Единственото девојче во Македонија што го изучува инструментот тромбон

ТАЛЕНТИ: Милица Тодорова, музичарка

Освоената прва награда на 60-то издание на Државниот натпревар за ученици во основни музички училишта, кој се одржа на 18 и 19 мај во Скопје, за Милица Тодорова е само потврда дека поседува голем музички талент.
Таа е одлична ученичка во осмо одделение во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ во Кавадарци, а својата музичка наобразба ја почнала свирејќи на пијано. Но подоцна одлучила своето време, трпение и посветеност да му ги подари на тромбонот. Нејзиниот избор да го изучува токму овој инструмент ја отсликува нејзината природа постојано да бара нови предизвици, да се докажува и да се натпреварува со другите. Милица сака да биде посебна и единствена, а тоа и го постигна бидејќи е единственото девојче што свири тромбон во Македонија.

Освен тоа, општинското основно музичко-балетско училиште „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци е прво ОУ во Македонија што има класа по инструментот тромбон, која работи под раководство на наставникот Горан Тодоров. Учебната 2021/2022 е прва година во која инструментот тромбон го изучуваат тројца ученици и нивниот наставник, врз основа на резултатот што го постигнале, одлучи сите тројца да учествуваат на натпреварот. Покрај Милица, со награда се закити и Јован Тодоров, освојувајќи ја втората награда, а Ѓорѓи Митрев третата награда. Нивниот наставник не го крие задоволството од постигнатиот успех.

– Особено се радувам што од оваа учебна година на класите за изучување на дувачките инструменти во нашето училиште „Лазо Мицев Рале“ – труба, флејта и кларинет им се придружи и класата по инструментот тромбон. Иако тромбонот не е солистички инструмент, туку придружен, важи за еден од најтешките дувачки инструменти поради тоа што нема дефинирани позиции кога се свири. Она што е виолината за гудачките инструменти тоа е тромбонот за дувачките инструменти. Покрај физичките предиспозиции бидејќи станува збор за голем инструмент, потребна е голема музикалност. Сѐ се прави со усните, постојат седум позиции од кои само првата е дефинирана, а сите други шест се замислени и прават овој инструмент да биде многу специфичен. Сите мои ученици се исклучително талентирани, па затоа покрај ограничувањата предизвикани од пандемијата постигнавме одличен успех како резултат на редовното вежбање. Се надевам дека тоа ќе ни биде поттик за наредната учебна година да бидеме уште подобри – вели наставникот Горан Тодоров.
Во меѓувреме, Милица на меѓународниот натпревар „Арт ин“ (Art Inn), исто така, ја освои првата награда.


Тромбонот потекнува од Франција

Ако за инструментот тромбон ваша прва асоцијација е почетокот на увертирата од операта „Набуко“ од славниот Џузепе Верди, тогаш и без да знаете сте обожавател на овој инструмент. Тромбонот е лимен дувачки инструмент што потекнува од Франција и по звукот најсличен е на трубата. Всушност, тромбонот претставува тип труба со тесна долга цевка од два дела од кои едната се вовлекува во другата. Со тоа се менува серијата тонови. Има пријатна, јасна и силна боја на тонот со добра артикулација. Обично во симфониските оркестри има по тројца тромбонисти, а во поголемите и до шест, од кои еден е бас-тромбон.