Македонската телевизија ексклузивно го прикажа 97-то доделување на „оскарите“, најпрестижните филмски награди во светот, во ноќта недела кон понеделник. Академијата за филмски уметности и науки ги наградува најдобрите остварувања во 2024 година. Најавено беше присуство на голем број филмски и музички ѕвезди, кои ќе настапат или ќе бидат презентери на наградите.
Преносот започна триесет минути по полноќ со Црвената патека пред театарот „Долби“ во Холивуд и пристигнувањето на најголемите имиња од филмската индустрија, кратки интервјуа со номинираните и со поранешни добитници на „оскар“.
Во еден часот по полноќ започна 97-та оскаровска церемонија, која ја водеше Конан О’Брајан, а многу холивудски имиња беа дел од шоуто, како Роберт Дауни Џуниор, Килијан Марфи, Опра Винфри, Хале Бери, Скарлет Јохансон, Голди Хон, Селена Гомез и многу други.
Скратената двочасовна снимка „97. ’оскари‘: победници“ ќе се емитува вечерва од 21.15 часот.