Вие ни пишувате
Здраво, ние сме две сестри и најнапред сакаме да се претставиме.
Јас сум Стефанија Карадимче. Имам 15 години и сум прва година средно во СУГС гимназија „Орце Николов“ – Скопје. Многу ме интересираат екологијата, актуелните прашања за планетата земја и сум членка во ЕЗО (Еколошката заедница во Орце Николов).
Јас сум Михаела Карадимче. Имам 13 години и учам во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, Скопје, и сум осмо одделение. Ме интересира екологијата и задоволство ми е да креирам разни предмети, посебно од глина. И јас членувам во Екоодборот во моето училиште.
Учествуваме на конкурси и честопати освојуваме награди. Сакаме да креираме, тоа нѐ исполнува.
Конкурсот „Творење и креирање на дела од отпад од пакување“ го видовме во весникот „Нова Македонија“, поточно во „Колибри“ и одлучивме да учествуваме. Размислувавме и дојдовме до идеја да направиме нешто со искористени ролни од фолии за пакување. Идејата за ролните ја видовме на интернет, но додадовме и свои идеи при креацијата. Ролните ни ги собираа нашите роднини, кои имаат фабрика за пакување на зачини. Ролните ги залепивме со силиконски лепак. Ја склопивме фотелјата, но ни останаа уште ролни, па одлучивме да креираме и клуб-масичка. На самиот крај сѐ беше склопено, но не беше цврсто, па решивме да ги зацврстиме предметите кај наш приjaтел лимар, што се покажа како вистински погодок. Направивме и две чаши од кутии од зачини и додадовме коноп за рачки за шолјите. Кога го предадовме нашиот проект во Детскиот ликовен центар, проф. Харалампие Манчев-Хари ни даде предлог да направиме и килим за проектот да стане една целина. Килимот го направивме од ребрест картон за пакување и на краевите додадовме реси од коноп. Нашиот проект го нарековме „Еко дневна соба“.
Со нетрпение ги чекавме резултатите. Во ноември проф. Хари нѐ извести дека нашиот проект освоил прво место за дизајн. Многу се израдувавме ние, нашите родители, менторите Даниела Андонова и Сергеј Дамовски и нашата тетка, која мислам и не нѐ сфати толку сериозно кога ни ги собираше ролните од нејзината фабрика. Но секогаш верувај во себе и во своите можности!
Особено ни беше интересен денот на доделување на наградите. Во Детскиот ликовен центар нѐ пречека проф. Хари, кој е секогаш весел, харизматичен, добар организатор и човек со ведар дух. Со нас беа и менторите Даниела Андонова и Сергеј Дамовски. Многу убав впечаток ни оставија и спонзорите – Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Еуро-Екопак“ ДОО Скопје – кои со години наназад го спонзорираат овој настан. Ни се допаѓа тоа што ја ценат креативноста на младите генерации и ја подигнуваат еколошката свест.
Наградените добија ваучери и покана да бидат гости во „Еуро-Екопак“. Проф. Хари ни направи изненадување на сите – ги покани проф. д-р Љупчо Коскаров и Дарко Мариновски и студентите од интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ – имаше изведби на клавир, гитара и виолина.
Во иднина, секако ќе учествуваме во вакви слични настани, творењето нѐ прави среќни. Имаме и една порака до сите – читајте, учествувајте, бидете креативни, зашто креативноста нема граници.
Уште еднаш благодарност до редакцијата „Колибри“, Детскиот ликовен центар, спонзорите, професорите и студентите од интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ за прекрасниот ден.