. Таа ја подобрува толеранцијата кон различните гледишта и ги подобрува односите.
3. Понизноста ги олеснува личниот раст, автентичноста и попрецизното гледање на себе.
Четири главни аспекти на интелектуалната понизност вклучуваат:
• Отвореност, избегнувајќи догматизам и подготвеност да ги ревидирате вашите верувања.
• Љубопитност, барање нови идеи, начини за проширување и раст и менување на ставовите за да се усогласат со силни докази.
• Реалистичност, поседување и признавање на вашите мани и ограничувања, гледање на светот каков што е наместо каков што сакате да биде.
• Поголема ученост, одговор и менување на вашето однесување за да се усогласи со новото знаење.
Да се постигне интелектуална понизност се потребни волја, мотивација и едукација.
Сепак, ако таа е неопходна за општествениот напредок, не треба да се има страв да се постигне тоа.