Урсула фон дер Лајен / Фото: „Нова Македонија“

Остри тонови на суверенистичко спротивставување од Германија кон (нео)либералните бриселски евробирократи

  • Копретседателката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, во јавноста истакна дека „паралелно со укинувањето на ЕУ мора да се избркаат на истиот начин и евробирократите од Брисел“. Иако според германските мејнстрим либерални медиуми копретседателката на АфД, Вајдел, бележи надолна линија во својата популарност во најновата анкета за рејтингот на политичарите во Германија, од друга страна, нејзината АфД, според истите анкети, веќе е водечка политичка сила во оваа држава, која беше една од неколкуте „политички и економски локомотиви“ во ЕУ и на европскиот континент

– Европската Унија и нејзината диктатура мора да бидат укинати. За Урсула фон дер Лајен никој не гласал, ниту е избрана од некого, туку таа ѝ е наметната на Европа. Затоа таа не може да одлучува за што било, ниту да им ја одредува судбината на европскиот континент и на Германија. Сите нации во Европа треба да бидат слободни, да тргуваат и да живеат слободно – нагласи Алис Вајдел, една од двата лидера на Алтернатива за Германија – АфД (заедно со Тино Хрупала) во своето видеообраќање до германскиот народ од Берлин во петокот.
Според германските медиуми, копретседателката на АфД, Вајдел, бележи значителен пад во својата популарност во најновата анкета за рејтингот на политичарите во Германија. Но, од друга страна, нејзината АфД, според истите анкети, веќе е водечка во оваа држава, една од неколкуте „политички и економски локомотиви“ во ЕУ и на европскиот континент.
Во видеоснимката, објавена на општествената платформа Икс, копретседателката на Алтернатива за Германија, Вајдел, вели дека „паралелно со укинувањето на ЕУ мора да се избркаат на овој начин и евробирократите од Брисел“.
– Сепак, барањето за дегзит, за излегување на Германија од ЕУ, би било фундаментално погрешно, бидејќи би значело напуштање на единствениот пазар. Но, секоја држава во ЕУ би требало да биде слободна да ја напушти ЕУ. Јас се залагам за европски економски простор, но не и за оваа монструозна суперструктура, со десетици илјади службеници, кои не му се потребни никому и кои се платени премногу – посочува Вајдел, која, бездруго поради изразените противреакции во германската јавност, сега го ублажува значително или можеби само привремено го трга настрана нивниот првично нагласен став и барање за дегзит – да тргне и Германија по патот на Велика Британија, која по својот референдумски брегзит се збогува со ЕУ.
Во своето јануарско видеоистапување во јавноста Вајдел ја наведе заложбата своја и на АфД и од што „треба да се ослободат Германците“.
– Треба да се ослободиме од ЦДУ, од Урсула фон дер Лајен, од нивните јаглеродни даноци, од забраните за загревање во зградите, од нивната енергетска политика. Да се ослободиме од сево ова, од автократскиот апарат на ЕУ. Нам ни треба само слободен внатрешен пазар за европските земји и, над сѐ, нам ни требаат слободни нации со безбедни граници. Затоа целата оваа Европска Унија треба да биде укината и луѓето да бидат исфрлени оттаму. Тогаш ќе има напредок – посочи Вајдел во своето најново истапување во германската јавност.

