„Ауди“ на поврзувањето со Ф1 гледа и како на огромен потенцијал за продажба на повеќе автомобили на глобално ниво. Се очекува „Порше“
да го следи примерот на „Ауди“ и се верува дека сака да купи до 50 отсто од австрискиот тим Ред бул

ФОРМУЛА 1

Германскиот производител на автомобили „Ауди“ за првпат ќе стане снабдувач на мотори во Формула 1 (Ф1) во 2026 година, објави претседателот на компанијата, Маркус Дузман, пренесува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Тимот што ќе го снабдува со мотори, „Ауди“ ќе го објави до крајот на годината, но се очекува тоа да биде Заубер, кој во моментов се трка како Алфа Ромео, со мотор на „Ферари“. Тоа е извесно откако Алфа Ромео соопшти дека ќе ја прекине соработката со Заубер на крајот од 2023 година.
– Формула 1 е глобална сцена за нашиот бренд, но и многу предизвикувачка развојна лабораторија – истакна Дузман.
Моторот ќе биде развиван во објектите на „Ауди спорт“ во Нојбург, во близината на Инголштад, а од компанијата најавуваат дека тоа ќе биде „првпат по повеќе од една деценија да се конструира мотор за Формула 1 во Германија“.
Одлуката на „Ауди“ следува набргу откако на Советот на Светската автомобилска асоцијација (ФИА) беше договорено новите мотори во Ф1 до 2026 година да бидат поодржливи. Новите мотори исто така ќе ја зголемат електричната моќност до 50 отсто и ќе користат 100 отсто одржливо гориво.
„Ауди“ на поврзувањето со Ф1 гледа и како на огромен потенцијал за продажба на повеќе автомобили на глобално ниво.

– Големото интересирање за Формула 1 е глобално, а светскиот шампионат е еден од најголемите спортски настани. Лани повеќе од 1,5 милијарда гледачи ги следеа трките преку ТВ-екраните. Формула 1 е популарна на клучните пазари, како што се Кина и САД, а трендот продолжува да расте, дури и кај младите целни групи – истакнуваат од „Ауди“, кој пред Втората светска војна се тркаше на Европското првенство (ЕП), што беше увертира во Ф1.
Се очекува „Порше“ да го следи примерот на „Ауди“ и се верува дека сака да купи до 50 отсто од австрискиот тим Ред бул со седиште во Англија и за кој вози светскиот шампион Макс Верстапен.
– Тоа би биле два посебни програма. Ние од „Ауди“ ќе ја имаме инфраструктурата во Германија и ако се вклучи „Порше“, тие ќе имаат своја во Обединетото Кралство – вели Дузман.
„Порше“, за разлика од „Ауди“, има настапувано во Формула 1, со свој тим од 1957 до 1962 година. Единствената победа ја има забележано на трката во Франција во 1962 година. Во 1983 година „Порше“ го снабдуваше со мотори тимот на Мекларен и имаше големи успеси, освојувајќи две титули во низа меѓу конструкторите, во 1984 и во 1985 година. „Порше“ последен пат беше во Ф1 во 1991 година, со тимот на Футворк, но без успех.

Л.Д.