Ваквите посети и постојаното повторување на една иста мантра „уставни измени и пат кон Европа“ се девалвирање на Македонија како држава, на нејзиниот народ, но и на сите политички лидери во земјава, кои де факто сами не носат никаква одлука за иднината на својата земја, туку некој однадвор им кажува што е добро, а што не е добро за државата. Таквиот однос уште повеќе создава револт кај граѓаните, кои со право сакаат самите да одлучуваат за иднината на својата земја и, што е уште поважно, нивниот глас и став да се почитуваат
Дежа ви (или „веќе видено“) пред секоја нова круцијална одлука во земјава
Не помина ниту една недела откако земјава беше посетена од европската „вишеградска тројка“ составена од претставници на Австрија, Словачка и на Чешка, повторно во земјава на гости дојде нова „европска тројка“, овој пат именувана „вајмарската тројка“, составена од високи владини функционери на Франција, Германија и на Полска.
Наративот и пораките што доаѓаат од овие „тројки“ се препознатлив феномен и од науката, дефиниран како: веќе видена работа (дежа ви) или, пак, „веќе слушната“ (дежа ентеду) и „веќе доживеана“ работа (дежа векју), во смисла „да се направат уставните измени“ оти без нив, како што велат европските мисионери, на земјава ѝ се заканува повеќегодишна изолација. Но ист е и нивниот одговор на прашањето дали Бугарија ќе се задоволи само со впишување на Бугарите во Уставот. Само кратко одвраќаат дека се надеваат (!?) оти нема да има нови услови. Во тој дел имаат само надежи и ништо повеќе.
Она што е многу позагрижувачко во сите овие убедувачки мисии е тоа што по својата суштина и карактер се спротивни на европските вредности бидејќи основата врз која почива концептот на Европската Унија е широк демократски капацитет за секое прашање, без некому да му се наметнуваат мислење и став, уште помалку некој да се принудува да носи одлуки за кои народот не се согласува.
Истото сценарио беше видено пред потпишувањето на Преспанската спогодба, кога редица високи европски лидери во релативно краток временски период ја посетија земјава со идентичен наратив – уште името да се смени и преговорите со ЕУ може да почнат. Минатата година европската убедувачка офанзива се повтори кога на маса беше „францускиот предлог“, па така, и тогаш доаѓаа разни „двојки“, „тројки“ и секакви други формации, само за да се изгласа фамозниот предлог, наводно, понуден од францускиот претседател Макрон, кој соочен со немирите во сопствената земја тешко дека ќе имаше време да се занимава со македонско-бугарскиот спор и да крои некакви предлози.
Од друга страна, ваквите посети и постојаното повторување на едната иста мантра „уставни измени и пат кон Европа“ се девалвирање на Македонија како држава, на нејзиниот народ, но и на сите политички лидери во земјава, кои де факто сами не носат никаква одлука за иднината на својата земја, туку некој однадвор им кажува што е добро, а што не е добро за државата. Таквиот однос уште повеќе создава револт кај граѓаните, кои со право сакаат самите да одлучуваат за иднината на својата земја и, што е уште поважно, нивниот глас и став да се почитуваат. Странците го погазија ставот на граѓаните за Преспанската спогодба, а сега ги игнорираат и анкетите, кои покажуваат отворено спротивставување на какви било уставни измени.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ваквите мисии се пораз за македонската дипломатија и дека нема причини некој да се радува кога странци доаѓаат да ни наметнуваат, да ни наложуваат и да ни прават пресинг што треба да направиме. Овде не станува збор за добронамерни насоки или искуствени совети…
– Во суштина ваквите мисии се пораз на нашата дипломатија и на нашата држава. Лично сум фрапиран зошто владејачките партии се радуваат кога доаѓаат странци да нè моделираат за нешто што не е универзално добро или вредност.
Разбирам за пренесување „ноу хау“ за борба против криминал, корупција, унапредување на правосудниот систем итн… Но не ги разбирам мисиите за наложување нешта врзани за идентитет, име, карактер на држава, симболи итн… и да тврдат дека токму промената на овие белези е – „за наше добро“!? Не, тоа не е за наше добро туку тие само си бркаат сопствена агенда, а ние патиме, што покажува дека странците си го мерат сопствениот успех така што ќе затворат некое отворено прашање. Нема причина да им се лутиме на странците, туку треба да им се лутиме на нашите политичари што дозволуваат други да ни ја кројат судбината – вели Пекевски.
Според него, со поданичкото однесување кон сè она што ни го кажуваат странците ние не само што го допираме дното туку тонеме уште подлабоко.
– Наместо да се радуваат на странски емисари со ултимативно-уценувачки агенди, политичарите треба да седнат и да си ја завршат работата дома. Кога ќе се фокусираме на решавање на економијата и како да ги задржиме младите, не би имале вакви притисоци од разните европски „тројки“ – заклучува Пекевски.