Фото: ЕПА

Извесно време една вистина станува сѐ поочигледна: Германија се дели на источна и западна, а според низа индикатори, забележани од политичките и економските аналитичари во Германија, таа по 34 години од повторното обединување е влезена во процес на поделба на посебни региони, кои не можат да функционираат еден со друг со истата кохезија како некогаш

Зошто германски „Шпигел“ тврди дека обединета Германија веќе ја нема?

По 34 години обединување, Германија денес е длабоко поделена, не само на источен и западен дел туку и на посебни региони. Тоа го тврди реномираниот германски весник „Шпигел“, во исклучително интересен текст, чиј лајтмотив е пораката дека „веќе ја нема обединета Германија“.

Германија е поделена и надолжно и попречно

Извесно време една вистина станува сѐ поочигледна: Германија се дели на источна и западна, а според низа индикатори, забележани од политичките и економските аналитичари во Германија, таа по 34 години од повторното обединување е влезена во процес на поделба на посебни региони, кои не можат да функционираат еден со друг со истата кохезија како некогаш. Драстични се примерите со Келн, Саксонија и Баварија, кои сѐ повеќе се вртат кон себе. Триесет и четири години по повторното обединување, анализите што се публикуваат во германските медиуми констатираат дека „истокот и западот (на Германија) се подалеку од кога било досега“!
Германски „Шпигел“ пишува дека во изминатите 34 години двете Германии извесен период се зближиле, но дека од неодамна тие повторно се оддалечиле и процесот продолжува. Недостигот од чувство на единство може да се види и низ бројки. Имено, според неодамна објавената студија на „Германски монитор“, само „една третина од германското население изразува стабилна основна доверба во другите луѓе“. Само „четвртина од германските граѓани веруваат дека луѓето се грижат за тоа што им се случува на другите“. Натаму, „секој осми испитаник позитивно ја оценува социјалната кохезија“. Авторите на студијата пишуваат дека на исток чувството на единство постојано е ниско.

Кога започна дистанцирањето на регионите?

Анализирајќи го ова прашање, многу аналитичари си ги поставуваат прашањата за временскиот период (како и причината) на поделбите и дистанцирањата внатре во Германија.
Имено, дали поделбите почнале во периодот од 2014–2015 година, кога многу бегалци пристигнале во земјата? Или пак уште порано, за време на економската криза 2008-2009 година, кога наеднаш имаше пари за банките, иако немаше доволно пари за училишта, мостови и за изградба на нови станбени единици? Или можеби внатрешните недоразбирања, поделби и раслојувања се резултат на голем број повеќеслојни кризи, пандемија, конфликти и општо чувство на фрустрација?! Германскиот исток и запад, според медиумите во Германија, „изгледаат изгубено, како вовлечени во внатрешен бескраен монолог“. Двата дела на земјата не разговараат меѓу себе и не покажуваат интерес за дијалог. Сега, за разлика од минатото, нема надеж дека сето тоа е дел од процесот на меѓусебно зближување, пишуваат германските медиуми.

Што придонесе за ваквите поделби во Германија?

– Влијанието на Москва врз Германија – одговара за „Шпигел“, министерката за надворешни работи Аналена Бербок (од партијата на зелените).
Таа е сигурна дека „токму тоа игра клучна улога“!
Министерката Бербок тврди дека „успехот на Сара Вагенкнехт на исток се заснова на ефективноста на руската пропаганда“. Аналитичарите, пак, на ова тврдење пишуваат дека „со ваквиот пристап на министерката Бербок, нема потреба да се анализираат сопствените политики или грешки“. Имено, според аналитичарите, „ова е класична политичка автоамнестија и префрлање на вината на друг“.
Според „Шпигел“, неуспехот на зелените во Бранденбург, Саксонија и Тирингија делумно и може да му се припише на „влијанието Путин“. Политичко инфлуенсерство од Москва постои, но „Шпигел“ се прашува „зошто тоа паѓа на плодна почва“. И второ, „зошто сите оние што предупредуваат на опасност од ескалација на конфликтот веднаш во Германија се етикетираат како пропагандисти на Путин“?!
Според споменатиот медиум, „стравот од ескалација е поголем во Источна Германија. Тоа се должи и на фактот што војната се чувствуваше подолго во источните провинции на Германија и што Источногерманците страдаа подолго од последиците од Втората светска војна“.
Медиумот во својата анализа тврди дека „очигледните поделби во Германија исто така се последица на фрагментација во различни информациски светови, кругови и групи. Секој има свои извори на информации, кои често само го зајакнуваат сопствениот поглед на светот“.

Конфликтите меѓу германскиот „исток“ и „запад“ веќе не се само борба за признавање туку борба за интерпретативен суверенитет и политичко влијание

Во Германија, тврдат повеќето аналитичари, до ден-денес постои вкоренето мислење дека „истокот се смета за додаток на Русија, а од друга страна западот на Германија (што е како приврзок на Западот) исто толку често се карактеризира како лицемерен, декадентен и слаб“.
Меѓутоа, конфликтите меѓу германскиот „исток“ и „запад“ веќе не се само борба за признавање туку борба за интерпретативен суверенитет и политичко влијание.
Некои анализи тврдат дека постои „намерен обид да се продлабочи јазот меѓу двата дела на земјата за да се придобијат и да се мобилизираат поддржувачите“. Поделбата исток-запад станува причина за активирање, исто како миграцијата или пак климата.
Драматургот Хајнер Милер на 3 октомври 1990 година напишал дека германското единство е анахронизам бидејќи регионализацијата се одвива насекаде во Европа, а метрополите сѐ повеќе и повеќе личат една на друга.
Соговорниците на оваа тема велат дека Милер како висок интелектуалец можеби бил во право. Германија веќе не е поделена на источна и западна, туку на многу региони и идентитети. Граѓаните на Германија сѐ повеќе избегнуваат да кажат дека живеат во Германија, туку велат: „Тука сме во Бранденбург“, или „Овде сме во Нојкелн“, или пак „Ние сме во Баварија“…
Дали можеби навистина веќе не постои Германија онаква каква што ја познаваме? П.Р.