Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, редовно ја објавуваме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати македонски дејци

6 април 885 година: Умира Свети Методиј во Велиград, Велика Моравија. Тој е постар брат на Свети Кирил. Тој ја создал првата словенска азбука и ги превел на старословенски јазик книгите за богослужение. Меѓу негови следбеници и ученици биле Климент Охридски и Константин Брегалнички. Силна активност пројавил меѓу словенското племе Струмјани, а како резултат на тоа произлегол Законот за судење на луѓето, воен закон напиша на словенски јазик со грчки букви. Кирил и Методиј врз основа на јазикот на македонските Словени што живееле во околината на Солун го создале првиот литературен јазик на сите Словени. Јазикот е познат како црковнословенски или старословенски јазик и со него се поставени темелите на словенската култура и писменост.

7 април 1905 година: Во селото Кашина, Мелничко, Јане Сандански ја уништува врховистичката чета предводена од бугарскиот капетан Јордан Стојанов, а оружениот судир е познат како Кашински настан. Во ноќта помеѓу 6 и 7 април 1905 година, врховистите заминале од Кашина и се упатиле кон селото Ковачево. Во 23.30 часот врховистите биле дочекани од Јане Сандански. Во заседата учествувале четата на Јане, во која имало 30-35 лица, четата на Таската Серски, со 15 четника, и четата на Атанас Тешовалија, со 15 четника и 4-5 селани, вкупно околу 70 комити. Врховистите биле 54 лица. Во престрелката загинале седум врховисти, а шестмина биле ранети. Од заседата успеале да се извлечат Јордан Стојанов и Иван Господарев. Другите врховисти се предале и биле разоружени. Следниот ден, шестмина од врховистите што биле заробени биле изведени пред револуционерниот суд поради своите злосторства кон населението. Од нив, четворица биле осудени на смрт и на 8 април 1905 година биле ликвидирани. Другите двајца биле ослободени.
Веднаш по погубувањето, Јане одржал говор пред другите врховисти и остро ја осудил нивната дејност.

8 април 1942 година: Орде (Јордан) Чопела во борба со бугарската фашистичка полиција бил смртно ранет, а следниот ден починал. Активно се вклучил во Народноослободителната борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна. На 16 јуни 1941 година во неговиот стан во Прилеп била формирана Прилепската воена комисија, а во јануари 1942 година во Битола ги надгледувал подготовките за битолскиот партизански одред. На 2 август 1942 година е прогласен за народен херој.

10 април 1915 година: Во близината на Роженскиот манастир е убиен македонскиот великан Јане Сандански. Како еден од водачите на македонското револуционерно движење, не бил основач на неговите идеолошки линии, но се пројавил како најфанатичен заштитник на македонската кауза – зачувување на македонскиот внатрешен карактер и државна обособеност на Македонија. Сандански проповедал: „Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави; во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци.“

18 април 1941 година: Со одобрение на нацистичка Германија, единиците на Петтата бугарска армија, Шестата и Седмата пешадиска дивизија ја започнуваат воената окупација на Македонија. Во некои од македонските градови, како што се Струмица, Скопје, Куманово и Тетово, бугарската арамија била пречекана со револт и протести од страна на македонскиот народ. За расположението на населението кон окупаторската власт сведочат повеќе историски документи.

28 април 1903 година: Започнуваат Солунските атентати, низа бомбашки напади во Солун, од страна на Гемиџиите, анархистичка револуционерна група од Велес. Нивната цел е преку нападите во најзначајниот европски град во Османлиското Царство да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање. Во изведувањето на Солунските атентати учествувале десетмина гемиџии: Јордан Поп Јорданов-Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов, Георги Богданов и Цветко Трајков.
Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време. Нивниот план бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани. Билансот на атентатите бил следен: директно од динамитот на гемиџиите настрадале бродот „Гвадалкивир“, Отоманската банка, гасоводните цевки, „Гранд хотел Солун“, кафеаните „Алхамбра“ и „Ноја“ и „Бошнак-ан“. Биле урнати и Германскиот клуб и кафеаната „Египет“, како и неколку други локали.
Во оружениот судир со војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија).

Д.Ст.