РАКОМЕТ

Ново утро дојде за репрезентацијата на Македонија, откако најдобриот стрелец и ракометна легенда Кирил Лазаров стави крај на својата играчка кариера, но Лазаров не отстапи од ракометна Македонија, станувајќи селектор, што е неговиот прв ангажман на оваа позиција, пишува Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) во текстот за македонската селекција во пресрет на Светското првенство (СП) во јануари во Полска и во Шведска.
ИХФ го анализира и патот на Македонија до СП 2023. Македонија одигра два квалификациски меча за пласман, победувајќи со вкупно 52-46 на мечевите со Романија, и со вкупно 51-49 со Чешка, во овие мечеви Лазаров уште играше, но тој сега повеќе нема да биде на теренот откако ја претставуваше Македонија на седум светски првенства, а беше присутен и на сите турнири на кои настапи за својата држава, пишува ИХФ. Неговото повлекување од играчката кариера, исто така, сигнализира нов почеток на Македонија, со многу свежи играчки лица, кои се појавија во текот на минатата година. Според ИХФ, сепак, неколку искусни играчи уште се срцето и душата на репрезентацијата, во тимот се враќа десното крило Дејан Манасков, а наедно искусниот голман Никола Митревски додава уште една нова димензија на тимот. На Македонија ќе ѝ недостига пикерот Стојанче Стоилов, посебно во одбраната, бидејќи поранешниот капитен на националниот тим се пензионира, откако ѝ помогна на репрезентацијата да се пласира на СП 2023, пишува ИХФ.
Македонија постојано е присутна на СП во изминатата деценија, а во 2023 година е нејзиниот шести последователен настап, вкупно осми. Македонската репрезентација се подготвува во Маврово, а на СП 2023 ќе игра во групата Ф со Норвешка на 13 јануари, со Холандија два дена подоцна и со Аргентина на 17 јануари. Г.И.