Фото: Игор Бансколиев

Недостигот од резерви на ориз е резултат на тековната војна во Украина, како и на лошите временски услови во економиите што произведуваат ориз (Кина и Пакистан). Имено, во втората половина на минатата година делови од обработливото земјиште во најголемиот светски производител на ориз беа погодени од силни летни монсунски дождови и поплави. Но и покрај ваквата отворена шанса за нашиот регион и сите засегнати страни (земјоделците и државата) активно да се вклучат во дополнувањето на еден дел од дефицитот од ориз на светскиот пазар со интензивирање на ангажманите за одгледување на оризот, македонските земјоделци се соочуваат со познатите проблеми со производството и со пласманот на оваа житна култура… Имаме капацитет, но потребно е да се креираат развојни економски стратегии, велат оризопроизводителите

Глобалниот дефицит од ориз нова можност и за земјоделците и за државата

Сегашната највисока цена на оризот на глобалниот пазар ќе се задржи до 2024 година, а неговата сегашна пазарна вредност е последица на најголемиот пад на производството на оваа култура во последните две децении. Глобалниот дефицит за годинашната сеидбена сезона би изнесувал 8,7 милиони тони, се предвидува во извештајот на „Фитч солушн“. Тоа би бил најголемиот глобален дефицит од ориз од 2004 година, кога глобалниот пазар на ориз создаде дефицит од 18,6 милиони тони. Недостигот од резерви на ориз е резултат на тековната војна во Украина, како и на лошите временски услови во економиите што произведуваат ориз, како што се Кина и Пакистан. Во втората половина на минатата година делови од обработливото земјиште во најголемиот светски производител на ориз, Кина, беа погодени од силни летни монсунски дождови и поплави. Но и покрај ваквата поволна пазарна позиција за одгледување на оризот, македонските земјоделци се соочуваат со познатите проблеми со производството и со пласманот на оваа житна култура.
Оризопроизводителите од Кочанскиот Регион велат дека подготовката на нивите им е отежната поради зачестените пролетни дождови, кои не дозволуваат да се изврши навремено орање на земјоделските површини. Дополнителен проблем им претставува тоа што се зголемени и трошоците за сеидбата, а главна причина за тоа е поскапувањето на вештачкото ѓубриво за сто отсто во однос на минатата сеидба. Но, и покрај отежнатите услови, годинава оризот ќе биде засеан на површина од 3.500 хектари.
Пред почетокот на сеидбата оризопроизводителите бараат од државата да се утврди реалната цена, а производителите да имаат загарантиран откуп. Сега откупната цена е пониска од производствената, што е причина некои од земјоделците да ги напуштаат нивите.

– Пред секоја сеидба треба секој производ да има производствена цена. Ние го немаме тоа. Цената треба да биде економски исплатлива, за да може да преживееме – изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
Во изминатиот десетгодишен период производството на ориз се одржува на константно ниско ниво, поради сѐ помалата заинтересираност на земјоделците што традиционално ја одгледуваат оваа култура, но и недоволната поддршка за одгледување на оваа житна култура. Последните години засеаните површини во Македонија се движат од три до 3,5 илјади хектари, и тоа главно во Кочанскиот и Виничкиот Регион, кој е најпогоден за одгледување на оризот. Исто така, и приносот за оваа култура е на европско ниво и се движи меѓу 6.000 и 6500 килограми по хектар сурова арпа. Во моментов оризовата арпа достигнува и цена од 36 до 40 денари за килограм, а кочанските оризопроизводители бараат нова производствена цена. На македонските земјоделци дестимулативно влијаеше и одлуката на Владата за замрзнување на цената на оризот, што беше дел од пакетот на ограничување на цените на основните прехранбени производи.

Заштитата на интересите на оризопроизводителите треба да се гледа преку заедничко дејствување на индивидуалните производители, кои ќе се борат за остварување подобри позиции при определувањето на откупните цени и пласманот на домашното земјоделско производство, сметаат од Националната земјоделска мрежа, чија цел е заштита на интересите на земјоделците од сите гранки.
– Ставени сме пред свршен чин, некои други ни ги креираат мерките што не се соодветни за реалната состојба на терен. Целта ни е да бидеме препознаени како социоекономски партнер на Министерството за земјоделие, со што активно ќе се вклучиме во креирањето на политиките. Имаме капацитет да произведеме храна, меѓутоа мора да се креираат развојни економски стратегии – рече Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Најгорлив проблем со кој се соочуваат веќе подолг период е ненавременото утврдување на откупните цени на земјоделските производи што би биле економски исплатливи, а нема ниту загарантиран откуп. Индивидуалните производители со години се залагаат за постигнување обврзувачки договорени реални цени за земјоделските култури.

– Во овој момент не сме задоволни од поддршката на државата. Резултатите се евидентни. Факт е дека ние се соочуваме со недостиг од храна. Гледаме како дивеат цените по пазарите. Имаме капацитет, но потребно е да се креираат развојни економски стратегии – вели Каракашев.
За барањето на оризопроизводителите да се формира производствената цена пред сеидбата, министерот за земјоделство Љупчо Николовски истакна дека за годинава ќе се направи производствената цена за оризот и додаде дека за оваа култура субвенциите од 2018 година се зголемени за триста отсто.
Со намалувањето на предизвиците за снабдување и со поскапувањето на храната, оризот стана сè поатрактивна алтернатива откако цените на другите главни жита се зголемија по војната во Украина во февруари 2022 година. Помалото производство на ориз од година на година во други земји, како што се САД и ЕУ, исто така придонесе за глобалниот дефицит од ориз.

М.Ј.