Астрономите открија мистериозна група џиновски, постари ѕвезди во срцето на Млечниот Пат, кои испуштаат облаци од прашина и гас со големина на Сончевиот Систем. Ѕвездите наречени олд смокерс беа во мирување многу години, бледнееја речиси до невидливост, пред наеднаш да „издуваат“ огромни облаци од чад и да заблескаат со неверојатна сјајност. Откритието е направено при следење на речиси милијарда ѕвезди во инфрацрвена светлина за време на десетгодишното истражување на ноќното небо.
– Тоа е нов тип на ѕвезди и се чини дека сите се групирани во истиот дел од небото, многу блиску до центарот на нашата галаксија Млечен Пат – изјави професорот Филип Лукас од Универзитетот во Хертфордшир, кој го предводеше истражувањето.
Имено, астрономите работеа на слики од ретко видени новородени ѕвезди, познати како протоѕвезди. Во текот на овие периоди, младите ѕвезди брзо добиваат маса со голтање на околниот гас што формира ѕвезди, што доведува до нагло зголемување на сјајноста. Тимот следеше стотици милиони ѕвезди и идентификува 32 еруптирачки протоѕвезди, чија сјајност се зголемила најмалку 40 пати, а во некои случаи и повеќе од 300 пати.
Меѓутоа, друга група на ѕвезди неочекувано се појави во анализата во близината на центарот на Млечниот Пат. Кога се проучувале подетално со помош на многу големиот телескоп на Европската јужна опсерваторија, се сметало дека седумте ѕвезди се нов тип на ѕвезди од црвени џинови, кои истражувачите ги нарекле олд смокерс.
– Конвекциските струи и нестабилностите во ѕвездите би можеле да предизвикаат ослободување огромни облаци од чад. Тоа се облаци со големина на Сончевиот Систем. Нашата претпоставка е дека тие се облаци од прашина во една насока, веројатно од една точка на површината на ѕвездата – рече професорот Лукас.
Откривањето нов тип ѕвезда што исфрла материја може да има пошироки импликации за дистрибуцијата на тешки елементи во нуклеарниот диск и областите богати со метали на другите галаксии, пишува „Гардијан“.