Млада флејтистка од Кавадарци се претстави пред своите сограѓани
„Што се однесува до музиката, Патриција Ѓорчева е многу талентирана и звуците од флејтата ги произведува со големо спокојство и мир во својата душа. Полна е со разбирање, во суштина кротка, но многу способна за изразување на своите чувства“, со овие зборови професорката Силвана Чулева Атанасова го најави првиот солистички концерт на Патриција Ѓорчева, кој се одржа на 29 мај, во концертната сала на музичкото училиште „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци.
Со овој настап Патриција го крунисува првото ниво од нејзиното музичко образование во нејзината класа на инструментот флејта. Таа овој месец ќе наполни 15 години, одлична ученичка е во ООУ „Гоце Делчев“, со одличен успех ќе го заврши и основното музичко училиште, на отсекот флејта плус предметите солфеж и теорија на музиката, кои се тесно поврзани со изучувањето на инструментот.
– Од мојата класа секоја година излегуваат од едно до две бисерчиња што оставаат траги во училиштето како резултат на нивниот талент. Само јас и Патриција знаеме колку часови поминавме вредно работејќи за да го постигнеме овој успех, кој го крунисуваме со солистички концерт. Овде на сцената од оваа перспектива, чувствата не се опишуваат со зборови. Мојата единствена порака до Патриција е сѐ што ќе работи во животот да биде придружено со љубов, здравје и со разбирање. Само така се освојуваат врвови – рече во своето обраќање до публиката, на отворањето на концертот, професорката Силвана Чулева Атанасова.
На својот прв солистички концерт Патриција на многубројната публика ѝ подари прекрасна музика од нејзиниот инструмент придружувана на пијано од наставничката Лилјана Стојковска, додека нејзини гости на концертот беа учениците Цветанка Петкова на флејта, Сара Ѓорѓевиќ, Ивана Давчевска и Сирма Стојановска на пијано.
Во изминативе шест години поминати во музичкото училиште таа покажа особен интерес кон музиката, придружуван со исклучителна редовност, трудољубивост и одговорност. Учествуваше речиси на сите музички настани во училиштето и на сите натпревари и фестивали во Македонија и во соседна Србија. Од многубројните награди ќе споменеме дека две години по ред Патриција ги освојува првите места на државниот натпревар по му
зика, со што обезбеди парична награда од Министерството за образование. Исто така таа двапати добива прва награда и прогласена е за лауреат во својата категорија со триото „Диез“ на натпреварот за камерна музика „Оливера Ѓурѓевиќ“ во Белград. Зад неа се и две први места на натпреварот на камерна музика, кој се одржува во Кавадарци и првенец на генерацијата во класата на професорката Силвана Чулева Атанасова во ОМБУ „Лазо Мицев Рале“.