Истражување на британски „Гардијан“ за пивката вода: Европа седи врз еколошка темпирана бомба
- Низ цела Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија, се проценува дека има до 500 илјади депонии. Приближно 90 отсто од нив, вклучувајќи 22 илјади локации во Велика Британија, се постари од регулативите за контрола на загадувањето. Низ цела Европа се идентификувани повеќе од 61.000 депонии, од кои 28 отсто се наоѓаат во области ранливи на поплави. Мапирањето покажува дека вистинскиот број на локации со ризик од поплави може да достигне дури 140 илјади
Илјадници депонии низ Велика Британија и Европа се наоѓаат во рамнини што имаат ризик од поплави, претставувајќи потенцијална закана за водата за пиење и заштитените подрачја доколку токсичен отпад се испушти во реките, почвите и екосистемите, објавува британски „Гардијан“. Ваквите наоди се резултат на првото мапирање на депониите на целиот континент, спроведено од „Гардијан“, „Вотершед инвестигејшнс“ (Watershed Investigations) и „Инвестигејт Јуроп“ (Investigate Europe).
– Со зголемената фреквенција и големина на поплавите и ерозијата од климатските промени, постои поголем ризик овие отпади да се истурат во нашата околина. Ова вклучува физички отпад како пластика и градежни материјали, но исто така и токсични метали и хемикалии како што се ПФАС и РЦБ – предупредува Патрик Бирн, од Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул.
Низ цела Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија, се проценува дека има до 500 илјади депонии. Приближно 90 отсто од нив, вклучувајќи 22 илјади локации во Велика Британија, се постари од регулативите за контрола на загадувањето.
ЕУ нема централизирана евиденција на депониите
Низ цела Европа се идентификувани повеќе од 61.000 депонии, од кои 28 отсто се наоѓаат во области ранливи на поплави. Мапирањето покажува дека вистинскиот број на локации со ризик од поплави може да достигне дури 140.000. Овој напор за мапирање, врз основа на барања за податоци за депонии од 10 земји, дополнет со информации од отворен извор, истакнува подлабок проблем: институциите на ЕУ немаат централизирана евиденција за депонии, додека податоците од поединечните земји членки остануваат фрагментирани, неконзистентни и честопати недостапни.
– Имаме несоодветни евиденции, разлики во начините на категоризирање на овие локации и поради тоа навистина е тешко да се справиме со нив. Тоа е најлошото можно сценарио. Повеќето депонии ќе бидат во ред, но потребен е само мал број локации што содржат многу токсични хемикалии за да дојде до проблем. Само не знаеме кои би биле тие – објаснува Кејт Спенсер, професорка по геохемија на животната средина на Универзитетот „Квин Мери“.
Повеќе од половина од мапираните депонии се во области каде што подземните води не ги исполнуваат стандардите за хемиски квалитет, што укажува дека депониите во некои случаи можеби придонеле за контаминацијата.
Директивата на ЕУ за депонии, усвоена во 1999 година, ги забрани необложените депонии и создаде строги критериуми за прифаќање отпад. Но пред ова имаше малку или никакви мерки за ограничување на загадувањето.
– Може да има многу други извори на загадување, како што се земјоделството и индустријата, но еден од главните начини на кои хемикалиите мигрираат подалеку од депониите е преку подземните води – рече Бирн.
Тој открил исцедок што истекува од историската депонија во природниот резерват Њугејт во Вилмслоу, во мал поток. Неговите тестови откриле токсични хемикалии ПФАС што биле 20 пати повисоки од прифатливите нивоа за вода за пиење. Во Грција, тестовите откриле нивоа на ПФАС многу пати над стандардите за вода за пиење, како и истекување жива и кадмиум во реката Недонтас од поранешната депонија „Маратолака“ во планините Тајгетос, кои ги посетуваат илјадници планинари секоја година. Градоначалникот на Каламата вели дека локацијата престанала да работи од јуни 2023 година и дека „моментно нема докази или податоци за да се потврди какво било влијание врз животната средина од работењето на локацијата“.
Дел од овие води би можеле да бидат извори на вода за пиење, а анализата открила речиси 10 илјади депонии во зони со вода за пиење во Франција, Велика Британија, Шпанија, Германија, Холандија и во Италија. Повеќе од 4.000 од нив се историски депонии во Англија и Велс и затоа е малку веројатно дека имаат контрола на загадувањето. Не беше можно да се потврди дали депониите во Европа постоеле пред регулативите.
– Не знаете и нема да знаете колкав ризик постои за здравјето на луѓето и нашата вода за пиење сè додека не можете да идентификувате каде се сите депонии, што има во нив, дали истекуваат и дали процесите на третман ги филтрираат – посочува Бирн.
