Во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци

Новогодишната претстава за деца со децении е најубавиот подарок што театарот при домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци го приредува за најмладите љубители на театарот на крајот на секоја година.
Така беше и годинава, со претставата „Снежно патување“, во режија на Александар Малинков, кој наедно е автор и на текстот. Театарската бајка облечена во прекрасно новогодишно руво одлично беше прифатена од публиката. Она што ја направи различна од другите премиери е што средствата од билетите во целост беа донирани за лекување на момчето Бошко Јанкулов од Кавадарци.

– „Снежно патување“ е приказна во која се опфатени неколку теми – вечната борба помеѓу доброто и лошото, љубовта, другарството… Инспирирана е од бајките на браќата Грим, попрецизно основа на дејството е приказната „Јованче и Марика“. Кога Јакоб и Вилхелм Грим Сфаќаат дека лошата вештерка им избегала од контрола и ќе им направи нешто лошо на децата, тие ги повикуваат ликовите од нивните бајки да дадат предлози како да ја победат и превоспитаат и да ги ослободат Јованче и Марика. Тука се Црвенкапа, ловецот, џуџето Веселко, но и ликови од посовремени бајки – Страшилото, Олаф, снежната кралица и, се разбира, Дедо Мраз со Рудолф и другите елени. И, како во секоја приказна за деца, доброто го победува лошото, снежната кралица како добра вила ја поништува магијата на вештерката и ги ослободува децата – објаснува режисерот на претставата Александар Малинков.
Во претставата играат: Александар Малинков, Видан Станоев, Диме Коцевски, Микица Илова, Јована Секуловска, Сашко Орешков, Ристе Стојанов, Арелена Гостимировиќ, Евгенија Илова, Атанас Димков, Давид Василев, Стефанија Јованова, Александар Стојков и Елена Илиева, Татјана Стојанова, Марија Јосифовска и Цветанка Ганева како верните елени на Дедо Мраз. За прекрасните костиме се погрижи Сара Милевска.

Ми.М.