Во годината и месецот кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, Саемот, кој е национално македонско богатство, овозможува продолжување на афирмацијата на македонскиот литературен јазик, не само на Балканот туку и во светот, вели писателот, новинар и публицист Мишо Китаноски

Што понуди Саемот на книгата 2025 за најмладите

Под мотото „Храна за душа“ во арената „Борис Трајковски“ во Скопје минатата седмица започна триесет и седмото издание на Саемот на книгата, кој завршува утре. Како и секоја година, овој најголем книжевен саем во Македонија е настан на кој на едно место се среќаваат издавачите, писателите, читателите и се претставуваат најновите изданија.
„Колибри“ како верен поддржувач на творештвото посветено на децата го посети саемот, за да разгледа која е и каква е најновата продукција за најмладите читатели кај нас. Проследивме и некои од настаните и промоциите на книгите за деца, а секако се сретнавме и со нашите драги пријатели, македонските писатели за деца.
Писателот Мишо Китаноски го сретнавме растрчан меѓу штандовите полни со книги, итајќи да стигне на една книжевна промоција на која беше професионално ангажиран. Според него, Саемот на книгата е можност да се презентираат најновите изданија на издавачката продукција во земјава, од една страна, но и можност учениците од државава да се запознаат со делата нaпишани и преведени на македонски јазик.
– Саемот е вистински излог за македонските писатели, каде што освен што се претставуваат, тие градат дијалози со нивните читатели и со издавачите. Во годината и во месецот кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, Саемот, кој е национално македонско богатство, овозможува продолжување на афирмацијата на македонскиот литературен јазик не само на Балканот туку и во светот – вели писателот, новинар и публицист Мишо Китаноски.
На Саемот, за среќа, присуствуваа и многу ученици од Скопје, но и до други градови, а и многу дечиња со нивните родители. Бескрајна е радоста кога ќе се видат детски лица загледани во мноштвото шарени книги или кога ги листаат книгите и сликовниците. За некои миговите на овој саем годинава значат и прв контакт со книгата.

Според професорката д-р Весна Мојсова Чепишевска, која ја сретнавме по завршувањето на една од книжевните промоции во рамките на Саемот, издавачите по долго затишје, веќе сфатиле дека мора да му посветат внимание на творештвото за деца, бидејќи само преку него ќе обезбедат идни свои читатели.
– До пред десет години се натпреварувавме што да им понудиме на децата, а денес навистина постои голем избор во однос на книгите за деца. Можеме да зборуваме дури и за хиперпродукција, но квантитетот не значи и квалитет, односно не значи дека секоја нова книга за деца е и добра. Сепак, во морето од книги, може да се изберат и квалитетни. Сведоци сме и на засилен маркетинг на книжевната продукција за деца, а тоа не значи дека добро рекламираната книга е навистина со квалитетна содржина. Светкавите и наметливи корици и илустрации не секогаш нѐ упатуваат кон книги со квалитетна содржина за децата и токму затоа издавачите треба да поведат сметка за тоа – подвлекува проф. Чепишевска.
Покрај многубројните технолошки алатки, опстојувањето на книжевните настани, на традиционалното издаваштво, па и речиси четиридецениското постоење на овој саем, зборува за тоа дека нејзиното височество книгата секогаш е актуелна, а читањето никогаш не излегува од мода.


Претставен романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“ Киро Донев

На 9 мај на штандот на „Maкедоника литера“ се одржа промоција на најновата книга на Киро Донев – романот за деца „Дневникот од штрковото гнездо“.
Промотор беше Нове Цветаноски, првиот човек на издавачката куќа.
Приказната во романот се случува меѓу сонот и јавето. Се одвива во едно планинско село во кое кај своите баба и дедо доаѓаат две внучиња за да го минат летниот распуст. Еден ден, играјќи тенис, топчето малку посилно удрено одлетува во напуштено штрково гнездо. Дедото е принуден да им го симне „непослушното“ топче. И, токму оттука почнува и нивната авантура. Покрај топчето наоѓа и една – училишна тетратка, која всушност е дневник на некое дете по име Добре Лошиот. За тој пишувач на дневникот со такво име и чудно презиме – дедото нема слушнато. За да го откријат авторот на дневникот, дедото и децата наизменично го читаат и откриваат дека тоа дете раскажува речиси неверојатни нешта. Но и загатката станува сè помалку решлива.
Авторот Киро Донев, како и досега, лесно воспостави контакт со учениците од трето одделение од скопското основно училиште „Киро Глигоров“, кои присуствуваа на промоцијата. Тој трпеливо одговараше на нивните прашања и се обиде да им објасни кој е всушност Добре Лошиот, дали тоа е авторот на книгата.
Падна договор и за нова средба, но и поттик децата што повеќе да читаат.
Романот го илустрираше Славица Купенкова, која исто така присуствуваше на промоцијата.


Промовирана „Домот на пастрмката“ од Александра Велинова

„Дарежливи луѓе,/Не праќајте ми подароци/Не ми треба дом по најнова мода. Мене ми треба само чиста вода!“
Пастрмката „проговори“ преку гласот на учениците од училиштето „Љубен Лапе“ од скопски Аеродром (под менторство на наставничката Маја Божиновска), на промоцијата на најновата сликовница „Домот на пастрмката“ од Александра Велинова на Саемот на книгата.
– Голема е одговорноста да се пишува за најмладите, каква порака и каков начин ќе им се прати. Откако се родија моите синови Стефан и Алексеј се охрабрив да пишувам и за деца, благодарение на инспиративните разговори со нив, проследени со безброј прашања и потпрашања. Разговарајте со децата – порачува авторката.
За оваа сликовница таа открива дека идејата се родила едно августовска утро при прошетка со помалото синче покрај охридското крајбрежје, кое тогаш имало само осум месеци, кое и тогаш како сега било ранобудно. Четири години подоцна се роди и „Домот на пастрмката“.
– Вгнездена во прекрасен илустративен имагинариум, оваа поетска сликовница ги поведува децата кон интересно, возбудливо и креативно едукативно патување – истакна професорката Кристина Николовска, која го промовираше ова најново дело на Велинова.
Автор на илустрациите е Никола Темков. Оваа илустрирана книга за деца е во издание на ИК „Едука Мак“, поддржана од Министерството за култура.