Во една анализа на „Ројтерс“ се констатира дека Кина не е единствениот пример за повторно користење јаглен, такви се и последните примери во Германија и во Обединетото Кралство. Имено, за Германија е посочен карактеристичен пример дека „за да се овозможи проширување на централа на јаглен дури се урнале и турбини на ветер“, а и дека „во јануари оваа година, германското село Луцерат беше срушено за да се направи простор за копање јаглен“. Исто така, поради енергетската криза, Обединетото Кралство беше принудено да го отвори првиот нов рудник за јаглен во последните 30 години, а инвестицијата предвидува 500 нови работни места и производство на 2,6 милиони тони кокс годишно
Некои дилеми во врска со глобалниот дефицит на електрична енергија
Повеќе показатели ја посочуваат поврзаноста помеѓу економската консолидација, односно раст, и природните ресурси и енергентите. Ова не е ништо ново. Историски, ова е особено видливо во т.н. индустриска револуција, која се карактеризира со големи промени во производството, земјоделството, транспортот, поефикасно искористување на природните богатства, но и значајни научни откритија. Но истражувањата исто така покажуваат и поврзаност помеѓу глобалното затоплување и економскиот напредок, односно емисиите на јаглерод диоксид што драстично се зголемиле од 1751 година и биле испуштени околу 1,5 трилион тони јаглероден диоксид до денес.
Најразвиените светски економии се и најголемите загадувачи
Каузалноста помеѓу економскиот раст и загадувањето може да се забележи и во фактот дека најразвиените економии во светот се и најголемите загадувачи. На пример, Соединетите Американски Држави испуштиле повеќе јаглероден диоксид од која било друга земја, околу 400 милијарди тони од 1751 година и се одговорни за околу 25 отсто од вкупното историско испуштање на јаглероден диоксид. Во контекст на загадувањето, Меѓудржавниот панел за климатски промени при Обединетите нации посочува дека јаглеродниот диоксид е еден од најбитните стакленички гасови што придонесува за затоплување на планетата Земја. И оттука, на глобално ниво се препорачуваат обновливи извори на енергија и инвестиции во зелената транзиција. Но постои едно длабоко – но! Имено, обновливите извори на енергија не можат целосно да ги задоволат потребите на глобалната економија. Ова беше особено забележливо по завршувањето на пандемијата на коронавирусот, кога светската економија закрепна благодарение на користењето на јагленот. Ова јасно се посочува во извештајот на Меѓудржавниот панел за климатски промени!
Дека целосно преминување на обновливи извори на енергија е невозможно покажува и примерот со Кина, која планира да изгради најмалку 100 нови електроцентрали на јаглен и покрај тоа што е најголемиот производител на обновлива енергија, но и кога Германија урна централа на ветер за да направи место за рудник на јаглен… Или, пак, отворениот нов рудник за јаглен во Велика Британија… Ова беа постапки што беа предизвикани од енергетската криза (секако поврзани со воениот судир во Украина). Светските примери покажуваат дека економската стабилност и бруто-домашниот производ се условени од искористувањето на природните ресурси и енергентите, но и во балансирањето помеѓу нив и т.н. зелена енергија, како што покажува примерот со Кина.
Економскиот раст и загадувањето
Повеќе истражувања ја потврдуваат поврзаноста помеѓу економскиот раст и загадувањето. Оваа каузалност може да се забележи и во фактот дека најразвиените економии во светот се и најголемите загадувачи, а светските експерти и истражувачи посочуваат безброј примери дека економското и политичкото издигнување на западните држави, особено видливо во примерите на Велика Британија и Соединетите Американски Држави, кое започнало во втората половина на 19 век. Токму во ваквиот контекст, енергетичарите сѐ погласно го поставуваат прашањето зошто сега на неразвиените земји или земјите во развој не им се дозволи поинтензивно користење на базичната енергија за да се развијат, исто онака како што тоа го правеле сега развиените западни земји?! Неразвиените или земјите во развој до денес емитувале од индустријата стакленички гасови (или загадувале) исклучително занемарливи количества во однос на развиените земји, тоа го потврдуваат и истражувањата. Затоа, би било правилно, според некои експертски размислувања, да се востановат различни критериуми за пресметките на емисиите (за развиените и неразвиените), што би било далеку пофер и би се одразило во делот од економскиот развој на помалку развиените земји.
