Кај тренерите, признанијата ги добија Карло Анчелоти и Сарина Вигман

Фудбал

Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, го доби признанието на Европската фудбалска унија (УЕФА) за најдобар играч во 2021/2022. Бензема (34) со Реал триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ), по петти пат од 2009 година наваму, постигнувајќи 15 гола на 12 меча, од кои 10 во нокаут-фазата: Во шпанската Ла лига, тој даде 27 погодоци за нова титула на Реал, а исто така ѝ помогна и на Франција да ја освои Лигата на нации (ЛН) годинава.
– Навистина сум среќен. Првпат го освојувам овој трофеј, но за мене е најважно да освојувам трофеи со клубот – изјави Бензема.
Во најтесниот круг кандидати за наградата, покрај Бензема, кој доби 523 поени, беа неговиот клупски колега, голманот Тибо Куртоа (122) и Кевин де Брујне од Манчестер сити (118).

За најдобра фудбалерка, втора година во низа, беше прогласена Шпанката Алексија Путелјас, членка на Барселона, која поради повреда не настапи на Европското првенство (ЕП) што летово се одржа во Англија. Таа даде 34 гола сезонава, во која Барселона беше првак на Шпанија и вицепрвак на Европа (во финалето загуби од Лион, 1-3). Освен Путелјас, само Перниле Хардер од Данска двапати била најдобра, во 2018 и во 2020 година.
За тренер на годината во машка конкуренција беше прогласен Карло Анчелоти од Реал Мадрид, а во женска Сарина Вигман, селекторката на Англија.
Анчелоти (63) со Реал ја освои 14-та европска титула, за него четврта во кариерата (по две со Реал и со Милан). Холанѓанката Вигман (52) пак ја предводеше Англија до титулата првак на Европа летово, без загубен натпревар. Таа е првиот тренер што предводела две различни репрезентации до титули на ЕП, претходно со Холандија во 2017 година.

Л.Д.