Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во изминатиов период се забележува уште една сериозна појава, појава што е насочена против партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Имено, фондацијата „Бугарска меморија“ поднесе тужба против македонската партија барајќи отштета од 10.000 евра и јавно извинување за оштетувањето на нејзиниот имиџ. Според добро упатени извори, тужбата има цел финансиски да ја исцрпи партијата на Македонците во Република Албанија, со што единствениот македонски политички субјект кај нашиот западен сосед може да исчезне

Бескрупулозен обид на Бугарија да ја згасне единствената македонска партија во Република Албанија

Обидите за асимилација и одродување на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија продолжуваат, особено од страна на одредени бугарски приватни фондации и организации, како што е фондацијата „Бугарска меморија“. Негативната кампања против македонските национални особености, како што се јазикот или историјата, кај нашиот западен сосед се засили по Преспанскиот договор и т.н. Договор за пријателство со Република Бугарија. Според добро упатени лица во оваа проблематика, антимакедонската кампања во Албанија е тесно поврзана со сличните активности во Република Македонија, но и во Косово, активности што се насочени кон видоизменување на македонската нација.
Во случајот со припадниците на македонскиот народ во Албанија, бугарските асимилаторски политики беа најгруби, официјална Софија се закани со вето за Албанија, имаше бесплатни медицински прегледи за Македонците, се реновираа училиштата каде што живее македонската заедница, се делеа бугарски пасоши, како и најдиректно мешање во внатрешните работи на Албанија, преку одделни притисоци и други активности во текот на последниот попис на населението кај нашиот сосед.
Во изминатиов период се забележува уште една сериозна појава, појава што е насочена против партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Имено, фондацијата „Бугарска меморија“ поднесе тужба против македонската партија барајќи отштета од 10.000 евра и јавно извинување за оштетувањето на нејзиниот имиџ. Според добро упатени извори, тужбата има цел финансиски да ја исцрпи партијата на Македонците во Република Албанија, со што единствениот македонски политички субјект кај нашиот западен сосед може да исчезне.
Поради овие притисоци, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) побара од албанските власти итно да ја забранат активноста на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, притоа изразувајќи длабока загриженост за тековните напори на бугарските власти и споменатата фондација да ја асимилираат македонската заедница.

– Директно му се обраќаме најпрво на премиерот Еди Рама, од кого уште еднаш бараме итна интервенција, негова и на надлежните институции, да ги прекинат активностите на фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзината криминална мрежа во областите каде што живее македонската заедница. Овие активности претставуваат сериозно мешање во внатрешните работи на Албанија, ја поткопуваат етничката толеранција и сериозно ја нарушуваат заедничката хармонија, која отсекогаш била една од највисоките вредности на нашата земја – изјави Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Според Стерјовски, во дописот се потсетува дека на 24 јануари 2024 година партијата упатила писмо во кое ја изразува големата загриженост во врска со различните методи што ги користат овие структури, вклучувајќи и коруптивни активности и неприфатливи притисоци врз македонската заедница во Албанија.
– Конкретно, фондацијата „Бугарска меморија“, поддржана од различни бугарски структури, е вклучена во корупција на албанските функционери преку донации, со цел да се создаде криминална мрежа што се занимава со асимилација на Македонците во Албанија, манипулација со пописните податоци во областите со македонско малцинство и издавање лажни потврди за бугарско потекло и помош во бизнисот со бугарски пасоши. За жал, и покрај нашите барања за интервенција на албанските институции за запирање на овие активности и уништување на оваа структурирана криминална мрежа, до денес не е преземена конкретна акција. Напротив, фондацијата продолжува да ги врши своите незаконски активности под премолчена заштита или отворена поддршка на државните институции – нагласува Стерјовски.
Според него, ситуацијата ескалирала уште повеќе, бидејќи фондацијата поднесе тужба против партијата барајќи отштета од 10.000 евра и јавно извинување за оштетувањето на нејзиниот имиџ. Првото рочиште за овој предмет е закажано за 18 февруари 2025 година во Основниот суд во Корча.

– Денеска оваа структурирана криминална група, вклучена во наведените незаконски активности, се обидува да влијае и на парламентарните избори на 11 мај 2025 година, со цел преку албанските политички партии да вметне свои претставници во албанскиот парламент – вели Стерјовски.
Дописот е упатен и до шефот на државата Бајрам Бегај, до претседателката на парламентот Елиса Спиропали, до министрите за Европа и надворешни работи Игли Хасани и за внатрешни работи Ервин Хоџа, до народниот правобранител Ерлинда Баланца, комесарот за заштита од дискриминација Роберт Гајда. Заради запознавање со оваа загрижувачка состојба и соодветна реакција дописот е доставен и до меѓународните претставници во Тирана, делегацијата на ЕУ, мисијата на ОБСЕ, канцеларијата на Советот на Европа, американската и амбасадите на земјите од Европската Унија во Тирана и, секако, до македонската амбасада, како и до Секретаријатот на рамковната конвенција за заштита на малцинствата во Стразбур.


Продлабочување на активностите на македонското друштво „Илинден“-Тирана

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, врз основа на статут и во согласност со своите надлежности ги назначи Фатри Фетаху за координатор на друштвото за областа Голо Брдо, Сабина Џелили за координатор на друштвото за округот Елбасан и Ламбе Шатровски за координатор на друштвото во Република Македонија. Новите промени имаат цел да се засилат активностите во македонските средини, но и да се продлабочи соработката со Македонија како матична држава на македонскиот народ.
Фатри Фетаху е роден во селото Требиште, област Голо Брдо. Фетаху од 2015 година е член на македонското друштво „Илинден“-Тирана, активист на македонското национално малцинство во областа Голо Брдо. Од 2019 до 2021 година бил потпретседател на македонското друштво „Илинден“-разгранок Голо Брдо, а од 2021 до 2024 година претседател на македонското друштво „Илинден“-разгранок Голо Брдо и дописник на македонскиот весник „Илинден“. За својата ангажираност Фетаху во 2016 година беше добитник на благодарницата „Илинден“.
Сабина Џелили е родена во Елбасан, по потекло од областа Голо Брдо. Сабина Џелили е членка на македонското друштвото „Илинден“-Тирана од 2019 година и активистка на македонското национално малцинство во округот Елбасан.
Ламбе Шатровски е роден во селото Пасинки, во областа Голо Брдо. Од 2010 година Ламбе Шатровски е член на македонското друштво „Илинден“-Тирана и од 2015 година дописник на македонскиот весник „Илинден“, активист на Македонското национално малцинство во Република Албанија. Од 2020 до 2024 година е генерален координатор на македонското друштво „Илинден“-Тирана за татковината Македонија. Во 2020 година е добитник на благодарницата „Илинден“ по повод десет годишнината на друштвото. Д.Ст.