А и земјите-членки на Европската Унија, кои преговараат и поставуваат цели на заедничка основа, исто така имаат голем придонес во испуштањето јаглероден диоксид со околу 22 отсто учество во историското испуштање јаглероден диоксид. Истражувањата покажуваат дека Индија и Бразил не се големи придонесувачи во историски контекст, а регионалниот придонес на Африка, ако се земе предвид бројноста на населението е многу мал. До 50-тите години на 20 век, повеќе од половина од историските емисии на јаглероден диоксид биле испуштени во Западна Европа, а најголемиот дел од Велика Британија.
Во текот на 20 век, испуштањето јаглероден диоксид се зголеми поради индустријализацијата во Соединетите Американски Држави, а во изминативе 50 години економскиот развој на Јужна Америка, Азија и на Африка го зголеми уделот на овие региони во вкупниот придонес на јаглероден диоксид.
Заеднички напори за надминување на енергетската и економската криза, без да се изгуби од вид зелената транзиција!
Како што споменавме, Меѓудржавниот панел за климатски промени при Обединетите нации посочува дека јаглеродниот диоксид е битен стакленички гас што придонесува за затоплување на планетата Земја, оттука на глобално ниво се препорачуваат обновливи извори на енергија и инвестиции во зелената транзиција. Но обновливите извори на енергија не можат целосно да ги задоволат потребите на глобалната економија, особено забележливо по завршувањето на пандемијата на коронавирусот, кога светската економија закрепна благодарение на користењето на јагленот, како и енергетската криза предизвикана од војната во Украина.
Дека се потребни дополнителни ресурси, покрај обновливите извори на енергија, потврдува и примерот со Кина. Оваа азиска држава е најголемиот производител на обновлива енергија и се очекува дека до 2025 година повеќе од една третина од електричната енергија на мрежата ќе биде зелена, во споредба со 28, отсто во 2020 година. Според плановите, ќе бидат потребни најмалку 200 гигавати енергија на јаглен за да се балансираат зелените централи.
Меѓутоа сушата во 2022 година значително го намали производството на хидроцентралите и ја блокираше индустријата во југозападните региони на Кина. Ова ги поттикна кинеските власти да стравуваат дека недостигот од доволно енергија ќе го попречи економското закрепнување на Кина од пандемијата на коронавирусот. За да се заштити од овој ризик, Кина повторно почна да гради централи за јаглен. Само минатата година беа одобрени 106 гигавати нов капацитет на јаглен, што е четири пати повеќе отколку во 2021 година и најголемо зголемување од 2015 година, се посочува во една анализа на „Ројтерс“. Но Кина не единствениот пример за повторно користење јаглен, такви се и последните примери во Германија и во Обединетото Кралство.
Минатата година, Јовери Мусевени, претседателот на Уганда, ја посочи Германија поради уривање турбини на ветер за да овозможи проширување на централа на јаглен додека Европа се бори со енергетската криза предизвикана од санкциите против Русија поради нејзината воена операција во Украина. Германската влада предложи постепено укинување на термоцентралите на јаглен до 2030 за да се намалат емисиите на јаглерод. Но најголемата европска економија сега е принудена да ѝ дава приоритет на енергетската безбедност во однос на чистата енергија откако сопреа испораките на гас од Русија. Во јануари оваа година, германското село Луцерат беше срушено за да се направи простор за копање јаглен. Поради енергетската криза, Обединетото Кралство беше принудено да го отвори првиот нов рудник за јаглен во последните 30 години, а инвестиција предвидува 500 нови работни места и производство на 2,6 милиони тони кокс јаглен годишно.
Во светски рамки, генерално постои консензус дека економскиот раст ги зголемува емисиите на загадување на животната средина и постои корелација помеѓу испуштањето на јаглеродниот диоксид и БДП. Меѓутоа и покрај настојувањата за инвестиции во обновливите извори на енергија, повеќе примери покажуваат дека експлоатацијата на природните ресурси и енергенти е неизбежно, што е особено видливо по пандемијата на коронавирусот и енергетската криза.
Д.Ст.