Во период од годината што инаку се смета како „нискоризичен“ за пожари, медиумите откриваат дека двајца од тројцата пилоти на авионите за гасење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) заминале во пензија. Тоа значи дека оперативната подготвеност на Дирекцијата во наредниот период од неколку месеци е сведена на само еден пилот на три авиони. Во меѓувреме низ земјата речиси секојдневно беснеат пожари
Пожарите беснеат, државата оставена без можност за нивно гаснење од воздух
Една навидум не многу значајна информација деновиве ги вознемири луѓето упатени во состојбите и предизвика најразлични коментари, иако засега нема конкретни решенија што барем малку би ја смириле јавноста. Имено, во период од годината што инаку се смета како „нискоризичен“ за пожари, медиумите откриваат дека двајца од тројцата пилоти на авионите за гасење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) заминале во пензија. Тоа значи дека оперативната подготвеност на Дирекцијата во наредниот период од неколку месеци е сведена на само еден пилот на три авиони.
Вознемиреноста во јавноста е дотолку поголема бидејќи новонастанатата ситуација, што резултира со редуцираност со персонал за носечката дејност на Дирекцијата, е поради фактот што е актуелен во повеќе сектори деновиве и кој уште еднаш ја наметнува потребата од сериозна анализа и итни промени, за во иднина да се избегнат вакви ситуации. Имено, и во овој случај се наметнува проблемот дека оглас за вработување не може да се објави бидејќи се распишани парламентарните избори и во предизборие не смее да се вршат нови вработувања во државните институции.
А она што создава дополнителна нервоза и вознемиреност во јавноста е фактот дека наспроти тоа што овој период се смета дека вообичаено нема голем број пожари, токму годинава е спротивно. Според извештаите на Центарот за управување со кризи, во изминативе два-три дена се наведува дека седум пожари на отворено се регистрирани во земјава во едно деноноќие (7 март), а пожарникарите паралелно гаснеле и пожари и во населени места. По еден пожар имало во Скопје и Велес, два во Куманово и три во Штип. Еден ден претходно, во извештајот од 6 март, е забележано дека имало два пожара на отворено во изминатите 24 часа. Конкретно, регионалниот ЦУК Куманово информирал за две интервенции, при што пожарникарите од ТППЕ Куманово во периодот од 14.50 до 15.40 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило, гаснеле запалена ниска вегетација кај селото Лопате, а во периодот од 17.55 до 19.45 часот, со три пожарникари и едно противпожарно возило, гаснеле запалена ниска вегетација покрај улицата „Тоде Мендол“ во Куманово.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, за медиумите изјавил дека проблемот може да се реши по изборите, односно по 8 мај, а дотогаш, според него, нема опасност од шумски пожари и нема потреба да интервенираат „ер тракторите“. Тој потврдил дека двајцата пилоти заминале во пензија, но со нив по изборите ќе се склучеле нови договори, додека се обучат и вработат нови пилоти. За актуелните пожари, Максути вели дека не се со димензија да интервенираат авионите и се санираат со „копнените“ противпожарни бригади. Во меѓувреме при крај бил и тендерот за сервисирање на авионите (проблем што неколку години ги блокираше интервенциите на противпожарните авиони), па додека немаат пилоти два од трите авиони ќе заминат на сервис, за да бидат вратени пред летната сезона.
Севкупната ситуација ја наметнува под сериозно преиспитување „опуштеноста“ во изјавата на директорот на ДЗС, Максути, за ненужноста од потребата за интервенции на противпожарните авиони, овој пат поради недостиг од професионален персонал што би ги управувал. Односот на раководните лица во оваа служба, во јавноста се перципира како несоодветен и несериозен во однос на извршување на основната дејност за која е формирана Дирекцијата за заштита и спасување. Пред неколку години, во време на големи летни пожари, „ер тракторите“ беа нефункционални поради неизвршено сервисирање, односно проблем со тендерите за фирма за сервисирање. Овој пат, поради несоодветно планирање и следење на состојбите со работниот век на пилотите, се најдовме во ситуација авионите повторно да се принудно приземјени.
– Се чини дека за раководители во јавните претпријатија се поставуваат луѓе незаинтересирани за организирање и функционалност на институциите, односно заинтересирани само за јавните набавки. Таквите раководители имаат загрижувачко непознавање за одговорноста на функцијата што ја извршуваат, па еве имаме ситуација да не се гледа да се обезбеди замена на кадар што практично е носител на дејноста на институцијата, туку само да се вработат лица што им ги наложила партијата. Секако, таквиот однос е на штета на државата и на граѓаните, но во случајов се доведуваат во опасност и животите на луѓето, на имотите, на животната средина… Претходно не можеа да се сервисираат противпожарните авиони, сега нема пилоти. Апсурдна неодговорност, од која страда Македонија – вели професорот по управно право Борче Давитковски.