Од Гевгелија
Во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија неодамна беше отворена изложбата „Мојата омилена книга“ во организација на Александар Јанев, Тања Трајкова и Наташа Смилкова, наставници од училиштето „Крсте Мисирков“, помогнати од локалната самоуправа.
На изложбата беа изложени уметничките творби на ученици од четврто до деветто одделение од ООУ „Крсте Мисирков“, инспирирани од јунаците на нивните омилени книги, и претставува поврзување меѓу литературата, детската креативност и ликовната уметност.
Во овој проект учениците од ова училиште се вклучени со околу 150 ликовни творби, а комисија, во која членуваат ликовни уметници и наставници, во следниот период ќе ги избере најдобрите 30 дела, кои ќе бидат дел од изложбата во Париз, насловена: „Вие сакате да читате, па цртајте!“
Гевгеличани беа пријатно изненадени од ликовните творби изработени од вредните раце на малите уметници. А на нивните лица се гледаше голема возбуда што се вклучени во овој проект.
– Со особено задоволство и радост учениците твореа и беа многу среќни од помислата дека нивните цртежи ќе бидат изложени во Париз. Ова е трета година по ред како трае соработката со француската визуелна уметница Јоланда, која е членка на Асоцијацијата на ликовни уметници од Париз и која го иницира проектот „Мојата омилена книга“ (Mon Livre Préféré). За линковската врска со Париз е задолжена гевгеличанката Анита Алабау, самостојна уметница, која живее и твори во Р Франција – велат организаторите.
Проектот воспоставува платформа за соработка помеѓу училиштата од Франција со образовни установи во други земји, а најдобрите ученици ги изложуваат своите креативни дела во позната париска галерија.
Изложбата „Едицијата 5“, со делата од проектот,,Мојата омилена книга“, ќе се одржи од 11 до 15 февруари 2026 година, во француската престолнина. Годинава, изложбата е петта по ред и на неа учествуваат основци од неколку основни училишта од Париз, како и ученици од повеќе држави, меѓу кои и од Македонија.
Љ.А.
































