Ако повлекувањето од склучени меѓународни договори од страна на големите сили се прифаќа како „нормална работа“, тогаш тоа станува широко прифатена практика од страна на сите. Меѓутоа откажувањето од меѓународните договори од страна на помалите земји, кои се предмет на стратегиски интерес на големите центри, речиси без исклучок секогаш повлекува некаков ризик бидејќи не се вклопува во големата слика на геостратегиските планови на некоја од големите сили. Раскинувањето на меѓународните договори не е невообичаена практика, меѓутоа одговорно и државнички е пред да се преземе ваков чекор да се направи сериозна анализа кои би биле последиците за страната што ќе повлече ваков потег
Актуелната политичка состојба во која сè подлабоко тоне државата е резултат на низа погрешни одлуки од минатото донесени без широк политички и општествен консензус, само колку да се задоволат барањата на меѓународната заедница, притоа не водејќи сметка како тие одлуки ќе се рефлектираат врз состојбите во земјата и воопшто карактерот на државата.
Наметнувањето на Охридскиот рамковен договор, како и на територијалната поделба, меѓу другото, имаа цел да го почнат внатрешното редефинирање на Македонија како држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа, но потпишувањето најпрво на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а потоа и на Преспанската спогодба со Грција ставија своевиден „меѓународен печат“ на создавањето нова држава и нација, без оглед што станува збор за етноцидни договори со кои од светската мапа на народи се брише цел еден народ, почнувајќи со негирање на неговиот идентитет, јазик, историја и култура.
И додека политичките елити во земјава го претставуваат тоа како неопходна жртва на евроинтегративниот пат по принципот „уште само ова да го направиме“, добар дел од јавноста, но и од стручната фела, препознава добро разработено сценарио што има цел токму зад параванот на пристапните преговори со ЕУ да се промени идентитетската матрица на македонскиот народ и тој да се сведе само на локална етничка заедница, исто онаква каква што постои во сите земји од соседството, но без сопствена матична држава.
Токму поради овие опасни тенденции, дел од стручната фела подолг период заговара раскинување на двата погубни договора за Македонија, оној за пријателство и соработка со Бугарија, како и оној потпишан во Нивици со Грција, за да може да се спречи етноцидот врз македонскиот народ.
Почетна точка: Еднострано раскинување, како и зошто?
Во меѓународното право договорите мора да бидат склучени и според принципот бона фидес („во добра верба“), во спротивното се раскинливи или рушливи.
– Потпишан договор и во меѓународно и во домашно право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно има предмет спротивен на императивната норма или јавниот морал (добар пример е бугарскиот асимилаторски договор со кој се врши обид Македонците сами да се напишат Бугари, ако сакаат во ЕУ – таков договор е очигледно нелегален без оглед на потписот и на ратификацијата). Понатаму, ако договорот е неприменлив (повторно се работи за овој догoвор со Бугарија, бидејќи со него треба да се избрише колективната свест на народот, што е „невозможна мисија“, имено, и сто пати некој да потпише, од трансформацијата Македонец во Бугарин според правото не може да се изврши асимилација, ова е нелегално според императивното обврзувачко право и јавниот морал). Постојат и други причини за раскинување, како што се измама, изнуда, притисок или уцена, заблуда и сите oвие претставуваат основа за раскинување, поништување и укинување договори, без разлика да ли се домашни или меѓународни акти во прашање. Но кога станува збор за Преспанската спогодба, важен принцип за нејзино поништување или раскинување е и бона фидес. Ако договoрот не е направен во добра верба, може да се раскине или поништи. Ова лесно се докажува и со договорот со Бугарија, како и со Преспанскиот договор, бидејќи и двата опфаќаат ништење на националниот идентитет или негова модификација, односно насилно интерферирање – појаснува професорот по меѓународно право Игор Јанев.
Меѓународните договори се раскинливи, но одговорно и плански да се пријде кон консеквенците што за помалите држави и народи со сигурност ќе ги има
Неоспорен факт е дека меѓународните договори отсекогаш биле раскинувани, дали од едната или од другата страна или, пак, се постигала обострана согласност дека такви какви што се, се спротивни на интересите на земјите потписнички. Некои се репреговарале, во некои се додавани анекси, а од некои една од страните целосно се повлекла ако утврдила дека тоа не е во нејзин национален интерес.
