Најстариот универзитет во Македонија на 30 мај избира ректор. За лидерската позиција се пријавени шестмина професори. „Нова Македонија“ ви ги претставува кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во овој број разговараме со проф. д-р Биљана Ангелова, актуелна проректорка за финансии и развој
Проф. д-р Биљана Ангелова, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Кој е вашиот мотив да се кандидирате за водечката позиција на УКИМ?
– Мотивот да се кандидирам за оваа водечка позиција е, најнапред, вербата во капацитетите на УКИМ и моето досегашно искуство како директорка и проректорка за финансии, инвестиции и развој во по два мандата. Верувам во ентузијазмот на наставно-научниот кадар, во посветеноста на деканите и директорите, кои се борат за развој на своите единици. Нивниот личен и институционален развој е развој на нашиот универзитет. Академската заедница на УКИМ останува интелектуалната авангарда во нашето општество, двигател на општествени и структурни промени, па затоа вербата во секој поединец од академската заедница е најголемиот мотив да се прифатат оваа честита функција и предизвиците што ги носи. Дополнително ме мотивираат и сработеното и вербата дека можеме повеќе. Многу активности и процеси се почнати, направени се повеќе капитални инвестиции и подобрени се условите за студирање и работа на повеќе единици. Ги познавам потребите на единиците и предизвиците пред кои се исправени, но и на можните пристапи за нивно решавање.
Кој ќе биде вашиот прв фокус доколку бидете ректор?
– УКИМ е исправен пред повеќе предизвици, кои секој на свој начин придонесуваат за ефикасно функционирање на Универзитетот и за неговиот просперитет. Обезбедувањето целосна финансиска и кадровска автономија во голема мера ќе го олесни ефикасното функционирање на Универзитетот и затоа приоритетно ќе се заложам за нивно решавање. Но паралелно мора да се работи на инвестиции во научноистражувачката инфраструктура и вмрежување на Универзитетот, бидејќи тие се клучни за поголема научноистражувачка продуктивност и повисок ранг на угледните светски универзитетски ранг-листи. Истовремено со овие клучни активности, УКИМ ќе се трансформира и модернизира. Дигиталната трансформација и управувањето со квалитет ќе бидат нови процеси. кои мора да се имплементираат за да има поволна клима за реформи во наставата, науката и во меѓународната мобилност.
Во каков универзитет реално може да прерасне УКИМ под ваше водство?
– УКИМ да прерасне во отворен универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високообразовен и научноистражувачки простор. Трансформацијата ќе се одвива со промени и подобрувања во наставата, науката, интернационализацијата и иновациите, создадени во процесот на развој и трансфер на технологии, а со тоа и развој на универзитетското претприемаштво. Отвореноста и посветеноста остануваат основен пристап во работата.
Наставата ќе се унапредува и подобрува преку воведување иновативни форми на настава и учење и модернизација и унапредување на наставните програми. Тоа значи проактивен пристап со акредитирање атрактивни програми што обезбедуваат поголема вработливост на студентите, вклучување адекватни наставни методи и акцент на практичната настава.
Науката е многу важен сегмент и затоа има посебно место во мојата програма. Целта ми е да обезбедам целокупна поддршка за пристап до Европската истражувачка мрежа, што ќе доведе до поголема научна продуктивност и поголема видливост на Универзитетот. Синергијата меѓу науката и наставата е клучна за подобрување на квалитетот на високото образование. Затоа ќе се залагам за поинтензивно инкорпорирање на резултатите од независните научни истражувања во наставата, од една страна, и за развој и трансфер на иновации и знаења кон бизнис-секторот, од друга страна.
Меѓународната соработка и интернационализацијата на Универзитетот во наредниот период ќе бидат рефлексија на поголемата динамика условена од трендот на европеизација и глобализација. Со оглед на улогата и поврзаноста на меѓународните академски алијанси, како и неопходната потреба за создавање и развивање научни, технолошки и образовни иновации, меѓународната соработка на Универзитетот ќе биде излез на европскиот високообразовен простор, кој нуди можности за вмрежување, соработка, усовршување и напредок. Ќе се залагам за зајакнување на интерните капацитети во Одделението за меѓународна соработка со докажани интернационални истражувачи од нашата академска заедница.
