Летната школа е проект на Агенцијата за иселеништво како дел од Програмата на Владата за одбележување 80 години од кодификацијата на македонскиот современ јазик

СЕ ОДРЖА 17. ЛЕТНА ШКОЛА ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ОХРИД

Кон крајот на јули, во Охрид беше отворена седумнаесеттата Летна школа за учење македонски јазик, во организација на Агенцијата за иселеништво. Годинава, на тридневната школа присуствува 41 дете од 10 држави.
На свеченото отворање на учесниците на Летната школа им се обратија директорот на Агенцијата за иселеништво, г. Горан Ангелов, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература, проф. д-р Кристина Николовска, и трите учителки на школата: Сашка Соломоновска Јаневска, Маја Јовановски и Розита Закева, кои предаваат македонски јазик во Хрватска и во Малта.
Искра Тројачанец Најденовска, одговорна за одржување на Летната школа за учење на македонскиот јазик, ја прогласи школата за отворена. Покрај часовите, учениците имаа можност да ги посетат културните и историските знаменитости во Охридскиот Регион и да се капат во бистрите води на Охридско Езеро.

Летната школа е проект на Агенцијата за иселеништво како дел од Програмата на Владата за одбележување 80 години од кодификацијата на македонскиот современ јазик.
Во рамките на вториот ден од Летното училиште во Охрид, децата од дијаспората преку едукативни игри, сложувалки и тимска работа се запознаа со историските, културните и духовните вредности на градот Охрид.
Посебен акцент беше ставен на најзначајните сакрални објекти („Св. Јован Канео“, „Св. Софија“, Плаошник, „Св. Наум“), античкиот и средновековен контекст на градот и на охридските споменици и културно наследство како дел од светската и националната меморија. Преку современ и адаптиран пристап, младите учесници стекнуваат знаења и развиваат љубов кон своето потекло и култура.
Третиот ден учениците посетија еден од најстарите и највпечатливи симболи на Охрид – вековниот чинар.
– Научивме зошто овој вековен великан е толку значаен за градот, ги истражувавме неговите легенди и тајни, а потоа секој од нас изработи своја уникатна разгледница инспирирана од чинарот. Творевме со срце и душа – и испративме порака: „Охрид, ти си нашиот дом под чинарот!“ – велат децата.


Во посета на наставничката Ивана Атанасова во Кочани

Дел од учениците што ја следат наставата по македонски јазик од далечина, односно онлајн, во организација на Агенцијата за иселеништво, заедно со родителите, од сите страни на светот при посетата на својата татковина летово ја посетиле и наставничката што ја води наставата, Ивана Атанасова од Кочани, ангажирана од страна на училиштето за јазици ТД СТАР.
Агенцијата за иселеништво упати честитки до наставничката Ивана за нејзината посветеност, професионалност и срдечност, поради што децата изјавија желба и следната година да го следат курсот.
– Со самата посета на нивната татковина Македонија и емотивното поврзување со наставничката, целта на оваа наша програма е постигната, а тоа е децата на нашите иселеници што растат и живеат во странство преку учење на мајчиниот јазик да ја засакаат татковината, да ги негуваат културата и традицијата и да имаат желба да си доаѓаат дома – велат од Агенцијата за иселеништво.


За Канбера ќе патуваат книгите на професорката Ленка Гогоска

Од Агенцијата за иселеништво ја посетија наставничката по македонски јазик во македонското училиште во Канбера „Св. Климент Охридски“, Лидија Самеска Трпеска, заедно со нејзиниот сопруг Алекс Трпески, кои неколку години волонтерски со голем труд, посветеност и љубов успеваат да им ја доближат татковината на многу Македончиња преку јазикот и културата на нивните родители. Секоја година Лидија и Алекс за време на престојот во Македонија обезбедуваат учебен материјал за потребите на училиштето во Канбера. Со оглед на тоа дека од септември со почетокот на учебната година има пријавено поголем број нови ученици, од Агенцијата за иселеништво им беа обезбедени учебници, лектири, како и стручна педагошка литература од донацијата на книги од професорката Ленка Гогоска.
Часовите по македонски јазик се одвиваат секој петок во попладневните часови во простории под наем. Желбата на наставниците Трпески е во иднина да им се обезбедат простории и да се вклучи наставата во рамките на црковната општина, за да се заштедат средства и истите тие да се вложат за издигнување на квалитетот на наставата на повисоко ниво и да се примат поголем број ученици и наставници.