Кавадарци беше домаќин на третиот фестивал „Срма“
Фестивалот „Срма“, всушност, е резултат на една долга и успешна соработка на двата збратимени града Кавадарци и Ковин, додека самата идеја за негово организирање е на Златко Јованов, директор на ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“, и Миливој Грчиќ, директор на Центарот за култура во Ковин
Како што срмениот конец го краси богатиот вез на народните носии од сите краеви во Македонија и од соседна Србија така прекрасниот избор на песни што беа испеани на третото издание на фестивалот на традиционална музика „Срма“ ни ги галеше душите овозможувајќи ни едно прекрасно и единствено доживување полно со емоции. Учесниците, младите таленти од Србија и од Македонија беа наградени со бурен аплауз од страна на публиката, со што уште еднаш се потврди оправданоста да се организира еден ваков фестивал, кој има благородната мисија да им ја доближи изворната етномузика на младите генерации. Поради прогласениот ден на жалост за загинатите во земјотресот во Турција и во Сирија, фестивалот се одржа на 14 февруари во концертната сала на Музичкото училиште во Кавадарци.
Прекрасните песни „Расти расти мој зелени боре“, „Косовски божури“, „Жубор вода жуборила“, „Пошла ми тројанка на воду“, „Густа ми магла паднала“ и „Под гором се шетало девојче“ беа музичките адути на учесниците на фестивалот од Србија составен од исклучително талентираните пејачи: Тијана Станојковиќ, Мирјана Велиќ, Теодора Цревар Даниела Милутинов и Анѓела Миленовиќ. Боите на Македонија ги бранеа исто така многу талентираните млади пејачи: Ангел Димитров, Мартина Илиевска, Сандра Темкова, Кристина Јанакиева и Ана Камчева, кои заедно со своите наставници ги одбрале песните „Ој ти момче охриѓанче“, „Мама ми купила шарени чорапи“, „Во влашкото мало“, „Ој Јано, Јано“, „Босо моме“ и „Праша ли Тинке мајка ти“. Пејачите беа придружувани од оркестарот од Центарот за култура во градот Ковин и оркестарот на традиционални инструменти при ОМБУ „Лазо Мицев-Рале “ од Кавадарци. Круна на фестивалот беше заедничката изведба на сите учесници на прекрасната македонска песна „Јовано, Јованке“.
Фестивалот „Срма“, всушност, е резултат на една долга и успешна соработка на двата збратимени града Кавадарци и Ковин, додека самата идеја за негово организирање е на Златко Јованов, директор на ОМБУ „Лазо Мицев-Рале“, и Миливој Грчиќ, директор на Центарот за култура во Ковин, Република Србија, кој во своето обраќање на отворањето на фестивалот соопшти дека од страна на локалните самоуправи е договорено фестивалот да прерасне во традиционална манифестација.