Тврдењата дека работоспособното население, особено младото, ќе остане во Македонија по пристапот во ЕУ се без основа. Напротив, ако се земат предвид неколку истражувања, по влегувањето во заедничкиот европски пазар ќе се зголеми бројот на македонските граѓани што ќе ја напуштат нашата држава. Причините, кои се потврдени со многубројни социолошки студии, за масовната емиграција во ЕУ се различни, но најчесто се повисоката плата и повисокиот стандард на живеење, квалитетното образование, шансите за подобра реализација, правда и еднаквост пред законот, функционалноста на институциите итн.
Некои опсервации на тезата дека работоспособното население, особено младото, ќе остане во Македонија по зачленувањето во ЕУ
Неколку истражувања од реномирани институти посочуваат дека пристапувањето во Европската Унија по автоматизам не ја прекинува или ограничува емиграцијата кон некоја од постарите членки, како што се Германија, Данска или Ирска. Напротив, податоците потврдуваат дека по зачленувањето во ЕУ и пристапот во заедничкиот пазар, емиграцијата се засилува. Како класичен пример за оваа состојба честопати се посочуваат Полска, Бугарија и Романија, чии граѓани по пристапувањето на овие држави во ЕУ започнаа масовно да ги напуштаат своите огништа. Причините, кои се потврдени со многубројни социолошки студии, за масовната емиграција се различни, но најчесто се повисоката плата и повисокиот стандард на живеење, квалитетното образование, шансите за подобра реализација, правда и еднаквост пред законот, функционалноста на институциите итн.
Истражувањата и анализите исто така потврдуваат дека со оваа емиграција ќе биде засегната и Македонија по нејзиното членство во Европската Унија доколку не се подобрат економските и политичките перформанси на македонското општество. Тврдењата дека работоспособното население, особено младото, ќе остане во Македонија по пристапот во ЕУ се без основа. Напротив, ако се земат предвид неколку истражувања, по влегувањето во заедничкиот европски пазар ќе се зголеми бројот на македонските граѓани што ќе ја напуштат нашата држава.
По пристапувањето на Полска во Европската Унија, во мај 2004 година, заедно со неограничениот влез во земјите-членки на ЕУ, Обединетото Кралство и Ирска, дојде до еден од најголемите миграциски текови во повоената историја на Полска. Денес Полска е еден од најголемите извозници на работна сила во Европска Унија, а покрај намалената стапка на наталитет, миграцијата предизвика вистинско намалување на населението на Полска во текот на изминатата деценија. Истражувањата покажуваат дека по приемот во ЕУ, Полска доживеа масовна миграција од над два милиони луѓе во странство, а според „Евростат“ (генерален директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на Европската Унија со статистички податоци на европско ниво), 1,5 милион полски имигранти живеат во други земји на ЕУ од јануари 2009 година.
Откако Полска ѝ се приклучи на ЕУ, главна дестинација на нејзините емигранти беа Германија и Обединетото Кралство, како и Соединетите Американски Држави. Податоците покажуваат дека полските граѓани сочинуваат 6 отсто од сите странски државјани во Германија и се трета по големина група, по граѓаните на Турција и Италија. Според истражувањето за населението на Канцеларијата за национална статистика на Обединетото Кралство, околу 520.000 новородени деца имале полско потекло, поради што Полска е втора по големина изворна земја по Индија.
Со слична состојба се соочи и Бугарија откако пристапи во Европската Унија на 1 јануари 2007 година. Бугарските граѓани добија статус на државјанство на ЕУ, што им обезбеди право на слободно движење. Во 2012 година ЕУ објави либерализација за три групи работници – квалификувани работници со високо образование што заземаат соодветна квалификувана работа, сезонски работници и лица на стручна обука. Бугарските граѓани најчесто мигрираат во Германија, Шпанија, Италија и Грција
Истражувањата покажуваат дека бројот на бугарски државјани што мигрирале во Германија во 2007 година изнесувал 20.900, а во 2012 година бил 58.500 лица. Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, во периодот 2007-2012 вкупната бројка на бугарски граѓани изнесувала 92.500 лица. Истражувањата покажуваат дека миграциските движења придонесоа за големо зголемување на резидентното бугарско население, при што бројот на бугарски државјани регистрирани во германскиот централен регистар на странци се зголемил од 39.000 во 2006 година на 146.800 во 2013 година, односно бугарската заедница се оформила како една од најбрзорастечките мигрантски групи во Германија. Истражувањата во рамките на Прашкиот процес покажуваат дека половина од бугарските граѓани емигрирале по 2007 година, а само 3,3 отсто отишле во Германија пред 1990 година. Според бугарскиот национален статистички институт, во изминативе години Бугарија ја напуштиле околу 190.000 бугарски граѓани, а се вратиле само 68.000 лица.