Портпарол на Европската комисија рече дека „според директивата за вода за пиење, квалитетот на водата мора да се обезбеди во целата ЕУ. Директивата вклучува неколку параметри што треба да се следат и соодветните гранични вредности мора да се почитуваат. Во случај на надминување на овие гранични вредности, земјите членки мора да обезбедат преземање на потребните корективни мерки“.
Депониите што се највидливо изложени на ризик се оние по должината на крајбрежјето. Анализата открила 346 депонии во зони на крајбрежна ерозија во Англија, Велс и во Франција, и 258 депонии низ Европа во радиус од 200 метри од брегот, кои би можеле да бидат изложени на ризик од ерозија или изложеност од бури.
– Ова е само мал дел – рече Спенсер, која му помага на Министерството за животна средина, храна и рурални работи (Дефра) да ги рангира депониите со највисок ризик од 1.200 идентификувани приоритетни места во Англија и Велс.
– Сега треба да ги разбереме потенцијалните ризици од климатските промени и поврзаното испуштање на загадувањето на сите наши историски депонии, не само на крајбрежните – наведува Спенсер, додавајќи дека ќе бидат потребни пари за справување со овие места.
Во суштина сите живееме на депонија, вели Спенсер, кој објасни дека околу 80 отсто од британското население живее во радиус од два километра од познатите депонии и непропорционално во најсиромашните делови од земјата.
Извештај од британската Агенција за здравствена безбедност минатата година заклучи дека живеењето во близината на добро управувана општинска активна или затворена депонија не претставува значителен ризик за здравјето на луѓето, иако сликата за историските места е помалку јасна поради недостиг од податоци. Дивиот свет исто така може да биде изложен на ризик, бидејќи повеќе од 2.000 европски депонии се во заштитени подрачја.
– Знаеме дека пластиката се акумулира кај дивиот свет, луѓето и кај животната средина и има нови докази за негативни влијанија врз здравјето. Клучна работа со хемиското загадување е каде оди хемискиот исцедок. Имаме важни мочуришта околу овие области, па ако исцедокот оди таму, може да се акумулира кај дивиот свет – рече Бирн.
Европол идентификуваше најбрзо растечка област на криминалитет во Европа:
Стравотен подем на нова форма на организиран криминал: Нелегално фрлање отпад!
Нелегалното фрлање отпад е исто така значаен проблем, кој Европол го идентификуваше како една од најбрзо растечките области на организиран криминал во Европа. Во февруари, хрватските власти уапсија 13 лица осомничени за нелегално фрлање најмалку 35.000 тони отпад од Италија, Словенија и од Германија во Хрватска, генерирајќи профит од најмалку четири милиони евра за криминалците.
Во Англија, податоците од Агенцијата за животна средина покажуваат 137 отворени истраги за нелегални депонии, кои вклучуваат повеќе од еден милион кубни метри материјал.
Во регионот Кампања во јужна Италија, нелегалното фрлање токсичен отпад од страна на мафијата е причина за зголемената стапка на смртност и болести во областа. Во Англија и Велс, со сегашното темпо на користење, нашиот преостанат капацитет на депонии би можел да се потроши околу 2050 година. Новите локации често се соочуваат со еколошки проблеми и јавно противење.
Портпарол на Агенцијата за животна средина соопшти: „Нашата работа е да ги заштитиме луѓето и животната средина и тесно соработуваме со индустријата за депонии, компаниите за вода и целата влада за подобро да ги разбереме влијанијата од хемикалиите ПФАС во депониите. Тимовите на Агенцијата за животна средина спроведуваат повеќегодишна програма за подобрување на доказите за изворите на загадување со ПФАС во Англија. Паралелно со ова, спроведуваме и понатамошни студии за да го истражиме потенцијалниот придонес на ПФАС во исцедокот од депониите во ограничен број канализациски работи“.
– Сакаме да спречиме појава на отпад уште на почетокот, но таму каде што се појавува отпад, треба да управуваме со него на најсоодветен начин. Посветени сме на намалување на количеството отпад што се испраќа на депонија, поддржано преку нашите реформи за собирање и пакување. Заедно со ова, претстојниот план за раст на кружната економија ќе ги наведе мерките за поттикнување поголема повторна употреба и рециклирање, заштита на вредноста на нашите ресурси и спречување на отпадот на нацијата да оди на депонија – нагласува портпарол на Дефра. Р.С.


































