„Њујорк тајмс“ го избра филмот „Паразит“ за најдобар филм на 21 век

„Паразит“ на корејскиот режисер Бонг Џун-хо е еден од најценетите и наградувани филмови на денешницата, освојувајќи ја ретката двојна награда „златна палма“ во Кан и „оскар“ за најдобар филм, меѓу лавина други признанија.
Режисерот Џун-хо преку својот уникатен пристап го опишува раскошот на европскиот барок, додека главните протагонисти, семејството Ким, се инфилтрираат во домот и животите на ултрабогатото семејство Парк, откривајќи ги сите аномалии во срцето на нивниот капиталистички систем на вредности.
Џунг Џае-ил, кој свири на пијано, брзо се издигна и стана еден од најславните и најбарани филмски композитори на неговата генерација. По неговиот пробив со „Паразит“, тој ја компонираше иконската музика за „Сквид гејм“ (сезони 1-3), номинираниот за „златна палма“ во 2022 година, „Брокер“ на Бонг Џун-хо за 2024 година и „Твинлес“ – изборот на „МИФФ 2025“, напишан и режиран од Џејмс Свини.
– Компонирањето на партитурата за „Паразит“ за режисерот Бонг Џун-хо беше искуство што ми го промени животот и тоа е дело на кое сум неверојатно горд. Многу сум возбуден што ќе ја диригирам и изведувам оваа оригинална партитура во живо на концерт, за првпат во Австралија, со талентираниот оркестар „Викторија“, како дел од Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн – вели Џунг Џе-ил во интервју за „Њујорк тајмс“.
Со неочекувани музички контрасти што постојано евоцираат чувство на неизвесност, партитурата на композиторот Џунг Џе-ил навестува што лежи под површинскиот изглед на ликовите.
„Тајмс“ го опиша „Паразит“, кој освои четири „оскари во 2020 година, како „приказна за оние што имаат и оние што немаат и жесток укор за уништувањето на неолиберализмот“, како и „пријатно изопачен и вознемирувачки шокантен“.
– Бонг Џун-хо, мајстор на жанрот неограничен од конвенции, лесно се ориентира помеѓу комедијата и жестоката социјална сатира низ целиот филм, а потоа го пали сето тоа со пароксизам на трагично насилство, што е исто толку зачудувачки колку што е и неизбежно – пишува весникот.
„Мулхоланд драјв“ (2001) од Дејвид Линч беше втор на листата, а „Ќе има крв“ (2007) од Пол Томас Андерсон трет. Потоа следуваат: „Во љубовно расположение“, „Месечева светлина“, „Нема земја за старци“, „Вечното сонце на беспрекорниот ум“, „Излези надвор“, „Однесени од духот“, „Социјална мрежа“ итн.
Рангирањето е составено со анкетирање на 500 глобално познати режисери, актери, продуценти и филмски љубители.


Ѕвездата на „Мулхоланд драјв“, Ребека Дел Рио, почина на 57 години

Пејачката Ребека Дел Рио, позната по уникатниот вокален настап во филмот „Мулхоланд драјв“ со Дејвид Линч, почина на 57-годишна возраст.
Веста за смртта на пејачката беше откриена откако нејзиниот внук Ден Коронадо објави текст со почит кон својата тетка на социјалните мрежи. Според извештаите, таа починала на 23 јуни 2025 година; сепак, засега не е откриена причина за смртта.
Во објавата, Коронадо ја пофали работата на неговата тетка и нагласи колку е благодарен што ги споделува своите таленти, велејќи: „Тукушто дознав дека мојата Тиа Беки починала. Последен пат се видовме на Денот на татковците. Многу сум благодарен што децата имаа можност да ја слушнат како пее, а исто така и што тајно го снимив моментот“.
Најпрепознатлива по изведбата на шпанската песна „Плач“ од Рој Орбисон, во класикот на Дејвид Линч, Дел Рио продолжи да настапува, снимајќи поинаква верзија на мелодијата со „Ил Диво“ во 2011 година.
Коронадо исто така се осврна на нејзиниот култен настап во својот трибјут, велејќи: „Нејзината најпозната песна е насловена (во оригинал) ’Љорандо’, која е именувана по песната ’Плач’ на Рој Орбисон. Тиа, ти благодарам што го сподели твојот прекрасен талент со светот. Те сакаме“.
Во една од најмаркантните музички изведби што се видени на филмското платно, Дел Рио, и покрај тоа што користеше однапред снимена песна за финалната верзија на филмот на Линч, инсистираше да пее во живо секогаш кога беше на снимање. Знаејќи дека ќе добие искрена реакција и од актерската екипа и од публиката, Дел Рио сметала дека е важно да продолжи да пее во текот на снимањето, велејќи: „Чувствував дека морам да го создадам истото чувство со вибратото во грлото за да може публиката да го види тоа“.
Таа сцена е една од најпознатите филмски сцени во поновата филмска историја, која буди чувства на вознемиреност и тага, но во исто време и чувство на возвишеност, и перфектно се вклопува во целата атмосфера што е специфична само за мајсторот на амбиентот – Дејвид Линч.
Иако нејзината импресивна изведба во 2001 година останува нејзина најпозната песна, таа низ годините продолжи да работи на разни проекти на Линч, на крајот снимајќи ја „Без ѕвезди“ на Линч за серијата „Твин Пикс: Враќање“. Таа, исто така, низ годините го позајмуваше својот глас за филмови, како што се саундтракот за „Човек во оган“ и „Грешниот град“.
Иако деталите за нејзината смрт се оскудни, Дел Рио имаше многу здравствени проблеми во последните години од својот живот. Покрај тоа што го загуби својот син во 2009 година, таа помина низ неуспешна операција во последните години, поради која не можеше да се искачува по скалите од својот дом.

 


Заврши филмскиот фестивал „Рејнденс“

Реномираниот филмски фестивал „Рејнденс“, кој се одржа од 18 до 27 јуни во Лондон, заврши. Кениско-германската копродукција „Нави“ беше прогласена за најдобар филм на меѓународното натпреварување, што е 10-та награда за овој филм на разни фестивали низ целиот свет.
Тринаесетгодишната Нави дознава дека нејзиниот татко ја продава на многу постар маж за стадо кози. Наместо да се покорува на традицијата, таа одлучува да се бори против претстојниот брак и тргнува на патување за да го врати својот сон да се запише во средно училиште.
Во меѓувреме, во конкуренцијата за најдобар британски филм победи авантуристичкиот трилер „Роу“, кој е познат по тоа што е сниман на отворено море.
По неуспешниот обид за веслање преку Атлантикот, една жена е заглавена на брегот во чамец. Со исчезнатиот екипаж, за кој се претпоставува дека е мртов, таа мора да ги состави своите фрагментирани сеќавања од тоа искушение за да ја докаже својата невиност.
Режисер на овој филм е Метју Лосасо, кому овој филм му е деби во играниот филм.