ШЕСТ МИЛИОНИ СТРАНИЦИ УЖАСНИ СВЕДОШТВА, ДОКУМЕНТИ, ВИДЕА…
- Денес и преку досието „Епштајн“, аналитичарите се согласни, неолибералниот концепт го гледа својот погреб, а западната цивилизација својот самрак. Америка и Трамп ја покажуваат челичната тупаница и одат во насока на сериозни општествени промени. Денес најмоќните перјаници на либералниот концепт, како што се медиумските куќи поддржани од најмоќните колумнисти, како на пример „Њујорк тајмс“ или „Атлантик“, ја губат својата моќ и оставаат простор за новите медиуми. За промените. Суверенизмот како идеологија и конзервативизмот како државен концепт фаќаат корен во Америка, па денес можеме да зборуваме за три главни идеолошки платформи предводени од Америка, од Русија, која не отстапува од својата духовна матрица, и од Кина. А каде е Европа?
Британскиот лорд Менделсон, избран од премиерот Кир Стармер да биде амбасадор во Вашингтон, е последната жртва на документите за Епштајн, еден од најголемите скандали во модерната историја. Станува збор за над шест милиони страници што се обезбедени во рамките на истрагата на американскиот Оддел за правда за педофилската и сексуална трговија со девојки и жени од покојниот милијардер Џефри Епштајн. Во документите, кои сега се објавуваат јавно, стојат имиња на над 150 светски познати личности од политиката, бизнисот, кои, наводно, ги користеле неговите сексуални понуди, а ниту еден филм, па и ваков мрачен, не може да помине без учество на некој од Холивуд. Тука меѓу помалку познатите имиња се спомнува и светски популарниот Леонардо Дикаприо, што не значи дека и тој нешто згрешил, но покажува колку таа мрежа била разгранета.
Oпасен и по смртта
Еден ден пред британскиот лорд Менделсон да се откаже од членството во Лабуристичката партија, тоа го направи Словакот Мирослав Лајчак, нам добро познат политичар, кој му беше советник на премиерот Роберт Фицо. И тој имал некакви врски со Епштајн, но нема докази дека ги користел услугите што се давале на неговиот приватен остров на ужасот Св. Џејмс на Карибите. Пронајдени се десетици комуникации меѓу него и Епштајн. Заклучокот би бил дека многумина можеби настрадале само затоа што биле во близината на Џефри, иако малку е за неверување дека никој не знаел какви се неговите навики, потреби и сексуален апетит, затоа што тој веќе бил осудуван сексуален престапник (предатор и педофил). Повеќе жртви на злогласниот педофил и сексуален злосторник Епштајн собраа храброст, а некои и добија поддршка за да проговорат за пеколот низ кој поминувале на тој остров, а меѓу нив веројатно најзаслужна беше Вирџинија Робертс Жуфре, која за да избега од притисокот на јавноста со откривањето на скандалот се пресели на една фарма во Австралија. Таа говореше дека морала да има секс со британскиот принц од Маунбатен, Ендрју, кој сега е обичен граѓанин, кога имала само 17 години. Еден ден ја најдоа обесена, официјално самоубиство. Во затворската ќелија го најдоа обесен и Епштајн пред да му биде изречена пресудата за сексуалните злосторства и трговијата со жени. И за двата случаја имаше мислења дека во најмала рака се сомнителни.
Министерството за правда на САД во петокот објави повеќе од три милиони страници документи од досиејата на Епштајн. Документите, кои се однесуваат на неколку истакнати личности, како што се Стив Бенон, Илон Маск и светски лидери, исто така вклучуваат и размени меѓу Лајчак и Епштајн.
Во новообјавените досиеја, Епштајн се шегувал со Лајчак за жените додека разговарал за средбите на Лајчак со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лајчак првично негирал какво било кривично дело, опишувајќи ги комуникациите како неформални и лежерни, а подоцна понудил оставка за да спречи политичките трошоци да паднат врз премиерот, според извештаите во словачките медиуми.
– Не затоа што направив нешто криминално или неетичко, туку за да не понесе политички трошоци за нешто што не е поврзано со неговите одлуки – беше цитиран Лајчак.
Официјален Лондон сега врши притисок врз Ендрју, братот на кралот Чарлс Трети, да се јави во Америка и да сведочи во Конгресот во рамките на истрагата. Дали е тоа начин да се обели образот на кралското семејство? И дали само тој излегол од моралните рамки, кои токму ликови како него треба да ги имаат?
ЛОНДОН СЕ СОМНЕВА ВО КГБ?!
Но од Обединетото Кралство стигнува и информација пласирана од „Дејли мејл“ (конкуренцијата на „Мирор“ основана од Максвел, таткото на Жислен Максвел, која е осудена на 20 години робија во Америка затоа што директно била вклучена во трговијата со девојки за Епштајн), која можеби ќе звучи налудничаво, дека зад Епштајн стои КГБ, што значи Кремљ. Британскиот медиум се повикува на неименувани разузнавачи, кои не тврдат со сигурност, туку јавно анализираат, дека „слатката стапица“ на островот Епштајн ја направил во конспирација со КГБ за да ги намами видните личности за потоа да може да се уценуваат. Како што се тоа, на пример, Маск, Бил и Хилари Клинтон, па и Трамп, кој стави печат со кој се одобри објавувањето на документите за скандалот што има огромни меѓународни димензии.
