„Романсата сѐ уште не е мртва“ беше наслов на концертот што во рамките на Британската вечер на 65. издание на „Охридско лето“ го одржаа британскиот виолинист Џек Либек и пијанистката Катја Апекишева во црквата „Света Софија“. Романтичната вечер, која од почетокот ѝ ветуваше на публиката неповторливо музичко доживување што долго ќе се памети, започна со Соната за виолина и пијано од Франц Шуберт, а продолжи со дела од Шопен, Изаи, Менделсон и Крајслер.
За виолинистот Џек Либек, специјализираното списание „Би-би-си мјузик“ пишува дека поседува „беспрекорно техничко мајсторство“ и „прекрасен филигрански тон“. Либек е професор по виолина на Кралската академија за музика во Лондон и уметнички директор на Австралискиот фестивал за камерна музика. Списанието „Грамофон“ ја опишува пијанистката Катја Апекишева како „неверојатно надарена уметница“, а тоа само го потврдува нејзиниот статус како еден од најнадежните европски пијанисти. Родена е во Москва во музичко семејство. Неодамнешните и идни настапи ја водат Катја во Русија, Норвешка, Јапонија, Швајцарија, Италија, Данска, Германија, Австралија и на сцените во Велика Британија, каде што е постојано присутна.
Британската вечер на „Охридско лето“ ја отвори амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, кој истакна дека преку вакви настани се продлабочува пријателството меѓу двете земји, се зајакнува меѓусебното разбирање и се слави креативноста што ги поврзува двата народа.
– Вистинско задоволство е да се биде домаќин на Британска вечер на годинешниот фестивал „Охридско лето“, еден од најценетите културни настани во регионот, и драго ми е што заедно со Британскиот совет повторно го поддржуваме овој важен фестивал, кој ги зближува луѓето преку музика, уметност и заедничко културно наследство. Горди сме што ви претставуваме еден многу посебен гостин, меѓународно познатиот британски виолинист Џек Либек. Џек настапувал на некои од најголемите светски сцени, од Лондон до Њујорк, и чест ни е што го имаме тука во Охрид. Неговата уметност, страст и способност да се поврзе со публиката навистина го претставуваат најдоброто од нашата култура – рече амбасадорот Метју Лосон.
Честитајќи го 65-годишниот јубилеј на фестивалот „Охридско лето“, директорката на Британскиот совет во Македонија, Клер Сирс, нагласи дека е вистинска привилегија да се биде во Охрид и да се поддржи овој, како што кажа, прекрасен фестивал.