Фото: „Нова Македонија“

Институтот за јавно здравје алармира за двојно повеќе грипосани сограѓани од лани

  • Грипот не е „обична настинка“, велат експертите со кои се консултиравме од областа на здравството, додавајќи дека најдобра заштита за граѓаните е вакцинацијата, во пакет со одговорно однесување и со добра лична хигиена! „Со тоа се штитиме себеси, но и најранливите категории во општеството“, велат тие и упатуваат силен апел до јавноста за почитување на препораките за заштита, за кои самите инсистираа да бидат јасно нагласени и наброени, во интерес на граѓаните во нашата земја

Надлежните служби во земјава повикуваат на зголемено внимание и соодветен третман во врска со сезонскиот грип, поради забележително зголемување на бројот на заболени во почетокот на оваа сезона. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во периодот од 5 до 11 јануари се регистрирани 2.322 случаи на грип и грипоподобни заболувања, што претставува раст од околу 36 отсто во споредба со претходната недела и двојно повеќе од истиот период лани.
И покрај ваквото зголемување на бројките, сепак здравствените власти оценуваат дека нема место за стрес или паника. Засега епидемиолозите предупредуваат дека вирусот е активен на средно до високо ниво, а очекувањата се дека екот на сезоната може да се случи од крајот на јануари до средината на февруари.
Во такви околности засега Министерството за здравство и Центарот за јавно здравје упатија до граѓаните препораки за внимателност и превенција. Се советува редовно миење на рацете, проветрување на просториите и избегнување големи собири, особено за ризичните групи, како што се децата, постарите лица и хронично болните.
ИЈЗ посочува дека вирусот и понатаму ќе влијае на здравствениот систем и работната способност на населението, со можни зголемени посети кај матичните лекари.

Да се почитуваат препораките за заштита

Зголемување на бројот на заболени се забележува не само во Скопје туку и во Тетово и Куманово, што покажува дека вирусот се шири низ земјата. Експертите апелираат до граѓаните да ги следат препораките за хигиена и да избегнуваат ризични средини за да се намали преносот на вирусот. Превенцијата и внимателноста се клучни додека грипот ја достигнува највисоката активност во тековната сезона.
Медицинските ординации се подготвуваат за зголемен број пациенти, а лекарите апелираат да се почитуваат препораките и децата со симптоми да не посетуваат училиште или градинка. Според последните информации, во Клиниката за респираторни заболувања се лекуваат 70 деца, од кои 10 се на кислород, а кај 15 е потврден грип, инфлуенца А.
Здравствените установи се подготвени за зголемен обем на работа во наредните недели.
Многу соговорници, матични лекари и инфектолози, како и од Институтот за јавно здравје, истакнуваат дека најефикасна заштита од грипот е комбинација од профилактика (превенција) и секојдневни заштитни мерки, особено кај децата, старите лица и хронично болните.

Профилактика (превентивни мерки)

Развојот на ситуацијата со сезонскиот грип наложи да се обидеме да им помогнеме на нашите читатели со конкретни совети, во консултација со врвни стручњаци од оваа област. Единствениот заклучок, односно главната препорака околу која нашите соговорници беа едногласни е фактот дека вакцинацијата против грип е најефикасна заштита од тешка форма на болеста и компликации. Ова особено се препорачува за децата, за лицата над 65 години, за хронично болните (срце, бели дробови, дијабетес), бремените жени и здравствените работници. Дури и ако не спречи целосно заболување, вакцината значително го намалува ризикот од хоспитализација и фатални последици.
Што се однесува до категоријата профилактични лекови, ни беше укажано дека тие се користат само по препорака на лекар, најчесто кај лица со висок ризик или по блиски контакти на потврдени случаи. Во секој случај, она што е особено важно – не се земаат на своја рака.
Покрај ова, здравствените работници ги потенцираат и секојдневните заштитни мерки. Тоа е пред сѐ редовното одржување на хигиената како исклучително важно во овој период. Покрај често и темелно миење раце со сапун, тие укажуваат и на користење дезинфициенс кога нема вода, како и на избегнување допирање на лицето со нечисти раце.
Наедно, се препорачува носење маска во затворени и преполни простории, особено за стари лица, хронично болни и лица со симптоми. Како најдобра превентива сепак е избегнување близок контакт со болни лица.
Во тие рамки, како одговорно однесување се препорачува децата со симптоми (кашлица, температура, течење нос, болки во грло) да не одат во училиште или градинка, а возрасните да останат дома ако се болни.
Се препорачува често проветрување на просториите дома, во училишта и градинки, како и намалување на престојот во затворени, непроветрени простории.
Лекарите во овој период особено укажуваат и на потребата од зајакнување на имунитетот. За таа цел се препорачува разновидна исхрана со овошје и зеленчук (особено витамини Ц и Д), внесување доволно течности, редовен сон и одмор и, по можност, умерена физичка активност.
Во врска со нашите навики да се користат разни додатоци во исхраната, нашите соговорници укажуваат дека тие може да помогнат, но не ја заменуваат вакцината. Токму затоа, се препорачува да се користат само по совет од лекар или фармацевт.
Што се однесува до нашите повозрасни сограѓани, за нив се препорачува посебна заштита, која подразбира минимизирање посети за време на екот на грипот, вакцинирање и на лицата што живеат со нив, а пред сѐ брзо јавување кај лекар при појава на првите симптоми на грип.


Препораки за родителите, за воспитно -образовните институции и за повозрасните лица

Препораки за родителите

  • Не праќајте го детето во училиште/градинка ако има температура, кашлица, течење слуз од носот или гребење или болки во грлото.
  • Консултирајте се со лекар при првите симптоми, особено кај малите деца.
  • Научете ги децата редовно да ги мијат рацете и да не го допираат лицето.
  • Проветрувајте го домот неколкупати дневно.
  • Размислете за вакцинација на детето и на членовите на семејството.
  • Обезбедете доволно сон, течности и здрава исхрана.

Препораки за училиштата и градинките

  • Да не се дозволува престој на деца со видливи симптоми.
  • Редовно проветрување на училниците и заедничките простории.
  • Често чистење и дезинфекција на површини.
  • Поттикнување миење раце кај учениците.
  • Информирање на родителите за важноста на одговорното однесување.
  • По потреба, користење маски од страна на наставниот кадар и учениците.

Препораки за старите лица

  • Вакцинација против грип – најважна мерка.
  • Избегнување метеж и непотребни посети.
  • Носење маска во затворени простории.
  • Редовна хигиена на рацете.
  • Контрола на хроничните заболувања и редовна терапија.
  • Веднаш јавување кај лекар при температура, кашлица или отежнато дишење. Н.М.