Фото: Архива

Го предизвикува ли интересот на македонската јавност исходот од претстојните парламентарни избори во Бугарија викендов? Имено, во услови како што ни се познати, како легитимен предизвик за македонскиот политички фактор деновиве се поставува прашањето дали се препознава политичка опција кај источниот сосед што би била коректен, фер партнер што ќе го почитува меѓународното и перемпторното (јус когенс) право во билатералните односи со Македонија, односно што би ги почитувала македонскиот национален идентитет, историја и јазик

Во пресрет на изборите во соседна Бугарија

Викендов, в недела, 2 април, во Бугарија по петти пат за две години се одржуваат парламентарни избори. Интересот на македонската политичка јавност за внатрешнополитичките процеси кај источниот сосед, како парламентарни избори, е предизвикан пред сѐ од реалниот факт дека Бугарија во последните две-три години се стави во улога на опструктор и уценувач на евроинтегративните процеси на Македонија, поставувајќи сосема неевропски услови за почетокот на нашите преговори со ЕУ, кои се во насока на непризнавање и негација на македонскиот национален идентитет, оспорување на автохтоноста и посебноста на македонската историја и на македонскиот јазик.
Сите овие негации, преформулирани со „европски наратив“ во т.н. француски предлог, се сведени во условот на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, за внесување на Бугарите во македонскиот устав, за ефективно започнување на преговорите. Пред распуштањето на последниот парламентарен состав, бугарското собрание уште еднаш изгласа декларација со која ги потврди сите претходно наведени негации на македонското постоење.

Во така поставени позиции за актуелните односи меѓу Македонија и Бугарија, кои имаат импликации и за принципите на ЕУ-партнерството, во пресрет на новите парламентарни избори во Бугарија, за македонскиот политички фактор, како легитимен предизвик се поставува прашањето дали како партии препознаваат политичка опција кај источниот сосед, која би била коректен, фер партнер што ќе го почитува меѓународното и перемпторното (јус когенс) право во билатералните односи со Македонија, односно која би ги почитувала македонскиот национален идентитет, историја и јазик. Односно, како се проценуваат шансите една таква вистинољубива и правдољубива опција да победи на изборите во Бугарија?
– Фактот што немаше политичка влада во Бугарија во изминативе две години беше отежнувачки фактор, затоа што немаше политички партнер со кој можевме да се договориме по однос на одредени прашања. Во услови кога нема политичка влада, тогаш обично конзервативни, радикални елементи во општеството го диктираат наративот. Токму тоа ни се случи нам, за жал, и токму тие конзервативни радикални елементи ги киднапираа односите и доведоа до нивна ескалација. Јас се надевам дека по овие избори, од недела ќе се формира политичка влада, за веднаш да се вратиме на дијалогот, на разговорите, на тоа како да ја продолжиме соработката на сите сектори во општеството – изјави македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој доаѓа од редовите на ДУИ, што наведува дека политиките што ги застапува и спроведува по прашањето на македонско-бугарските односи ги претставуваат и ставовите на неговата партија.
Од владејачката СДСМ се воздржани за изјави во врска со резултатите за изборите во соседството и сметаат дека што било искажано во тој контекст би звучело како да избираат фаворит од изборниот процес во Бугарија, што, според нив, би било некоректен политички однос.

За разлика од партиите од владината коалиција, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за сегашниот негаторски однос на бугарската политика спрема македонското постоење воопшто и македонските национални атрибути, одговорноста ја гледаат пред сѐ во начинот на водење на политиката на актуелната власт во Македонија.
– Секој избор на бугарскиот народ е за почит и за градење коректна соработка.
Проблемот не е во изборот во Бугарија, туку во македонската власт. Владата залетана по криминал, по тендери, во потрага за продолжување на својот рок, не ги почитувала и не ги почитува македонскиот национален идентитет, историја и јазик, односно сѐ стави на тацна и го прифати секој услов. Накратко, кој било избор во Бугарија ќе се бори за бугарските интереси, и сѐ додека во Македонија има влада што е сервилна и лукративна, нема опција. Опцијата се избори во Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Општиот став по прашањето за „посакуван(и) партнер(и) за коректни македонско-бугарски односи, на (од неодамна) опозициската партија Демократски сојуз, предводена од Павле Трајанов, е дека каков и да е резултатот од изборите во Бугарија, тешко е да се очекува историски пресврт на односите во позитивна насока во однос на Македонија, но и поумерени политики од бугарска страна ќе претставуваат своевиден напредок и позитивен исчекор

– Секако, прво треба да ги почекаме резултатите од изборите во Бугарија и да се проценат можностите дали воопшто ќе може да се формира политичка влада. Според предизборните анкети таму, се проценува дека повторно една партија нема да може сама да формира влада, туку ќе треба да бара повеќе партнери за коалиција. Што се однесува до ставовите на сите бугарски партии, околу македонското прашање – идентични се и во суштина негаторски настроени спрема македонската национална посебност. Некои се можеби поумерени во изразувањето на таквите ставови, но тешко дека во актуелната партиска констелација на бугарската политичка сцена ќе се појави субјект да направи пресврт во позициите спрема Македонија и да дозволи признавање на посебноста на македонскиот национален идентитет, на македонската историја и на македонскиот јазик. Тоа би бил пресврт со историска димензија, но не сум сигурен дека во Бугарија постои политички субјект со капацитет да направи тоа да се случи во брзо време. Тешко е да се случи таков пресврт во Бугарија, особено не на овие избори, но политичка влада со поумерени ставови спрема Македонија и македонското прашање е опција што реално може да се посака, за некакво поевропско димензионирање на билатералните односи – вели Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.


Македонија „неактуелна“ во предизборната кампања во Бугарија

Според бугарските медиуми, во кампањата за овие предвремени парламентарни избори факт е дека Бугарија се занимаваше сама со себе, а Македонија не беше дел од партиските програми и препукувања. Главниот акцент беше ставен на економската состојба на државата и енергетиката, како и на бугарската позиција во однос на војната во Украина.
Сепак, Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ и премиер на бугарската влада што стави вето за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ, на еден од завршните митинзи порача дека „Бугарија не може да биде добра повеќе од еднаш спрема Македонија“.
– ГЕРБ покажа дека е партија што прави европски избори со тоа што им даде зелено светло на С. Македонија и на Албанија за преговори со ЕУ – кажа Борисов на предизборен митинг во црноморскиот град Варна, обраќајќи му се на лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, кој беше гостин на собирот.
Борисов порача дека Бугарија си ја завршила својата задача кон С. Македонија и сега било грижа на Европската Унија да ја натера земјата, како што рече, да се однесува европски.
– Сега е нивни ред да докажат дека се добри – му се обрати Борисов на Вебер на митингот во Варна.