Пред извесно време Аргентина најави дека се повлекува од меѓународниот договор постигнат со Велика Британија во врска со суверенитетот над Фолкландските Острови, документ со кој беше ставена точка на неколкумесечните воени дејства во кои животите ги загубија повеќе од 900 луѓе. Аргентинската влада сака одново да преговара со Велика Британија за суверенитетот на Фолкландските Острови и се повлекува од пактот Форадори – Данкан.
Пред извесно време САД официјално се повлекоа од меѓународниот договор Отворено небо, со кој се овозможуваат извиднички летови на невооружени авиони над територијата на 34 земји. Вашингтон се повлече и од Парискиот договор за климата. И Русија не ги почитува меѓународните договори што не ѝ одговараат, па така, еднострано се повлече од меѓународниот договор за контрола на нуклеарното оружје постигнат со САД. Москва се повлече неодамна и од договорот за житото бидејќи заклучи дека повеќе не ѝ одговара.
Сето ова говори дека меѓународните договори не се света книга за никого, особено не за најголемите светски сили, без оглед што понекогаш со нивното раскинување се доведува под ризик светската безбедност.
Ако повлекувањето од меѓународните договори од страна на големите сили се прифаќа како „нормална“ работа, тогаш тоа станува широко прифатена практика од страна на сите. Сепак, откажувањето од меѓународните договори на помалите земји, кои се предмет на стратегиски интерес на големите центри, речиси без исклучок секогаш повлекува некаков безбедносен ризик бидејќи се коси со поголемите геостратегиски планови.
Тоа се потврди неодамна со кратките оружени дејства на територијата на Нагорно Карабах, кога Азербејџан се повлече од договорот со Ерменија во врска со спорната територија и со воена интервенција ја врати под свој суверенитет областа населена претежно со Ерменци, која од 1994 година дејствуваше како одвоена територија. Украина не ги спроведе двата договора од Минск иако претходно ги потпиша со посредство на меѓународната заедница, по што следуваше руската инвазија врз оваа држава.
Оружениот инцидент на северот на Косово изминатиот викенд е потврда дека кога не се спроведуваат меѓународните договори, тогаш секогаш постои некаков замрзнат конфликт што одредени центри го користат за да иницираат одреден безбедносен инцидент, со единствена цел, да бидат испочитувани нивните геостратегиски интереси во тој дел.
Сите овие примери наведуваат на еден заклучок, дека раскинувањето на меѓународните договори не е невообичаена практика, но пред да се преземе ваков чекор, мора да се направи сериозна анализа кои би биле последиците по страната што ќе повлече ваков потег.
Понижен и уценет народ сака да го отфрли наметнатиот јарем
Мнозинството македонски граѓани и натаму се противат на потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, како и на Преспанската спогодба со Грција бидејќи сметаат дека на тој начин се понижени и уценети. Токму затоа во поширокиот наратив во земјава и натаму може да се слушне од противниците на овие два договора дека треба да се раскинат и земјава да се врати на сопствените корени од времето на независноста, како држава на македонскиот народ и сите други што живеат во неа, на рамноправна основа, без ничие омаловажување и ускратување на нечии права, загарантирани во согласност со меѓународните малцински конвенции.
Јасно е дека никој не може да ги спречи македонските власти во кој било момент да се откажат од обата договора и тоа можат да го направат на тој начин што усно или писмено ќе ја информираат втората страна, во нашиот случај и Бугарија и Грција, дека договорите повеќе не важат и дека се враќаме на состојбата од пред нивното потпишување.
Аналогно на тоа, токму Бугарија еднострано се повлече од меѓународен договор склучен со поранешна СФРЈ, без воопшто да наведе какво било образложение зошто го прави тоа.
На страна на Македонија е и сето меѓународно право кога станува збор за издржаноста на евентуалната одлука за повлекување од обата договора, но истовремено, сведоци сме на постојано кршење на меѓународното право од страна на поголемите и посилни држави, така што голема е веројатноста ниту еден аргумент од македонска страна да не биде прифатен.
Дилемата што подолго време флуктуира во македонската јавност е што ќе се случи со земјава доколку некоја власт се реши на ваков радикален чекор, раскинување на обата договора. Засега повиците за раскинување на договорите доаѓаат од обичните луѓе, кои на своја кожа ги чувствуваат последиците од овие постапки.