Поразителна е состојбата и во Романија по нејзиното пристапување во Европската Унија, а податоците покажуваат дека повеќе од четири милиони романски граѓани ја напуштиле својата држава од 1989 година. Истражувањата потврдуваат дела процесот на пристапување во ЕУ е пресвртница во романската емиграција, односно во периодот 2001-2016 година вкупната бројка на романски граѓани што емигрирала се зголемила од 1,3 милион на 4 милиони. Податоците не се целосни, но се верува дека околу 20 отсто од луѓето што биле родени во Романија повеќе не живеат во оваа држава. Главните земји на дестинација на романските емигранти ги вклучуваат Италија, Германија и Шпанија, најчесто ја напуштаат Романија поради подобри плати и подобрите работни услови.
Истражувањата на „Балкан инсајт“ покажуваат дека државите околу границите на Европската Унија, без разлика дали имаат кандидатски статус за прием во ЕУ или не, се соочуваат со слична состојба. Податоците покажуваат дека Молдавија поради емиграцијата во ЕУ изгубила една третина од своето население, а Македонија, Црна Гора и Косово се предвидува да изгубат 3 отсто, 5 отсто и 11 отсто од своето население до 2050 година, додека за Албанија се верува дека ќе изгуби 18 отсто, Србија 24 отсто и Босна и Херцеговина до 29 отсто од вкупното население. Д.Ст.
Непредвидливоста на економските и политичките текови се главна причина за македонските негативни миграциски движења
Македонија се соочува со постојани негативни миграциски текови, а дека состојбата е алармантна потврдуваат и повеќе истражувања. Според податоците на Миграцискиот атлас на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, бројот на македонските граѓани што се иселуваат континуирано се зголемува, а во 2020 година вкупната бројка на граѓани што ја напуштиле нашата држава изнесувала 693.000 луѓе. Не постојат официјални државни податоци за миграциските движења во последната деценија, но податоците на Обединетите нации (ОН) посочуваат дека до крајот на 2019 година бројот на емигранти бил околу 650.000, или речиси една третина од вкупното население на Македонија. Дека состојбата е алармантна потврди и пописот во 2021 година, кој покажа загуба од 200.000 жители во споредба со пописот од 2002 година.
Според истражувањето на италијанскиот аналитички центар „ОБЦ трансеуропа“ со седиште во Тренто, македонските граѓани барале бугарско државјанство како начин да ја олеснат емиграцијата во Европската Унија. За да се справат со строгите миграциски закони, Македонците заминуваат во Малта, Хрватска и Бугарија – земји со море, каде што работат во туристичката сезона со полесни критериуми за добивање работна дозвола. Другите вообичаени дестинации ги вклучуваат Обединетите Арапски Емирати, како што е Абу Даби, и секаде каде што младите можат да работат одреден временски период, се наведува во истражувањето на „ОБЦ трансеуропа“.
Дека се соочуваме со постојан негативен тренд потврдува и истражувањето на „Балкан инсајт“, според кое Македонија до 2050 година ќе изгуби 3 отсто од вкупното население, а со слични предизвици ќе се соочат и земјите од регионот, како Србија, Албанија, Косово, Босна и др.
Истражувањата и анализите потврдуваат дека лошите економски и политички перформанси се главна причина за негативните миграциските текови со кои се соочува нашето општество. Околу 75 отсто од младите на возраст од 15 до 29 години нагласиле дека ќе ја напуштат Македонија поради повисоката плата, а 36 отсто од младите исто така изјавиле дека се незадоволни од политичките текови во македонското општество. Истражувањето на фондацијата за демократија „Вестминстер“ потврдува дека околу 83 отсто од младата популација во Македонија изјавиле дека не им веруваат на институциите поради високиот степен на корупција, а би се иселиле поради неквалитетното образование и ниските примања.