Фото: ЕПА

ИОК ВО ПРЕСРЕТ НА ЗОИ 2026 (5)

Во пресрет на ЗОИ 2026, Интернационалниот олимписки комитет објави серија со која објаснува интересни детали за спортовите што се играат на мраз и на снег

  • Во текот на повеќе од 200 години, скијачите скокачи го барале совршениот стил. Денес доминира „V-стилот“, кој првично беше пречекан со изненадување и со скептицизам

Од скокот од 9,5 метри на Олаф Рај во почетокот на 19 век до светскиот рекорд на Домен Превц од 254,5 метри поставен во 2025 година, скијачите скокачи се стремеле кон една цел, да летаат подалеку и да останат во воздух подолго. Во текот на повеќе од 200 години, скијачите скокачи го барале совршениот стил.
Во пресрет на Зимските олимписки игри (ЗОИ) годинава, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави серија со која објаснува интересни детали за спортовите што се играат на мраз и на снег, а сега се осврнува на фасцинантната еволуција на стилот на скијачки скокови.
Во скијачките скокови важни се многу детали, продолжувањето на времето во воздух отсекогаш било важно за постигнување поголема далечина, а техниките на скокање еволуирале со текот на времето.
Имало време кога скокачите летале во форма на птици или како суперхерои од филмовите. Денес, меѓутоа, доминира „V-стилот“. Кога ќе почнат Зимските олимписки игри во Милано и во Кортина д`Ампецо на 6 февруари годинава, најдобрите скијачи скокачи во светот повторно ќе лебдат во воздухот во таа препознатлива форма на поставувањето на скиите во летот, пишува ИОК.
Сепак, „V-стилот“ првично беше пречекан со изненадување и со скептицизам. Масахико Харада од Јапонија, кој го освои екипното злато на Зимските олимписки игри во Нагано (Јапонија) во 1998 година, се присети на својата прва реакција кога видел скок со „V-стил“, во едно интервју во тоа време, велејќи: „Мојата искрена мисла како скокач беше: Тоа изгледа ужасно…, како може воопшто да се лета така?“, пренесе Интернационалниот олимписки комитет.

Менување на стиловите

Во раните денови на скијачките скокови, спортистите скокале во она што било познато како „исправен стил“. Норвежанецот Сондре Норхајм, познат како татко на модерното скијање, скокал во исправен стил кога го освоил првото натпреварување во скијачки скокови во светот, одржано во Норвешка, во 1866 година.
По Првата светска војна, норвешките скијачи скокачи, како Јакоб Тулин Тамс и Зигмунд Руд, ја усвоиле „техниката Конгсбергер“, свиткувајќи се во колковите, истегнувајќи ги рацете напред и држејќи ги скиите паралелно. Тамс го освоил првото олимписко злато во скијачки скокови во Шамони, во 1924 година.
На тие Зимски олимписки игри, тој забележал скок од 49 метри, но како што се ширела популарноста на оваа техника, таа го отворила патот за поголеми должини на скоковите. Во 1936 година, Австриецот Сеп Брадл конечно го постигнал она за што скијачите скокачи долго сонувале, надминувајќи ја границата од 100 метри.
Во текот на оваа ера, скокачите често ги раширувале рацете и ги движеле како птици за да балансираат, но „мавтањето со рацете“ подоцна било забрането. Околу 1950 година, „стилот на Дешер“ стана популарен, при што спортистите ги држеа рацете покрај телата, по што набргу потоа следуваше „класичниот стил“, во кој целото тело се наведнува напред, наместо да се свиткува во колковите, додека скиите се држат паралелно, пишува Интернационалниот олимписки комитет.

Развој на „V-стилот“, од одземање поени до совршенство

Класичниот стил остана доминантен со децении. Дури и на ЗОИ во Калгари, во 1988 година, ова беше стандардната форма што ја користеа скијачите скокачи, вклучувајќи го и Еди Едвардс-Орелот, чија приказна подоцна стана филм, и легендарниот Финец Мати Никанен, познат како летачкиот Финец, пишува ИОК.
Вниманието почна да се префрла на „V-стилот“, воведен од Јиржи Малец од Чехословачка и од Јан Боклев од Шведска, во кој скиите се раширени во форма на латинската буква V, а главата е поставена надолу, помеѓу скиите. Во споредба со класичниот стил, подигнувањето е многу поголемо во раната фаза на летот, кога скиите формираат „V“. Во подоцнежната фаза од скокот, таквата поставеност на скиите создава поголем отпор, помагајќи му на спортистот да забави во воздухот и да слета побезбедно.
Иако се верува дека Мирослав Граф од Полска го извел скокот во „V-стил“ уште во 1969 година, популарноста почна да се менува во Калгари, на ЗОИ во 1988 година, кога Малец стана првиот скокач со „V-стил“ што освои медал. Во следната сезона Боклев ја освои титулата во Светскиот куп на Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Тогаш, „V-стилот“ беше казнуван со помалку поени за стил, па затоа беше во неповолна положба. Но на голема скокалница разликата во скоковите стана очигледна. Дури и непознати скокачи одеднаш можеа да летаат 10 или 20 метри подалеку. Како скијач скокач, вашиот инстинкт е да се натпреварувате за растојание, а не за стилски поени – вели Харада, пренесе Интернационалниот олимписки комитет.
Како што скијачите скокачи што го користеа класичниот стил гледаа како нивните резултати се намалуваат, спортистите што го усвоија „V-стилот“ почнаа да се истакнуваат. Интернационалната скијачка федерација, исто така, помогна во забрзувањето на промената со ревидирање на системот за стилски поени. Како резултат на тоа, сѐ повеќе скијачи скокачи постепено го прифатија „V-стилот“.
Денес, формата е цврсто воспоставена како стандард во скијачките скокови, а спортистите продолжуваат да ја усовршуваат својата техника додека се подготвуваат за настап на годинашните Зимски олимписки игри во Милано и во Кортина д`Ампецо.
Скијачките скокови дебитираа во олимписката програма на Зимските олимписки игри во Шамони во 1924 година со натпревар на голема скокалница за мажи. Натпревар на мала скокалница за мажи беше воведен во Инсбрук, во 1964 година, по што следуваа екипен натпревар за мажи во Калгари во 1988 година, мала скокалница за жени во Сочи во 2014 година и мешан екипен натпревар во Пекинг во 2022 година. Натпревар на голема скокалница за жени и супертимски натпревар за мажи ќе бидат воведени на ЗОИ 2026, пишува Интернационалниот олимписки комитет.
Во натпревар во скијачки скокови спортистите се спуштаат по закривена рампа, по што „летнуваат“ (скокаат), за да слетаат што подалеку, а за конечниот пласман важни се должината на скокот и стилот (како што се стабилноста на скиите за време на скокот, рамнотежата, положбата на телото и слетувањето, за што постои специфична техника наречена „телемарк“).
На годинашните Зимски олимписки игри во Италија ќе има вкупно шест натпревари во скијачки скокови, и тоа натпревари на мала и на голема скокалница за жени и за мажи, супертимски натпревар за мажи и натпревар на мешани тимови. Н.М.