На голема радост на љубителите на танцот, минатиот викенд беше во знакот на интернационалниот танцов натпревар „Дајмонд денс компетишн“, кој се одржа по вторпат во хотелот „Мериот“ во Скопје. Настанот по вторпат го собра најдоброто од танцувачката сцена на едно место. Натпреварот се одржа во атмосфера исполнета со енергија, емоција и уметност, каде што учесниците од Македонија, Полска, Србија, Бугарија, Грција, Унгарија, Албанија и од Босна и Херцеговина имаа можност да ги покажат својот талент, труд и љубовта кон танцот.
На натпреварот се разменуваа искуства, се стекнуваа нови пријателства, се инспирираше, мотивираше и дружеше. Стручната комисија, составена од интернационално признаени професионалци од танцувачката индустрија, имаше предизвик да ги оцени изведбите според техничката прецизност, креативноста и сценската изведба. Во убавиот амбиент се играа класичен балет, модерен балет, латино и стандардни танци, акробатски танц-шоуа, хипхоп, инклузивен и пар танц, диско и уличен танц…
– Особено емотивни моменти беа настапите на инклузивните групи, кои со својата искреност, храброст и љубов кон танцот ја освоија публиката и предизвикаа силни аплаузи и солзи. Нивните изведби беа потсетник дека уметноста е универзален јазик, кој ги надминува сите бариери. Второто издание на „Дајмонд денс компетишн“ уште еднаш покажа дека танцот нема граници и дека страста, дисциплината и уметноста создаваат заедница што инспирира и обединува – велат организаторите.
Танцовото студио „Денсерс јунајтед“, кое беше организатор на овој танцов натпревар, веќе овој викенд (12 и 13 април) со својата 30-члена делегација, во која учествуваат и лица со попречености ќе учествува на Светското првенство во латинотанци во Варшава, Полска.