Барселона со новиот суперкомпјутер „маре нострум 5“, чија инсталација се очекува до крајот на оваа година, ќе си ја врати водечката позиција на европската мапа на суперкомпјутери. „Маре нострум 5“ ќе биде од 15 до 20 пати посилен од актуелната верзија „маре нострум 4“, кој е втор најсилен суперкомпјутер во Европа и 13-ти во светот, и 10.000 пати побрз од првата генерација на овој компјутер направена во 2004 година, која беше најсилна во тоа време. Работата на инсталацијата на најновата верзија на овој суперкомпјутер веќе започна во Компјутерскиот центар во Барселона.
„Маре нострум 5“, кој треба да биде подготвен за работа следната година, ќе има максимална пресметана моќност од 200 петафлопи, што значи дека ќе може да извршува 200 милиони милијарди операции во секунда. Неговата цел ќе биде првенствено за европски медицински истражувања, вклучувајќи лекови, вакцини и симулации на ширење на вирусите, како и за предвидување на климата, развој на вештачка интелигенција, обработка на „големи податоци“ и голем број други научни студии. Вкупните трошоци за набавка, монтажа и работа во текот на пет години ќе изнесуваат 223 милиони евра, а половина од буџетот ќе биде финансиран од Европската Унија.
„Маре нострум 4“ во 2021 година заработи 47,2 милиони евра, од кои 9,2 милиони од шпанската и од каталонската влада, а 21,6 милион од Европската комисија. Овој суперкомпјутер заработува пари со изнајмување на определено време. Компјутерскиот центар во Барселона користи само 20 проценти од капацитетот на суперкомпјутерите, а остатокот го делат шпанската мрежа на суперкомпјутери и европската мрежа ПРАЦЕ, така што е достапна за истражувачи од цела Европа.
Барселона стана една од технолошките престолнини што сѐ повеќе привлекуваат меѓународни инвеститори, но и таленти. Комесарот за промоција на градот Пау, Соланила Франко, изјави дека Барселона во последните години сѐ повеќе се фокусира на дигиталната економија и започнувањето стартапи, а само во 2021 година биле инвестирани 1.500 милиони евра во стартап-компании.
– Дигиталниот сектор продолжи да расте за време на пандемијата, што доведе до ситуација во која не можевме да најдеме луѓе за работните места што ги создаваме. Имаме од 7.000 до 8.000 работни места што не можеме да ги пополниме во градот – рече Франко.