– Објавувањето на повеќе од три милиони нови документи поврзани со покојниот сексуален престапник им дава кредибилитет на потпалувачките тврдења изнесени од високи безбедносни службеници: дека Епштајн работел во име на Москва, а можеби и на Израел, кога им овозможувал на некои од најмоќните луѓе во светот да им доделуваат задачи – пишува „Дејли мејл“, но на крајот истакнува дека сепак нема никакви траги за директни контакти или какво било учество на Путин во оргијаштвото што се изведувало на приватниот остров.
Медиумот додава и дека американските разузнавачки експерти веруваат дека Епштајн бил воведен во светот на шпионажата преку деловни договори со Роберт Максвел, озлогласениот медиумски магнат, кој – како и Епштајн – почина во мрачни околности; во случајот на Максвел, неговото тело било пронајдено како плови во Атлантикот во 1991 година, очигледно паднато од неговата јахта.
Како и да е, ова се чини е само обид уште еднаш да се фрлат обвинувања кон Москва.
До каде ќе се отвора мрачното досие на Епштајн е невозможно да се предвиди и колку лица ќе настрадаат и до каде ќе отиде истрагата. Сепак, важно е да се нагласи и да се поздрави потегот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој даде своја согласност досието да биде на увид на јавноста. Веројатно во тие шест милиони страници има и неиздржани или наместени обвинувања. Познатиот и влијателен професор од Канада, Џордан Питерсон, во 2024 година даде изјава зошто е важно да се објават документите за Епштајн: „Кога недостигот од транспарентност влијае на мислењата на толку многу гласачи, верувам дека штетата од нетранспарентноста влијае на земјата повеќе отколку кога било досега, заштитувајќи ги жртвите. Толку многу луѓе не ѝ веруваат на владата денес. (Ова е главната причина). Истражување на „Пју“ во мај 2024 г. – 22 отсто искажале доверба, што подразбира 78 отсто недоверба. Недовербата во владата е поголема од кога било досега и несомнено е поштетна за целата земја.
Една подлабока анализа на овие документи ќе покаже дека тие се само уште еден доказ за тоа дека „империите се уништуваат однатре“. И неолибералите, кои до вчера ги бранеа своите концепти, сега признаваат дека нивниот пад е поради внатрешни проблеми, и тоа сериозни. Повеќе еминентни западни аналитичари на објавувањето на овие документи коментираа дека „не откривме ништо ново“. Со децении во западните општества се зборувало за морален пад, за губење на вредностите, особено за процес на бегство од христијанството (верата) како една од темелните вредности на западната цивилизација. Кога биле пишувани биографиите на познати уметници, рокери, сликари, филмаџии и, неизбежно, на политичари и државници…, за тоа што го правеле како секојдневие во 60-тите, 70-тите или во 80-тите години на минатиот век, тие велеле – такво беше времето. Општествата на Западот отидоа дотаму, во име на либерализмот и слободите, за да ги поместат границите до небото, понекогаш границите се губеа, а бројот на жртви се зголемуваше. Оргиите беа нормална појава на пример во еден Њујорк, а кога нештата отидоа предалеку, легендарниот клуб „54“ се затвори. Скандали со Полански, со „Стоунси“ и… нема крај. Толку светот се соживеа со нивните животи и неморал, што сето тоа стана нормално – за нив нормално, но не и за другите. Кога кон ова ќе се додаде не само трката по славата туку и по парите, кога ќе се фрли поглед на „волците од Волстрит“, јасно е дека еден ден овие општества ќе удрат во ѕид.
Денес и преку досието „Епштајн“, аналитичарите се согласни, неолибералниот концепт го гледа својот погреб, а западната цивилизација својот самрак. Америка и Трамп ја покажуваат челичната тупаница и одат во насока на сериозни општествени промени. Денес најмоќните перјаници на либералниот концепт, како што се медиумските куќи поддржани од најмоќните колумнисти, како на пример „Њујорк тајмс“ или „Атлантик“, ја губат својата моќ и оставаат простор за новите медиуми. За промените. Суверенизмот како идеологија и конзервативизмот како државен концепт фаќаат корен во Америка, па денес можеме да зборуваме за три главни идеолошки платформи предводени од Америка, oд Русија, која не отстапува од својата духовна матрица, и од Кина. Европа, а тоа го гледаме и сега од ветриштата што дуваат од Лондон или од Кенсингтонската палата, не го фаќа текот со новото време, се мачи и се колеба. Но, како и Рим, така и Западот ги урна своите морални темели и е принуден да гради нова куќа. Империјата е на залезот.
































