Поздрав со збор и слика од пријателката на „Колибри“ Славица Танеска
Нашата долгогодишна соработничка, уметницата Славица Танеска деновиве ни испрати подарок, илустрација со која ни посакува успешна работна година.
Еве што напиша нашата драга пријателка за читателите на „Колибри“.
„Драги мои, колибровци! Како долгогодишен соработник на списанието ви ја испраќам мојата илустрација ’Бескрајна љубов’ како едно мало потсетување за она што е најзначајно во нашите животи. Без љубов не може да преживее ниту еден човек, дете, животно, билка… Тоа е нешто што нѐ поврзува сите, започнувајќи од мајчинската љубов, која ја добиваме уште од првите денови на нашиот живот, љубовта од семејството, другарите, љубовта од животните. Среќни се оние што се сакани, а богати во душата оние што сакаат и кои знаат да му подарат љубов на другиот. Затоа, утре кога ќе се разбудите, насмевнете му се на сонцето, посакајте си убав ден и подарете љубов кон тие околу вас. Сигурна сум дека прво вие ќе бидете среќни што му подарувате некому толку убаво чувство, а уште посреќни кога од некоја страна ќе ви се возвратат вниманието, насмевката и љубовта.
Среќно драги, колибровци!
Вашиот секогаш верен пријател Славица“
Само да потсетиме дека оваа надарена млада сликарка, Славица Танеска, која својата прва изложба во родниот Охрид ја одржа кога имаше само 12 години, денес е магистерка по сликарство. Во моментот работи како асистентка на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје. Од нејзината 12 година и „Колибри“ ја следи како талентирано дете што подготвува изложби и е добитник на многу награди, а потоа станува и соработник на списанието. Во него беа објавени 60 епизоди на детскиот стрип „Марсо Марсоски“, кој беше првиот стрип што се објавуваше во ова списание. Авторка е на првата насловна страница на додатокот „Колибри +“, како и на насловните страници на повеќе книги. Досега има реализирано девет самостојни изложби и учествувано на 60 групни. Учесничка е на повеќе меѓународни колонии. Има издадено и своја книга „Траги на времето“, во која се презентирани 100 цртежи од 50 брсјачки села во Македонија.
М.Т.