Рејтингот на Вајдел е надолен, но АфД е во подем

Германскиот весник „Велт“ на 7 јануари годинава ги објави рејтинзите на Вајдел и на АфД, како и на други партии и германски политичари, во својата анализа со наслов „Вајдел паѓа во анкетите – Клекнер сега е најпопуларната политичарка во Германија“. Шефицата на АфД засега не котира најдобро меѓу гласачите…
– Иако АфД постигнува рекордни максимуми во анкетите, лидерката на партијата Алис Вајдел не профитира. Таа изгуби значителна поддршка во најновото рангирање на политичарите од Институтот за анкети ИНСА, и покрај тоа што нејзината партија достигна нов рекорден максимум во анкетите. Вајдел беше рангирана на петтото место кон средината на декември, но сега е на 15-то место. Канцеларот Фридрих Мерц од ЦДУ и неговиот лидер на парламентарната група Јенс Шпан повторно се наоѓаат на дното на ранг-листата на ИНСА: на табелата на 20 политичари, Мерц е дури на 19-то место по популарноста, а Шпан на самото дно – на 20-то место. АфД е моментално водечка партија во Германија според својата популарност со 25 проценти, а владејачката коалиција ЦДУ/ЦСУ има 25 проценти популарност меѓу Германците – објави „Велт“.
Според најновата анкета и мерење на популарноста, спроведено од една друга германска агенција, ГМС, АфД има поддршка од 27 отсто од гласачите. Двете споменати анкети ја покажуваат водечката позиција на оваа партија во Германија.
Во својата анализа со наслов „Германската крајно десничарска AфД може да ја преземе регионалната власт во 2026 година“ од 24 декември 2025 година „Дојче веле“ посочи дека оваа партија ќе се бори за власт на покраинските избори во 2026 година.
– АфД е во пораст со години. Во Источна Германија стана најсилна партија. Таа станува сè поотворено екстремистичка. Алтернатива за Германија ќе се бори за власт на покраинските избори следната година. Групите на граѓанското општество се вознемирени, како и безбедносните служби, кои открија дека некои од фракциите на АфД претставуваат екстремистички закани. Политичарите на АфД сè повеќе отворено се спротивставуваат на фундаменталните вредности на германскиот устав: дека никој не може да биде дискриминиран поради своето потекло, религија, култура или раса – напиша „Дојче веле“ во својата анализа.
Сѐ на сѐ, Вајдел и Алтернатива за Германија преку нејзиното видеообраќање од 9 јануари ѝ објавија своевидна „војна до истребување“ на Европската Унија, на Урсула фон дер Лајен и нејзиниот 26-член тим на еврокомесари. „Ние сме германскиот народ!“, пишува на транспаренти на возила со знаме на партијата Алтернатива за Германија, кои наголемо веќе кружат низ оваа држава. АфД влегува во 2026 година со намера не само да ѝ ги разниша уште посилно темелите на оваа и ваква Европска Унија, туку и стремејќи се таа да биде реформирана како „Европа на татковините“, односно како „Европа на суверени нации“ и претворајќи се во здружение на суверени држави, кое би се фокусирало на заеднички пазар и економска заедница и кое едновремено би го зачувало целосниот суверенитет на своите членови. АфД всушност има намера да ѝ стави „геополитичка атомска бомба“ на ЕУ во нејзините темели, а потоа да си го врати назад својот германски државен и национален суверенитет!
Ова веќе значи дека Германија „тивко“ го става на самиот крај на својата и европската периферија прашањето на натамошното проширување на ЕУ. За неа се и ќе бидат уште повеќе приоритет спасувањето на националната економија, трета година влезена во рецесија, справувањето со внатрешните политички вриежи и потреси од надоаѓачката АфД. Фридрих Мерц, германскиот канцелар со својата рекордна непопуларност во Германија, и неговиот владин кабинет, реално, нема да имаат време ниту да помислат за некакво таму примање нови членки од Западен Балкан во ЕУ, а за Украина е можеби сосема поинаква приказната, од „повисоки геополитички причини“.


АфД цели кон целосна контрола на власта на сојузно ниво

Целта на АфД на сојузно ниво во Германија не се коалиции со други партии, туку целокупна контрола. Тоа го изјави Ханс-Томас Тилшнајдер, заменик-водач на парламентарната група на AфД во Саксонија-Анхалт. Пред сè, АфД сака да депортира луѓе од Германија. Тилшнајдер повикува на „офанзива на депортација“ како „прва политичка мерка“, ако биде формирана сојузна влада, предводена од Алтернатива за Германија. Во рамките на партијата барањето е формулирано како „реемиграција на милиони“.
„Дојче веле“ наведува дека „постојат сè поголем број судски пресуди што сведочат за неуставната природа на фракциите на АфД“ и нагласува: германските безбедносни власти собираат сè повеќе докази за агресивната борба на оваа партија против фундаменталните демократски вредности.
– Претпоставувам дека АфД во владата дополнително би го утврдила и би го професионализирала својот радикализам – истакнува Матијас Квент од Институтот за демократска култура на Универзитетот „Магдебург-Штендал“.
Во својата анализа со наслов „АфД во 2026 би можела да ја промени Германија“ од 5 јануари годинава „Дојче веле“ укажува дека влезот на АфД во владата на сојузно ниво сè уште не изгледа како реално остварлива цел, но и оти во некои сојузни покраини ситуацијата е веќе поинаква.
– Избори годинава ќе се одржат во четири покраини: во две во Источна Германија, односно на 6 септември во Саксонија-Анхалт и на 20 септември во Мекленбург-Предна Померанија, како и во две покраини во Западна Германија, односно во Баден-Виртемберг на 8 март и во Рајнланд-Пфалц на 22 март 2026 година. Во источните покраини АфД е веќе убедливо најсилна партија и таму сака да дојде на власт – укажа „Дојче веле“.

Свето Тоевски