Десетгодишниот Леонид Белески е сѐ поуспешен каратист

Во здраво тело – здрав дух

Десетгодишниот прилепчанец Леонид Белески тренира карате од пет години и во последниот период освојува голем број награди на натпревари. Неговите родители го запишале на карате заради координација на движењата, развивање на моториката, односно заради развивање на мускулатурата. Подоцна го засакал спортот, благодарение на Валентина Пурдеска, мајсторка по карате и негова тренерка, и така упорно и посветено продолжил со тренинзите и со натпреварите.

Досега има освоено златен медал на државно првенство (лани),бронзен на меѓународен турнир во борби (годинава), бронза на интернационален турнир, две сребра во кати и борби на меморијален турнир во Скопје (пред три години), во чест на Никола Грдановски-Нике. Има добиено и едно прво место на регионален натпревар во Прилеп пред три години. Повеќе од седум-осум благодарници и пофалници се наредени во неговиот дом по учество на регионални натпревари.

Има син појас досега, а, се разбира, црниот е негова крајна цел.
Безгранична е мојата љубов кон овој спорт. Можеби ќе ми биде понатамошна професија во животот – вели Леонид.
Тој сега за сега покажува дека е спортист со големо срце, кој треба да стои исправено, со крената глава, и кога губи и кога добива!
Паралелно постигнува и одлични резултати во училиштето „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, каде што учи во петто одделение.

Ка.М.