Иновациите и технолошкиот трансфер на знаење кон бизнис-секторот ќе бидат мост на поврзување и можност за развој на универзитетски стартап-компании и развој на универзитетско претприемаштво.
Со какви проблеми очекувате да се соочите?
– Предизвиците со кои се соочува Универзитетот се комплексни, но мора да се менаџираат и решаваат. Тие главно произлегуваат од ограничената автономија, пред сѐ финансиската и кадровската автономија. Тоа се два горливи проблема. Ќе се залагам овие права да ни бидат целосно обезбедени, бидејќи се едни од клучните фактори за ефикасно функционирање на Универзитетот.
Екстерните ограничувања произлегуваат и од преголема регулација на определени сегменти во Законот за високо образование, кој „задира“ во автономијата на Универзитетот. Дерегулацијата на Законот за високо образование е нужен предуслов за јакнење на квалитетот на високото образование и дистинкција во квалитетот што се нуди на различни универзитети. Законот треба да го регулира јавниот интерес, да ги одредува мерилата и критериумите за основање високообразовни установи, статусот и стандардот на студентите и други аспекти со кои се регулира и штити јавниот интерес. Прашањата поврзани со студиските програми, изборите во звања и уписната политика треба да бидат оставени да се регулираат на ниво на универзитетите.
Проблемите во нашето интерно опкружување ќе се решаваат со нашите сопствени ресурси. Ќе се залагам за зајакнување на научноистражувачката продуктивност и зајакнување на капацитетите на единиците за пристап до европските фондови за истражување и развој.
Државата издвојува недоволно пари за наука и истражување. Како би го решавале овој сериозен проблем?
– Првенствено ќе се залагам за поголеми издвојувања од државата за наука и истражување, но дефинитивно не можеме да се потпираме само на „добрата волја“ на државата и да чекаме подобри времиња. Императив е Универзитетот да расте и да се развива. Современите универзитети се ориентирани кон наука и истражувања и нивно инкорпорирање во наставата. Затоа во мојата програма е предвидена поддршка на универзитетските тимови за членство во европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ЕРИКС (ERICs) и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура. Потоа, користење на инфраструктурата на отворена наука, како и континуирано вклучување во европскиот облак на отворена наука. Како и досега, ќе се залагам за обновување на опремата во постојните лаборатории и набавка на нова истражувачка опрема. Сите овие, но и други активности за зголемување на научноистражувачката продуктивност ќе придонесат за поттикнување за пријави на проекти во ЕУ-програмите ориентирани кон унапредување на истражувачката инфраструктура, човечките истражувачки капацитети, трансфер на технологии кон индустријата, трансфер на знаење кон општеството, развој на иновации и поддршка на претприемачки компетенции и сето тоа во синергија со насоките од Стратегијата за смарт-специјализација за нашата држава, која е во завршна фаза на донесување.
Проблем за високото образование е и ниското рангирање на меѓународните листи. Како може да се подобри тоа?
– Во изминатиот период заложбите на УКИМ се да поставиме одредени рамки и да направиме пат што би ни овозможил подобрување на резултатите. Рангот на Универзитетот на светските листи е главно резултат на научноистражувачката продуктивност, за која во последниве неколку години се забележува подобрување. На најновите универзитетски рангирања, и тоа на „Шимаго“ (Schimago) и „Вебометрикс“ (Webometrics), се валоризираа нашите заложби во изминатите две и пол години. Лани постигнавме историски највисок број на научноистражувачки публикации, индексирани на „Веб оф сајанс“ (Web of Science) и „Скопус“ (Scopus), што веднаш се одрази со покачување на нашата позиција на неколку од листите за рангирање на универзитетите. За жал, не можеме да се појавиме и на други листи, кои ги рангираат само универзитетите што имаат поголем обем на научноистражувачки публикации од нашите капацитети. Н.Б.З.