Индексот на ФАО во мај 2024 година сѐ уште е понизок за 2,9 отсто во споредба со истиот месец од 2023 година и сѐ уште значително е понизок, за 26 отсто, во споредба со мај 2022 година кога го достигна врвот. Кај нас цените на храната значително подоцна го достигнаа врвот, така што и надолното приспособување што се случуваше на берзите изминатите месеци сѐ уште не е целосно пренесено. Во согласност со најновите очекувања, оваа година цените на храната на берзите се очекува да забележат годишен пад, а благ раст се очекува во текот на следната година
Намалување на каматните стапки на централните банки, а зголемување на цените на храната на светско ниво
Европската централна банка ја намали основната каматна стапка за првпат во последните пет години. Врз основа на ажурираната оцена за изгледите за инфлација, динамиката на базичната инфлација и силата на преносот на монетарната политика, од ЕЦБ одлучија дека е соодветно да се олесни степенот на ограничувањата на монетарната политика по девет месеци задржување на стапките на стабилно ниво. Од состанокот на Управниот совет во септември 2023 година, инфлацијата опадна за повеќе од 2,5 процентни поени, а изгледите за инфлацијата значително се подобрија.
– Базичната инфлација, исто така, се намали, што ги зајакна знаците дека ценовните притисоци се намалија и инфлаторните очекувања се намалија насекаде. Монетарната политика задржа рестриктивни услови за финансирање. Со намалувањето на побарувачката и одржувањето на инфлаторните очекувања на добро ниво, ова даде голем придонес за намалување на инфлацијата – велат од ЕЦБ.
Но тука се наметнуваат прашањата како ќе влијае тоа на инфлацијата и што понатаму да очекуваме? Дали може да се очекува зголемување на цените?
Наедно, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) објави дека светските цени на храната во мај се искачиле на највисоко ниво во последните шест месеци.
Дали се очекува намалување на каматната стапка и во Македонија? Што по намалување на каматните стапки и менаџирањето со вишокот монетарна маса во финансиските системи, инјектиран како последица на претходната долгогодишна политика на ниски камати? Ни се заканува ли ризик за повторно високи цени на храната?
Од Народната банка велат дека ЕЦБ на седницата на 6 јуни 2024 година донесе одлука за намалување на трите референтни каматни стапки за 0,25 п.п., со напомена дека и покрај намалувањето, сепак го задржува рестриктивниот карактер на монетарната политика.
– Одлуката е донесена во услови на значајно забавување на стапката на инфлација во однос на врвот, кој беше достигнат кон крајот на 2022 година, и намалени инфлациски очекувања. Притоа, оцените за инфлацијата во јунскиот циклус проекции се малку нагорно ревидирани, но и понатаму се очекува нејзино забавување – објаснуваат од НБРСМ.
Оттаму додаваат дека ЕЦБ оценува дека инфлацијата ќе изнесува 2,5 отсто и 2,2 отсто во 2024 и 2025 година, соодветно, и потоа ќе се сведе на 1,9 отсто во 2026 година.
– Ваквиот потег на ЕЦБ претставува сигнал дека движењата и трендовите кај инфлацијата во еврозоната се поволни и дека таа се движи кон целното ниво во согласност со очекувањата. Имајќи предвид дека инфлацијата во еврозоната е значаен дел од нашата увезена инфлација, ваквите сигнали се поволни и за домашната инфлација – посочуваат од Народната банка.
Во однос на индексот на ФАО за цените на храната, од централната банка истакнуваат дека од јуни 2022 година до јануари 2024 година бележеше речиси постојано намалување на месечна основа. Oд февруари до април 2024 година се забележуваат мали месечни стапки на раст на индексот, а веќе во мај негова стабилизација.
– Индексот на ФАО во мај 2024 година сѐ уште е понизок за 2,9 отсто во споредба со истиот месец од 2023 година и сѐ уште значително понизок, за 26 отсто, во споредба со мај 2022 година кога го достигна врвот. Кај нас цените на храната значително подоцна го достигнаа врвот, така што и надолното приспособување, кое се случуваше на берзите изминатите месеци, сѐ уште не е целосно пренесено. Во согласност со најновите очекувања, оваа година цените на храната на берзите се очекува да забележат годишен пад, а благ раст се очекува во текот на следната година – потенцираат од НБРСМ.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, состојбата со борбата со инфлацијата се наоѓа во една „деликатна“ состојба.
– Од една страна бизнисот станува „нервозен“ поради зголемените каматни стапки и растот е анемичен, од друга страна опасностите за одржување на високи стапки на раст сѐ уште е присутна. Затоа сметам дека централните банки мораат постепено да ги намалуваат каматите, а граѓаните да се навикнат, уште еден подолг период да живеат со „контролирана“ инфлација. Во овој период сметам дека ова е едно компромисно решение од кое мораме да бидеме задоволни – посочува Димитров.
ФАО: Забележан е месечен раст на цената на сите видови жито, особено на пченицата
Светскиот индекс на цените на храната за мај се зголеми од 119,3 поени во април на 120,4 поени, се наведува на веб-страницата на ФАО.
Порастот на цените на житата и млечните производи повеќе го компензира падот на цените на шеќерот и растителните масла, додека индексот на цените на месото речиси е непроменет во однос на април.
Индексот на цените на житото се зголеми за 6,3 отсто на 118,7 поени, бидејќи е забележан месечен раст на цената на сите видови жито, особено на пченицата.
Остриот месечен пораст на цените на житото во голема мера се должи на загриженоста за неповолните услови за културите за жетвата во 2024 година. Индексот на цените на млечните производи во мај во просек изнесувал 126 поени, што е за 1,8 отсто повеќе во однос на април.
Зголемувањето на цените на млечните производи беше под влијание на зголемената побарувачка во малопродажниот и прехранбениот сектор пред летните одмори, како и загриженоста на пазарот дека производството на млеко во Западна Европа би можело да падне на историски најниско ниво.
Падот на светските цени на шеќерот главно се должи на веста дека успешно започна бербата на шеќерната репка во Бразил, така што релевантниот индекс падна за 7,5 отсто на 117,1 поени месечно.
Показателот што ги следи цените на растителните масла во мај беше на ниво од 127,8 поени, што претставува пад од 2,4 отсто во однос на април, пред сѐ поради пониските цени на палминото масло.
Индексот на цените на месото е практично непроменет во однос на април, бидејќи е зголемен за само 0,2 отсто на 116,6 поени.