– Детето ми нема учебници затоа што некој треба да ја усогласува историјата со Бугарија и да ја шминка според замислите на Софија, а јас сега ќе дадам 6.000 денари за вадење нови пасоши, дозволи и лични карти за семејството затоа што Грција нè преименува, а нашите трчаат и пред време да спроведат сè од договорот. Срамота, јас веднаш би ги раскинал двата договора, па што сака нека биде. Вака само ќе нè избришат – револтирано вели Никола Дамјановски. Револтот кај обичните граѓани е јасен и за нив нема никаква дилема дека договорите треба да се напуштат, но од друга страна едно се вербалните изјави на граѓаните, друго е моментот кога некој треба да донесе одлука и да ја преземе одговорноста за цел еден народ. Јасно е дека некој треба да преземе одговорност за таквите постапки и утре пред сите граѓани да има одговор зошто се случуваат некои работи што би произлегле од ваквиот евентуален едностран чин.
Денот потоа
Повеќе од јасно е дека Македонија не е ниту САД ниту Русија, уште помалку Велика Британија за да може да смета на еднострано повлекување од меѓународните договори без тоа да се одрази врз нејзината стабилност и да има други консеквенции. Примерите со Украина, Ерменија, Украина, Србија, Косово покажуваат дека „малите“ играчи треба да го слушаат она што посилните им го кажуваат, оти во спротивно лесно може да ги дестабилизираат и работите да тргнат во непосакувана насока. Македонија веќе се соочи со едно такво дестабилизирачко сценарио однадвор во 2001 година, кога дефинитивно се смени нејзиниот карактер, од унитарна држава на македонскиот народ, во држава на етнички заедници што веќе функционира како бинационална. Во оној момент кога обидите за непречено изгласување на територијалната поделба на државата запнаа, повторно следуваа дестабилизирачки инциденти, закани со оружје, со јасна порака дека „некои работи не заслужуваат одговор“.
Токму затоа, повеќе од извесно е дека евентуалното раскинување на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, како и на Преспанската спогодба ќе повлече низа постапки, кои во најголем дел ќе бидат во знак на одмазда и казна за „непослушната страна“. Консеквенците ќе бидат почувствувани, како на внатрешен така и на надворешен план.
Познавачите на надворешната политика и на функционирањето на дипломатијата се мошне воздржани околу можноста да се раскинат овие два клучни договора, со кои буквално се одредува иднината на државата.
– Факт е дека обата договора се катастрофални за Македонија, особено за идентитетот на македонскиот народ. Ако внимателно ги анализираме потезите и на Грција и на Бугарија, ќе видиме дека тие реално не го спроведуваат и оној мал дел од нивните обврски во договорите. Значи, од една страна се прикажуваат пред меѓународната заедница како кооперативни, од друга страна си стојат по страна и де факто како да се повлекле од договореното. Тоа не е почитување договор, односно таквиот договор е склучен со „зла намера“ и може веднаш да се раскине. Но реалната политика е нешто друго. Ако бараш сојузници за оваа работа, тогаш секој од нив ќе ни испорача некаква сметка што е во нивен интерес. Пријателства нема, има само интереси. А Грција е дипломатски многу помоќна, Бугарија е во овој момент, а веројатно и во следнава декада ќе биде стратегиски многу важна, така што обете земји ќе имаат цел арсенал со алатки како да ја казнат евентуалната наша непослушност и напуштање на договорите. Дополнително, на нивна страна ќе биде и меѓународната заедница, како што досега се покажа низ сите постапки, почнувајќи од „францускиот предлог“, до преговарачката рамка што ни ја доставија – велат познавачите на состојбите.
Според нив, импликациите врз земјава при евентуално раскинување на обата договора ќе имаат одраз како на внатрешен така и на надворешен план.
– Секогаш, пред да се повлече некаков потег, треба да се направи добра анализа што добиваме, а што губиме. За жал, таква анализа не се направи кога се потпишуваа договорите со Бугарија и Грција, па затоа сега полна ни е графата со она што го загубивме, а празна со она што сме го добиле. Членството во НАТО е премалку за сите жртви што ги дадовме, мораше многу помудро да се преговара, а не да се оди по секоја цена само да се затворат прашањата со соседите – констатираат соговорниците.
Имајќи ја предвид чувствителноста на целото прашање, „Нова Македонија“ ќе направи анализа околу можните сценарија со кои би се соочила земјава доколку дојде до раскинување на обата договора, за позитивните, но и за негативните аспекти, како врз државата така и врз граѓаните.
(продолжува)