Четвртоодделенците од ООУ „Рампо Левката“ од Прилеп токму на 29 октомври, денот на кој пред 80 години е испечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“, одржаа работилница за литература и медиумска писменост со поетот Филип Димкоски, новинар во нашиот медиум.
На учениците им беше интересен фактот дека весникот „Нова Македонија“, преку кој растеле и се образовале нивните баби и дедовци, па нивните родители, и денес е во постојана дружба со младите, како печатен дневен весник, но и како електронско издание достапно на интернет.
Прославувајќи го јубилејот 80 години од објавата на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ беше укажано и на 66-те години постоење на додатокот за деца „Колибри“, создаден од поетесата Евгенија Шуплинова, која потекнува од прилепско Тополчани.

Беа спомнати и датумите во годината што се поврзани со книгата, а со помош на децата заеднички учеа и за литературата, но и за медиумската писменост.
Наставничката Бисера Вишиноска, која е организаторка на средбата, истакна дека ваквите настани им се потребни на децата, затоа што на најдобар начин, преку интеракција, им се доближува книгата, со нејзината важност и значење.
Поетот Димкоски на сите четвртоодделенци од ова училиште и на нивните наставнички Елизабета Маркоска, Анета Мицеска и Анета Спасеска им го раскажа патот на книгата од ракопис, преку издавачка куќа и печатница, па до објавување и нејзино изложување во книжарниците и библиотеките. Тој им читаше песни од неговите книги „Заедно да растеме“, „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ и „Овошје и зеленчук“, а во некои од изведбите ги вклучи и учениците, кои рецитираа и драматизираа.