Новогодишна театарска претстава

„Дедо Мраз дојде со воз“ е насловот на мултимедијалниот новогодишен настан што ќе се одржува на железничката станица во Скопје. Премиерата на претставата е закажана за 23 декември, со почеток од 19 часот, на сцената, музејската поставка и перонот бр. 1 на железничката станица во Скопје. Организатор е училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со „Македонски железници“.
– Најмладите, но и сите возрасни што веруваат во Дедо Мраз годинава ќе имаат уникатна можност да ја проследат оваа претстава, која го следи големото доаѓање на Дедо Мраз во Скопје со вистински воз, на перонот бр. 1 на скопската железничка станица. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите елени, џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата. Приказната се раскажува почнувајќи од музејската поставка „Зошто Дедо Мраз го одбра железничкиот сообраќај?“, преку мултимедијалната театарска претстава „Дедо Мраз дојде со воз“ на сцената на „Македонски железници“, завршувајќи со разглед на специјалниот новогодишен воз на Дедо Мраз, поставен на перонот бр. 1 на железничката станица во Скопје – велат од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата се на Игор Ивковиќ. Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Мила Трајковски, Ведра Димова и Александар Спироски, во која се вклучени и учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
– За потребите на претставата, двете претпријатија покрај сценскиот и музејскиот простор, заедно со организаторите успеаја за кратко време да реставрираат локомотива создадена во далечната 1942 година, серија 33, и вагон што е изработен 1950-тите години и бил во употреба до крајот на 1970-тите години. Од неодамна од страна на Ванчо Милошевски, Владимир Петков и Сашо Цветановски вагонот е реставриран по урнекот на „Ориент експрес“ што сообраќал од Лондон до Истанбул – велат од училиштето за театар.
Заинтересираната публика има можност да го посети овој специјален новогодишен настан на некоја од изведбите закажани за 26, 27, 29 и 30 декември, со почеток од 19 часот. Билети може да се купат на билетарницата на железничката станица во Скопје.